Фирми, хотели и милиони евра: Богатството на Милан Радоичиќ во Србија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пет фирми, деловни простории, хотел на Копаоник, вила во елитен дел на Белград - сето ова во Србија официјално е во сопственост на Милан Радоичиќ, покажува истражувањето на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Радоичиќ, кој јавно ја презеде одговорноста за вооружениот напад на косовската полиција во селото Бањска, сопственоста на тој имот ја дели со бизнисменот Звонко Веселиновиќ од северот на Косово и неговиот брат Жарко.

Само во 2022 година нивните компании заработиле над 24,5 милиони евра, покажуваат податоците од финансиските извештаи кои ги анализираше РСЕ. Тоа е нивниот профит по оданочувањето. Вредни договори биле склучувани со државата - градовите во Србија и разни јавни претпријатија.

Работата за изградба на мост кај Краљево, за околу еден милион евра, била договорена со нивната компанија три дена откако се случи вооружениот напад на северот на Косово. До објавувањето на овој текст Владата на Србија и надлежното министерство не одговорија на прашањата на РСЕ врз основа на кои критериуми фирмите на Радоичиќ и браќата Веселиновиќ ги добиле тендерите.

Останува неодговорено прашањето дали е прекината соработката со државата откако Радоичиќ беше идентификуван како организатор на нападот во Бањска. Компаниите во сопственост на Веселиновиќ и Радоичиќ не одговорија на прашања за работењето и имотот.

Компаниите со кои раководат Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ само во 2022 година заработиле над 24,5 милиони евра Податоците се од финансиските извештаи кои ги анализира РСЕ

И пред нападот на косовската полиција на 24 септември, кој беше означен како терористички чин во Приштина, косовските власти го поврзуваа Милан Радоичиќ со криминални активности. Името на Звонко Веселиновиќ се споменува и поврзува со криминалот во Косово.

Но, Србија која не ја признава независноста на Косово, не ги признава ниту обвинувањата кои доаѓаат од косовските власти.

Нападот во Бањска не се третира како тероризам, а Радоичиќ не е обвинет за убиството на полицаецот Африм Буњаку во постапката пред Вишото јавно обвинителство во Белград. Меѓу осомничените кривични дела се предизвикување јавна опасност и недозволено набавување и поседување оружје.

Официјален Белград одлучи да не ги применува санкциите на Соединетите Држави и Велика Британија кон Радоичиќ и Веселиновиќ, бидејќи за тоа нема меѓународни обврски.

Тие беа ставени на црната листа на САД во декември 2021 година поради сомневања за организиран криминал и корупција.

Имотот на компанијата е речиси 40 милиони евра

Милан Радоичиќ, заедно со Звонко и Жарко Веселиновиќ, официјално е регистриран, под свое име, како сопственик на една фирма - „Инкопа“ од Ќуприја во централна Србија. А „Инкоп“ поседува четири фирми ќерки од различни дејности - од градежништво, до хотелиерство и сообраќај.

Недвижностите и опремата на тие пет компании се во вредност од најмалку 38 милиони евра, покажуваат финансиските извештаи за 2022 година, достапни на веб-страницата на Агенцијата за деловни регистри на Србија (АПР).

Радоичиќ, кој јавно ја презеде одговорноста за вооружениот напад на косовската полиција во селото Бањска, ја дели сопственоста на фирмите со бизнисменот од северот на Косово Звонко Веселиновиќ и неговиот брат Жарко.

Изградбата на патишта е најпрофитабилниот бизнис

Меѓу фирмите на Радоичиќ и браќата Веселиновиќ, најисплатлива е „Инкоп“, со чии машини се направени патишта на повеќе локации во Србија. Фирмата „Инкопа“ во 2022 година заработила околу 17,4 милиони евра. Во тоа друштво, Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ имаат по 40 отсто од акциите, додека Жарко Веселиновиќ има 20 отсто.

Според финансиските извештаи што ги анализира РСЕ, недвижниот имот и опремата на „Инкоп“ лани биле во вредност од околу 10 милиони евра. Таа компанија заедно со нејзините сопственици е под санкции на Соединетите Држави. Но, бидејќи тие не се обврзувачки за Србија, „Инкопа“ работи непречено.

