Кога ја ставиле „Крајот на Еди“ на 50 отсто попуст, не ни сонувале дека ќе предизвикаат толкава бура на реакции. Издавачката куќа „Полица“ со години дава поддршка на човековите права, а ја поддржува и Парадата на гордоста. Годинава во јуни, кога обично се одржува Парадата на гордоста, половина месец на попуст бил романот „Крајот на Еди“, на младиот француски автор Едуар Луј, втората половина од месецот на попуст била уште една негова книга – „Историја на насилството“.
Францускиот писател Луј пишува за сиромаштијата, расизмот и алкохолизмот меѓу француските работници. Но, пишува и за својата хомосексуалност.
Токму тоа беше иницијална каписла за почеток на хајката на социјалните мрежи против книжарницата.
„Досега како поддршка на Парадата на гордоста, цел излог ни бил во боите на виножитото, цел месец имало на попуст квир литература, но досега немало вакво нешто“, вели за РСЕ наградуваниот писател Петар Андоновски, кој работи во книжарницата.
Тој пет години е дел од Полица, исто колку што на полиците во книжарницата ги има романите на Едуард Луј.
„Ќе ви се случи народ и навистина ни се случи народ“
Сè почнало кога Полица на својата Фејсбук страница објавува дека како поддршка на Месецот на Гордоста, ги става делата на Луј на 50 отсто попуст.
„Постот на Полица го преземаат од групата „Преземи одговорност“ и почнуваат да повикуваат на бојкот на книжарницата, повикуваат да се пишуваат што повеќе негативни коментари, оние што ја лајкнале страницата да ја одлајкнат, сè со цел да направат штета на Полица, но за среќа тоа не помина“, вели Андоновски.
Изненадувачки, јавната хајка против книжарницата предизвика спротивен ефект.
Рекоа „ќе ви се случи народ и навистина ни се случи народ“, вели писателот за поддршката што ја добиле.
„Може само да им кажеме ви благодарам, бидејќи можеше и акцијата да помине незабележано, да не покренеа хајка можеби ќе продадевме само 10 примероци од книгата, а вака продадовме повеќе од 200. Морам да кажам дека имаше и неколку свештени лица кои дојдоа да дадат поддршка“, вели тој.
Фејсбук групата „Преземи одговорност“ се залага за „заштита на децата од трансродовата идеологија и рамноправност помеѓу мажите и жените“. Тие го поддржаа и протестот на Црквата и другите верски заедници против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, со кои ЛГБТ лицата треба да добијат поголеми права.
„Не, не е проблемот што во книгата се опишува приказна на момче што има поинаква сексуална ориентација, проблемот е тоа што на сила ни пикате под нос нешто што е поразлично од нашиот светоглед и ги таргетирате нашите деца. Требаше да ви биде јасно дека децата се црвената линија и не треба да ја преминувате, инаку ќе ви се случи родители и народ!“, пишуваат од Преземи одговорност на Фејсбук.
Андоновски вели дека никој од тие луѓе кои коментирале на социјалните мрежи не дошол да ја купи книгата и да види за што се работи.
„Да дојдеа, ќе им ја подаревме“, вели тој и додава:
„Навистина на корицата има дете, но далеку е од детска книга, ако се разбираат од книги ќе може да направат разлика како изгледа детска книга, а како книга за возрасни“, вели Андоновски.
„Крајот на Еди“ е автобиографска книга. Зборува за растењето на авторот во мал град во Франција каде бил жртва на врсничко насилство заради поинаквата сексуална ориентација, иако во тоа време јавно не се декларирал како геј.
На 24 јуни во Скопје по четврти пат се одржа Парада на Гордоста.
Една недела подоцна, Македонската православна црква, со поддршка на Исламската заедница, Католичката црква и други верски заедници организираше собир против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, со кои ЛГБТ лицата треба да добијат поголеми права. Но, законите против кои протестира Црквата, не се во собраниска процедури и се далеку од донесување.
Парадата, а потоа и протестот на Црквата, ги подигна тензиите во општеството.
На денот на протестот на верските заедници, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повика ЛГБТИ заедницата да избегнува да се движи околу местото каде што се одржа протестот. Советуваа тие денови јавно да не се носат обележја кои асоцираат на ЛГБТИ и секој инцидент да се пријави во полиција. Но, од организацијата се свесни дека овие лица ретко пријавуваат случаи на насилство и прекршување на нивните права.
Видете и ова: Ознака на пол може да се смени и без новиот законВо јуни говорот на омраза против сексуалната ориентација е на прво место
Хелсиншки комитет во својот квартален извештај за состојбата со говор на омраза во периодот април – јуни, наведува дека откако на 4 јуни на прес-конференција е најавено одржувањето на Парадата на гордоста, па до нејзиното одржување на 24 јуни, забележани се коментари кои промовираат омраза, омаловажување, повикуваат на насилство и ликвидација на оваа заедница. Па ако во април и во мај говорот на омраза поради сексуална ориентација е на второ, односно на трето место во јуни избива на прво место.
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Исмаил Камбери рече дека половина од претставките кај кои Комисијата утврдила дека има дискриминација се однесуваат на ЛГБТ заедницата.
„Од 255 претставки во 70 е утврдено дискриминација, од тие 70, 36 се кон ЛГБТ-и заедницата и тие најчесто се однесуваат во областа на медиумите и јавното информирање, особено на социјалната мрежа фејсбук каде што се забележува дека и поистакнати членови на нашето општество ги деградираат и вознемируваат претставниците на оваа заедница“, рече Камбери во интервју за Радио Слободна Европа.
Од Полица не го пријавиле вознемирувањето и хајката што против нив е покрената на социјалните мрежи во јуни. Иако стравувале дека може да бидат цел на напади за време на протестот на Црквата, како што велат, за среќа не се случило ништо.
Делата на младиот француски автор сè уште се на нивните полици. Само што сега многу повеќе луѓе знаат за тоа.