Достапни линкови

Едни лицитираат, други се сликаат, трети војуваат...


Илустрација
Илустрација

Политиката е секојдневие или секојдневието ни е политика? Судејќи по настаните и фокусот на јавноста - Сеедно, и двете.

Крепи ли буџетот партиски ветувања?

Линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари ветува ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на официјалното почнување на кампањата за двојните избори, претседателски и парламентарни закажани за 24 април и 8 мај. Нивниот политички опонент СДСМ, пак, ветува континуиран раст на пензиите со кој просечната пензија би достигнала 500 евра до 2028 година, минималната 20.000 денари, а пензионерите од државата да добиваат новогодишен пакет од 100 евра.

Илустрација - Фотографија од протестот на пензионерите за линеарно покачување на пензиите во септември 2023
Илустрација - Фотографија од протестот на пензионерите за линеарно покачување на пензиите во септември 2023

Но, додека претставниците на партиите ја вжештуваат дебатата за тоа кој предлог е подобар за покачувањето на пензиите, дел економски експерти оценуваат дека нивните ветувања се повеќе како лицитации со бројки за кои не постои реална поткрепа. Згора на тоа, се поставува и прашањето: Може ли македонскиот буџет да ги „издржи“ ветувањата на политичарите?

И пак за изборите

Најмалку 840 кандидати влегуваат во трка да ги пополнат 120-те места во идниот парламентарен состав што треба да се формира по изборите на 8 мај годинава. Нивните имињата произлегуваат од пет коалиции и две партии кои досега ги објавија листите. Сите од нив, вклучително и партиите од албанскиот блок, ќе имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици, дури и во „тројката“ и „четворката“ каде досега за пратенички мандати вообичаено трчаа само партиите од македонскиот блок партии.

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Рокот за поднесување на листите до Државната изборна комисија (ДИК) истече на 2 април. На терен кампањата веќе извесен период е започната, а партиите не штедат на нови ветувања. Борбата со корупција, економијата и сиромаштијата, како и интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) се темите кои доминираат во јавниот дискурс.

Кој ја „вози“ Антикорупциска?

Од вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик кои ги отворила Антикорупциска, покрај за јавни набавки, постапки се водат и за злоупотреба на возила. Над 1.000 институции не го испочитувале Изборниот законик и не доставиле податоци за службени возила до ДКСК. Некои од нив ги пријавија возилата откако РСЕ ги праша зошто претходно не го сториле тоа.

Илустрација
Илустрација

Меѓу оние позначајните кои не доставиле информации до Државната комисија за спречување на корупцијата се и Агенцијата за национална безбедност, Државната изборна комисија, министерствата за правда, за животна средина, за надворешни работи, за политички систем, финансии и транспорт и врски.

РСЕ се обрати до Владата, како врвот во извршната власт, прашувајќи зошто не доставиле податоци за службените возила кои се во употреба и дали планираат да ги достават податоците до ДКСК. До објавувањето на текстот (3 април), повратен одговор не добивме.

Инстант инфлуенсери?

Социјалните мрежи, пред се Фејсбук и Инстаграм, веќе извесен период се алатки кои им служат на политичарите да промовираат кратки исечоци од своите телевизиски интервјуа со клучните поенти од нивните излагања, каде оние кои го пропуштиле терминот на телевизија, подоцна ќе можат да видат што тој или таа имал да каже.

Некои пијат кафиња, други се шетаат по дуќани, трети праќаат политички пораки, а некои и се водители на поткасти. Па така, во неофицијалното предизборие (од вчера официјално почна кампањата), претседателскиот кандидат Бујар Османи беше домаќин на поткасти, Моника Зајкова од ЛДП ја гледаме како Инстаграм инфлуенсерка, а Гордана Силјановска-Давкова со политички пораки на социјалната мрежа Тик-Ток...

Оваа активност на кандидатите за политички функции за дел од експертите е нормална предизборна себе промоција, но прашањето е и дали навлегува и во сината зона на почитувањето на законите?

Секоја активност на политичар, а особено на официјален кандидат за одредена позиција е промотивна активност, тука нема никаква дилема“, вели за РСЕ комуникологот Бојан Кордалов, објаснувајќи дека во тоа нема ништо погрешно, но доколку се прави на начин во кој се инволвирани и самите граѓани.