Меѓу работите кои претходно ги истражуваше РСЕ, се издвојува изградбата на брз пат од Пожаревац до Голупец на истокот на Србија. Таму, во февруари 2022 година, државата даде согласност „Инкоп“ да биде еден од подизведувачите на кинеската компанија Шандонг, за што РСЕ претходно пишуваше.

Таму работите на патот се во тек.

„Инкоп“ од Ќуприје, во кој Милан Радоичиќ поседува 40 отсто од акциите, во 2022 година заработил околу 17,4 милиони евра.

Вила со базен во близина на стадионот Ѕвезда

Високите ѕидови, камерите и обезбедувањето кријат од очите на јавноста вила од речиси 500 метри квадратни во елитен дел на Белград. Вилата со базен и парцела од 15 ари во близина на фудбалскиот стадион Црвена звезда е во сопственост на фирмата „Инкоп“.

Просечната цена на метар квадратен за куќи во таа белградска општина е околу четири илјади евра, покажуваат податоците на Агенцијата за недвижности за 2023 година. Тоа значи дека вилата во сопственост на Радоичиќ и браќата Веселиновиќ на пазарот би вредела најмалку два милиони евра.

Во катастарот фирмата „Инкоп“ е запишана како сопственик на вилата со базен од речиси 500 метри квадратни.

Договор со државата по нападот во Бањска

Три дена по нападот на косовската полиција во Бањска, фирмата „Нови Пазар-патишта“, чии крајни сопственици се Милан Радоичиќ и браќата Веселиновиќ, склучува договор со државата. Јавното претпријатие „Патишта Србија“ на 27 септември на тоа претпријатие му доверило изградба на мост во Адране кај Краљево, вреден околу еден милион евра.

РСЕ ја праша компанијата „Патишта Србија“ зошто „Нови Пазар-патишта“ го доби тендерот и дали одлуката за јавната набавка е преиспитана по вооружениот напад во Бањска организиран од Радоичиќ.

Тие одговараат дека Законот за јавни набавки „не предвидува преиспитување на одлуката за доделување на договор за јавна набавка“ во тој случај.

Дополнително наведуваат и дека „не е важно кој е сопственик на фирмата што учествува во јавните набавки“.

Работата за изградба на мост кај Краљево, за околу еден милион евра, е договорена со компанијата на Милан Радоичиќ и браќата Веселиновиќ три дена по вооружениот напад на северот на Косово.

Компанијата „Нови Пазар-пaтишта“ од јануари 2020 година е во сопственост на „Инкопа“, односно вистински сопственици се Радоичиќ и Веселиновиќ. И таа компанија е под американски санкции, а во исто време добива бизнис и со државата Србија. Таа доби договори за изградба и одржување на патишта во неколку градови и општини во југозападна Србија.

Лани, во 2022 година, заработката на компанијата била околу 6,5 милиони евра, додека нејзиниот имот е вреден 10,6 милиони евра.

Според документите кои ги анализираше РСЕ, фирмата „Нови Пазар-патишта“ се појавува и како подизведувач на работите на експресниот пат во централна Србија, кој го гради кинеска Шандонг.

Луксузниот хотел на Копаоник работи без лиценца

Во центарот на Копаоник, најголемиот скијачки центар во Србија, во подножјето на една од скијачките патеки, внимание привлекува логото на црниот волк на еден од хотелите. Станува збор за хотелот „Греј“ (Grey), кој на веб-страницата се опишува како „луксузно опремен, со пет ѕвезди“, со десетици соби и апартмани, базен, спа центар и ресторан.

Сопственик на зградата и парцелата од 25 ари е фирмата „Доли Бел“ со седиште во Белград - фирма ќерка на „Инкопа“. Тоа значи дека Милан Радоичиќ и браќата Веселиновиќ се вистинските сопственици на хотелот.

Компанијата што стопанисува со хотелот на Копаоник, според финансиските извештаи за 2022 година, има имот вреден околу 16 милиони евра во недвижен имот и опрема. Извештајот покажува и дека компанијата лани пријавила загуба од околу 700 илјади евра.

