Мечките ќе почнат да се јадат сами меѓу себе. Ќе се појави канибализам кај нив бидејќи немаат храна. Гладни, бараат што да јадат, па се спуштаат блиску до луѓето.
Вакви драматични предупредувања испраќаат жители на селата околу Дебар, кои трпат штети и бараат чаре за мечките.
„Тие шетаат кога немаат храна. За жал, никој не води грижа за животните. Концесионерите си го гледаат нивниот интерес. Последните 7-8 години не сме виделе хранилица, нема пребројување за точна бројка на дивеч, нема контрола колку дивеч се тепа. Ова е земја на ловџиите, а ние во нашата куќа сме гости. Состојбата во Дебар ќе биде хаотична“, вели Роналд Војника, претседател на здружението на ловци „Стогово - 2“.
По Маврово и Жировница, и дебарскиот регион во западна Македонија го сардисаа мечки. Националниот парк „Маврово“ прави хајки за да ги држи подалеку од селата во мавровско - па мечките преминале накај дебарско, сведочат мештаните.
Тука, го јадат родот од нивите. Локалците велат – многу ги има. Живеат во страв и во гнев оти не можат да ги работат нивите, ниту да собираат костени во шумата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кафеавата мечка во Северна Македонија е забранета за лов уште од 1996 година. Институциите можат да дадат дозвола за лов на агресивни мечки. Таква дозвола досега не е издадена.
Луѓето во село Баниште ги заклучуваат вратите штом ќе се стемни. Три месеци се затворени дома, од јули, кога била видена првата мечка. Селото е прочуено по Дебарските бањи, тука доаѓаат и туристи.
„ Беше околу 16-16.30 часот, дојдов во Баниште. Мечка со две мали мечиња стоеше на неколку метри од мене. Се исплашив. Може да те направи лом. Јас избегав, веднаш. Дојде дома, кај куќите. Има многу мечки“, ни раскажува младиот Агон Перчи кого го сретнавме во центарот на Дебар.
Земјоделецот Фатим Фида има нива во село Коњари, на пет километри од Дебар. Мечки и диви свињи му ги изеле пченките и гравот. Обесил вреќи да се веат покрај нивата, палел гуми за огнот да ги плаши мечките. Ништо не го спасило.
Има многу гладни усти, а храната не е доволна.
„Тие мечки треба да се хранат. Ако не се храни, може и во куќа да влезе. Мора да јаде, што да јаде? Тука доаѓа секоја ноќ. 1000-1.500 евра е штетата. Само од тука исфрлив 300 килограми грав“, вели Фида.
Бајрам Дема живеел во Америка, сега е дома. Околу куќата поставил камера.
„Компири не можеме да сееме. Мечката иде, ги собира пченките. Што да ѝ правиме, забрането е да ја тепаме. Заградив еден метар со шајки...доаѓаше, ги гледаше шајките и не влегуваше внатре“, го кажува Дема своето искуство.
Пчеларниците се заградени со железна ограда. Пчеларот Дилавер Дема ставил двојна ограда, ја поврзал со струја и ја заклучил со катанец. И покрај тоа, мечката влегла двапати и го искршила пчеларникот.
„Ни концесионерот не даваше ништо на мечките, ни природата. Претходно, сами ние ги храневме. И поскапо го направија ловиштето и не пуштаат храна за животните. Две жици на пчеларникот, како јуфки ги има скинато“, вели Дема.
Пред десетина дена мечка била видела близу ѓубриште во Дебар - од десната страна на влезот од градот, веднаш зад фабриката „Кнауф“.
Концесии за ловиштата се за 20 години
Здружението на ловџии „Стогово 2“ неодамна апелираше до жителите на Дебар и Центар Жупа да се движат внимателно низ шумата, сега во сезоната на костени и печурки. Ловџиите обвинуваат дека концесионерите на ловиштата, особено скопскиот концесионер, не ги прихранува животните доволно и дека тоа е една од причините што бараат храна.
Здружението уште лани поднело жалба до шест институции – министерства, инспекторати, вицепремиерот Артан Груби... Укажале дека енормно се зголемил бројот на мечки и диви свињи кои прават штети, дека концесионерот неодговорно стопанисува со ловиштето... Никој не им одговорил.
На петицијата со која се бара решение на проблемот се потпишале 870 граѓани.
Ловџиите се уверени дека во дел од ловиштата се ловат и животни за кои ловот е забранет, од страна на ловџии од „елитата“ во Скопје и во Албанија.
На територијата на Дебар има три ловишта: „Стогово“, „Дешат“ и „Бомово“. Биле дадени под концесија во 2015 година. Со „Стогово“ и со “Дешат“ стопанисува компанијата „Канеш-Стогово-Скопје“. Концесијата е на 20 години. За првото ловиште ѝ плаќа на државата 350.000 денари годишно на државата, а за помалото, по околу 93.000 денари годишно.
Концесијата за ловиштето „Бомово“ ја добила локалната фирма „Викторија Виц“ ДООЕЛ за сума од 35.000 годишно.
И од двете фирми концесионери за РСЕ изјавија дека прихрануваат соодветно, согласно договорите за концесија. Обврзани за да оставаат храна за животните за кои важи концесијата - а од таа храна јадат и мечките.
„Обвинувањата се неосновани. Прихрануваме плански, имаме записници. Министерството за земјоделство и шумарство прави контроли. Се е евидентирано. Има мала група ловџии кои мислат дека треба да ловат без пари“, велат од концесионерот „Канеш - Стогово - Скопје“.
Од таму реагирале до Министерството дека бројот на мечки е двојно па и тројно зголемен.
„Со години ја следиме ситуацијата со мечките. Само на камера регистриравме 40 единки во последните две години, а колку има што не поминале пред камера? Но, ние не смееме да ловиме мечки“, велат од компанијата.
Видете и ова: Рампа и ловиште на ПелистерЛулзим Лела, сопственик на „Викторија Виц“, вели дека неговата обврска е да носи храна за дивите свињи, срните и зајаците на ловиштето. Од таа храна јадат и другите животни.
„Јас имам мал дел ловиште, накај Албанија. Го држам за мерак, и самиот сум ловџија. Во ловна сезона, редовно доаѓаат контроли“, ни рече Лела.
На прашањата до инспекциските служби за тоа колку контроли се направени кај концесионерите на ловиштата и што е констатирано, досега не добивме одговор.
Државата да го реши проблемот
Додека се бара „виновникот“, жителите на Дебар очекуваат итно да се реши проблемот.
„Опасно е. Државата може да си најде начин. Оваа година е многу терсене и лошо со мечките“, вели Менсир Шаќировски, кој уште чека отштета за уништените пчеларници.
Во Центарот за управување кризи (ЦУК) во петокот (3 ноември) се собраа претставници од сите надлежни институции и од здруженијата за заштита на животни. Кажаа дека мерката со заплашување на мечките, без убивање, дала добри резултати. Националниот парк „Маврово“ спровел осум акции (хајки) при што на одредени локации се пука во воздух, барутот ги плаши мечките и тие бегаат подалеку од населените места.
Мерките што ги донесе Владата се: да се чистат ѓубриштата околу населените места, да се контролираат сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели и тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда. Во мерките кои се усвоени се предлага и обезбедување посебни хранилишта надвор од населени места и употреба на превентивни средства за заплашување и одвраќање на мечките.