„Две работи се клучни – првата е да се почитуваат законите и законските рокови и втората работа е да се изгради комуникациски план и комуникациска стратегија која ќе биде насочена кон вклучување на граѓаните во ваквите активности, а не кон таканаречен гол пи-ар, како што најголемиот дел од политичарите сметаат и се научени да прават“, додава Кордалов.

Стегајте палци

Ако судија се разболе, пензионира или почине некои судови ќе стават „клуч на врата“ оти работат со еден судија. Според статистиката на Судскиот совет судството е речиси преполовено, а долгорочно решение за сега нема. Проблем е и рамномерната распределба по судови, па ефикасноста е на ниско ниво. Според најновите податоци од Судскиот совет, во основните судови во земјава недостигаат вкупно 162 судии за да може да работат навремено и ажурно. Во моментов во нив работат вкупно 272, а потребниот минимум е 434 судии.

N.Macedonia - Lack of judges in the justice system
Инфографика - Недостиг на судии во правосудниот систем

Според овие податоци моменталната пополнетост на судии по основните судови е 60 проценти. Во 2024 година ќе се пензионираат 11 судии, во 2025 - 15, а во 2026 – 14 судии. Ништо подобра не е состојбата ниту во Апелационите судови, па и во Врховниот суд.

Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека проблемот со недостиг на судии потекнува од минатото, а уште повидлив стана овој проблем откако беа направени измените на Законот за работни односи.

Дали Северна Македонија ќе ја признае руската агресија како геноцид?

Северна Македонија да ја признае руската агресија врз Украина како геноцид врз украинскиот народ. Истото, да го направи и за Гладоморот од 30-тите години на минатиот век.

Во посета на Собранието на Северна Македонија беа пратениците од Врховната рада во Украина Михаило Борисович Радутскиј и Олга Анатоливна Стефанишина, 4 април 2024
Во посета на Собранието на Северна Македонија беа пратениците од Врховната рада во Украина Михаило Борисович Радутскиј и Олга Анатоливна Стефанишина, 4 април 2024

Вакви барања од идниот парламентарен состав што ќе се формира по изборите на 8 мај во Северна Македонија, побараа двајца украински пратеници на средба на 4 април во Скопје со Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.

Пратеници и од власта и опозицијата изразија подготвеност идниот состав македонското Собрание што ќе биде избран на 8 мај, да донесе декларација за геноцид во Украина. Украински пратеници на средба во македонскиот парламент разговараа и за интеграцијата во ЕУ и предложија кандидатите да формираат сојуз.

Русија, Украина, Газа, притворени новинари...

Од надворешно-политичките случувања - во фокусот и панатаму се руската инвазија врн Украина, состојбата во Газа, притворите на новинари во Русија кои „сами не се пријавиле како странски агенти“...

Обединетите нации објавија дека од почетокот на руската инвазија врз Украина загинале над 10.500 цивили, од Израел стасуваа вести за силен притисок врз премиерот бенјамин нетанјаху и од внатре и од надвор, од Русија сведоштва за тешките услови на притворените новинари...

Судот во рускиот град Казан донесе одлука за продолжување на притворот на новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, до 5 јуни и го одби нејзиното барање да биде префрлена во домашен притвор.

Таа е обвинета за тоа што не се пријавила како „странски агент“ и за ширење дезинформации за руската војска, обвиненија кои нашироко се сметаат за одмазда за нејзината новинарска работа. Појавувајќи се на суд на 1 април, Курмашева, двојна државјанка на САД и Русија, ги опиша лошите услови во затворот и рече дека нејзиното здравје се влошило бидејќи немала пристап до лекување.

Автор, а не актер во сопствениот живот

Зошто граѓаните на избори гласаат повеќе „против“ отколку „за“? Им треба ли тренинг за личен развој на политичките лидери? Зошто жртва наместо слобода на избор? Одговорите во подкастот „Зошто?“ ги баравме од Ида Протуѓер, која новинарството го замени со life coaching или тренер за личен и организациски развој. Слушнете ја Протуѓер што ни одговори.

XS
SM
MD
LG