На фотографиите од хотелот „Греј“ може да се забележи дека зградата има неколку катови и дека е доградувана.

Но, колкава е квадратурата на хотелот, на катастарот не му е познато. Односно, во јавно достапните катастарски податоци стои дека површината на објектот „не е евидентирана“ и дека нема дозвола за употреба.

Според законот, хотелот нема да може да работи без дозвола за работа.

Сепак, медиумските извештаи од официјалното отворање, како и фотографиите од Инстаграм профилот на хотелот, покажуваат дека хотелот работи уште од јануари 2016 година.

Хотелот „Греј“ на веб-страницата е опишан како „луксузно опремен, со пет ѕвезди“, со десетици соби и апартмани, базен, спа центар, ресторан

Ниту од компанијата „Доли Бел“, ниту од Министерството за градежништво, до објавувањето на овој текст, не одговорија на прашањата на РСЕ како хотелот работи без употребна дозвола.

Хотелот има и тераса, која според фотографиите и сателитските снимки кои ги анализираше РСЕ, се наоѓаат на државно земјиште.

Од финансиските извештаи на компанијата што го води хотелот, РСЕ не можеше да утврди дали и колку хотелот и плаќа кирија на државната за земјиштето за терасата на хотелот.

Од „Доли Бел“ не одговорија ниту на тоа прашање, ниту како реагираат на обвинувањата на косовските власти за престојот во хотелот на вооружената група организирана од Радоичиќ.

Косово тврди дека напаѓачите од Бањска биле во хотелот на Радоичиќ

Косовските власти тврдат дека Радоичиќ и вооружена група го користеле хотелот „Греј“ пред нападот во Бањска, а како доказ за тоа објавиле снимка од дрон, кој наводно бил запленет во полициската акција.

Тогаш Косово објави тврдења дека Радоичиќ користел објекти на српската армија за обука на напаѓачи, што властите во Белград ги негираа.

Но, тие не ги коментираа наводите за вооружената група на имотот на Радоичиќ.

„Она што го прави Радоичиќ на приватен имот не е работа на српските вооружени сили“, изјави на 2 октомври началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, Милан Мојсиловиќ.

Истото име и истото лого на црн волк со хотелот на Копаоник дели и ресторанот Греј во центарот на Северна Митровица во Косово. Тој ресторан е заведен во трговскиот регистар на Србија, како сопственост на Ема Радоичиќ, сопругата на Милан Радоичиќ.

Косовската полиција изврши претрес на ресторанот „Греј“ во Северна Митровица во деновите по вооружениот напад во Бањска. Во таа акција на косовската полиција направи претрес и во вилата на Радоичиќ на езерото Газиводе, која потоа властите ја конфискуваа.

Косовскиот министер за полиција Џељаљ Свечља, на Фејсбук, заедно со снимката од вилата, напиша дека „под маската на бранители“, Радоичиќ и неговите соработници станале мултимилионери.

За конфискацијата на тој имот коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој оцени дека Радоичиќ „секогаш стоел покрај својот народ“ и дека „знаел дека ќе му биде одземен имотот на Косово“.

„Мислат дека го критикуваат со тоа богатство. Но тој со тоа покажа - гледате, тоа богатство не ми значи ништо, ако моето семејство и мојот народ немаат слобода“, изјави Вучиќ на ТВ Хепи на 2 октомври.

Намерата на косовските власти да ја претворат вилата на Радоичиќ во Газиводе во полициска станица, Вучиќ ја оцени како „безобразлук“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Животот во Бањска, Косово, десет дена подоцна

Автобуска станица во Ќуприја и фабрика за бетон

Во последните години Радоичиќ и браќата Веселиновиќ презедоа уште две банкротирани државни фирми во Србија.

Едната е „Бетоњерка Алексинац“, која беше презадолжена компанија од југот на Србија и која премина во рацете на компанијата „Инкоп“ во октомври 2019 година.

А со новите сопственици, „Бетоњерка Алексинац“ во текот на следните години склучува големи договори со државата, а приходите на компанијата почнуваат да растат.

