Воинот на коњ, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов - Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, прво заседание на АСНОМ и споменик за основачите на ВМРО и лавовите.
Ова се вкупно 11-те споменици опфатени во истрагата „Феникс“ на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Истрагата ја води обвинителот Љубомир Лапе, за кој рече дека е сложен предмет кој го работел подолг временски период.
Видете и ова: Отстранување или легализација на спомениците од „Скопје 2014“?Истрагата на обвинителството, која се уште е во тек, покажува дека над 16 милиони евра државни пари биле префрлени на општина Центар, која во периодот од 2007 до 2013 година склучувала договори со италијански леарници на споменици, кои, пак, работата ја завршувале нивни подизведувачи за многу помали пари. Истрагата од прибавените докази покажува дека споменик кој на тендер е платен 4.7 милиони евра, во Италија е даден на подизведувач да го изработи за 2.3 милиони евра. „Феникс“ опфаќа и 15 физички лица, меѓу кои и еден италијански државјанин и седум правни лица, од кои три правни лица се од Италија.
Првоосомничен е поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, второосомничен поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, а на долгата листа на осомничени се наоѓа и поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова, потоа поранешниот претседател на Советот на истоимената општина, Владимир Здравев и други.
Се бара притвор, замрзнување сметки и одземање имот
Како што изјави обвинителот Љубомир Лапе, до судија на претходна постапка се доставени барања за претреси за одземање имот, замрзнување на банкарски сметки, мерки притвор и други мерки за обезбедување на лица.
„Под превезот на историското и државотворното знаење на личностите за кои се подигнуваат споменици, осомничените започнале со реализација на проект „Скопје 2014“за кој не постои никаков писмен документ или програма од надлежен државен орган. Преку Министерството за култура, се подготвувале и поднесувале иницијативи за поднесување споменици со образложение дека се работи за спомен обележја од локално значење за жителите на општина Центар. Иницијаторите поднесувале пред Советот на општина Центар постапки за подигнување на споменици за кое единствено е надлежно Собранието. Осомничените ги прифатиле средствата, без законски основ и без отворање на отворени посебни сметки, заобиколувајќи ја парламентарната контрола за врз процес на планирање и трошење на парите“, изјави на прес – конференцијата обвинителот Лапе.
Видете и ова: Фасади и фонтани наместо канализации и водоводиКако што објасни Лапе, направени се незаконски јавни набавки за избор на леарница за изработка на спомениците. Бил прифатен избор на понуди со нереални цени, без притоа да се исполнат условите, додека понудите од другите компании биле отфрлани. Овие дејствија, како што рече обвинителот биле помогнати од италијанскиот државјанин кој им ги ставил на располагање неговите правни лица.
„Во 2008 година до 2009 од Фиренца, еден од осомничените преку двете осомничени правни лица со кои управувал во неколку наврати преку банкарски трансакции и фиктивни фактури пуштил во оптек од Италија кон Македонија 117 221 евро. Овие пари од сметката на правното лице во Македонија биле подигнати и предадени на еден од осомничените, потоа дел од нив биле префрлани на други правни лица од каде повторно биле подигнувани“, објасни Лапе.
За истрагата „Феникс“, обвинителството прибавило докази и од 5 странски држави. Оваа истрага Обвинителството ја води веќе 7 години, а ја презеде од Специјалното јавно обвинителство. Нема поднесено обвинение за ниту еден од осомничените, а многу од изнесените детали од истрагата се веќе познати затоа што беа објавувани во медиумите изминатите години.
Очи вперени во апсењето на Тодоровиќ
Поранешниот градоначалник на општина Центар и сопственик на маркетите „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ синоќа беше уапсен на скопскиот аеродром и спроведен во полициска станица. Тодоровиќ е дел од групата на петмина уапсени како дел од полициската акција на МВР вчера. Покрај Тодоровиќ, вчера на граничниот премин Табановце приведен е и Владимир Здравев, поранешен претседател на Советот на општина Центар. Обвинителот потврди дека било побарано нивно приведување според проценка дека може да избегаат од земјава.
Видете и ова: Уапсен поранешниот градоначалник на Центар, Владимир ТодоровиќСпоред последните информации кои го сподели обвинителот Љубомир Лапе, побаран е притвор за седум од осомничените.