Таа компанија, исто така, е под санкции на САД од декември 2021 година. Компанијата минатата, 2022 година, ја заврши со добивка од над 750 илјади евра. Нејзиниот имот е вреден 1,3 милиони евра.

Таа е една од групата компании кои заеднички договориле работа со државната „Електродистрибуција Србија“, покажува анализата на РСЕ. Нивниот последен договор со Електродистрибуција беше договорен на почетокот на септември 2023 година. Договорот е за изградба на столбови за далноводи во вредност од 2,5 милиони евра.

Во декември 2022 година „Инкоп“ ја купи и државната компанија „Велмортранс-плус“ од Ќуприја.

Видете и ова: Оружје во црквите на СПЦ во Црна Гора- засега недокажано сомневање

Станува збор за градски превозник кој заврши во стечај, а „Инкоп“ го купи за околу половина милион евра, односно за половина од проценетата вредност.

Со тоа Радоичиќ и браќата Веселиновиќ станаа сопственици на вредниот имот на компанијата покрај автопатот Белград-Ниш, меѓу кои се и автобуската станица во Ќуприја и повеќе од два хектари земја.

Кои се Радоичиќ и Веселиновиќ?

Во српската јавност Радоичиќ и Веселиновиќ се претставуваат како деловни партнери, бизнисмени по потекло од Косово.

До вооружениот напад на косовската полиција, Радоичиќ беше потпретседател на Српската листа, водечката партија на Србите од Косово, која ја ужива поддршката на официјален Белград.

Кога со јавно писмо на 29 септември ја призна одговорноста за нападот во Бањска, објави и дека се повлекува од функцијата во Српската листа.

Радоичиќ и пред тоа беше во бегство од косовските власти, но поради обвинувања за корупција.

Косовскиот министер за полиција Џељаљ Свечља го означи како еден од водачите на криминалните структури на северот на Косово. Косовското обвинителство ги поврза Веселиновиќ и Радоичиќ со убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ.

Тие беа спомнати како наводни организатори на криминалната група, но против нив не беше поднесена пријава, бидејќи тогаш беа во бегство. Косовскиот закон не дозволува покренување обвиненија против бегалци, освен ако тие не биле претходно донесени на распит.

Српската листа ги отфрли сите обвинувања против Радоичиќ, а Радоичиќ се огласи и за случајот Ивановиќ, наведувајќи дека „не бил најблизок пријател“ со Оливер Ивановиќ, но дека „не е убиец“ и дека „нема врска со убиство“ на политичарот.

Според санкциите, на Радоичиќ и Веселиновиќ им е забранет влез во САД, им се конфискува имотот во таа земја доколку го имаат, а на американските државјани им е забрането да работат со лица од црната листа.

Во декември 2021 година, коментирајќи ја одлуката на САД со која Радоичиќ и Веселиновиќ беа ставени на црната листа, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека надлежните органи ќе истражат сè доколку има „некои сериозни обвиненија“.

Во месеците по таа изјава, јавноста во Србија не дозна дали обвиненијата се истражени, ниту пак Владата и Претседателството на тоа прашање му одговорија на Радио Слободна Европа. Милан Радоичиќ се појавуваше на официјалните собири, покрај Александар Вучиќ.

Во извештајот на Соединетите Држави, во кој се образложени санкциите, се наведува дека Звонко Веселиновиќ е водач на организирана криминална група, дека Радоичиќ е негов заменик и дека се вмешани во широка шема за поткуп.

Според извештајот, криминалната група се занимава со шверц на наркотици, оружје и стока меѓу Косово и Србија. Во коруптивната шема се споменуваат и политичари на кои Веселиновиќ наводно им помагал во предизборната кампања, а за возврат „ќе го наградувале со најдобри инфраструктурни договори“.

Не е прецизирано за кои политичари станува збор. Радоичиќ и Веселиновиќ, покрај санкциите од САД , тие се санкционирани и од Велика Британија од 2022 година, исто така, поради сомневања за корупција. Иако во Србија нема никакви последици, санкциите се правно обврзувачки за американските и британските компании и граѓани, на кои им е забрането да работат со лица од црната листа.

Илустрација на Махир Сијамија, Анимација на Берин Теровиќ, соработка на текст Милош Катиќ