Стравот на жртвата го „чува“ насилникот подалеку од затвор

Илустрација, насилство врз жени

Една четвртина од предметите за семејно насилство лани завршиле без правен епилог, затоа што жртвите се откажале од судската постапка, покажуваат податоците од Кривичниот суд. Невладините забележуваат дека само 2 проценти од жртвите пријавуваат насилство, и тоа по најсериозниот инцидент.

Откако се скарал со девојката, 32 годишен скопјанец ја фатил за коса, ја извадил од такси и ја удрил со глава во чело, при што ` ја пукнал аркадата. Но, тука не застанал - следувале тупаници и удари по нос, вилица, стомак и грб, пишува во обвинителското соопштение. Девојката со скршеници, модрици и тешки повреди на телото завршила во болница.

Во друг случај, битолчанец ја киднапирал и ја однел во викендичката во Нижополе бившата партнерка каде цел час без престан ја тепал. Таа спасот го гледала во самоубиство, посегнала по нож и си ги исекла вените на левата рака.

„Тоа го предизвикало насилникот да продолжи свирепо да ја удира“, се вели во соопштeнието од Обвинителството.

Осомничениот е во бегство, па мерката притвор за него ќе се спроведе ако полицијата го фати.

Овие две жени по претпреното насилство завршиjа во болница.

Ова се само два случаи во октомври пријавени во обвинителството, но на 2 ноември се случи фемицид - 29 годишна штипјанка беше убиена со давење. Нејзиниот 33 годишен партнер по расправијата со неа, почнал да ја удира со тупаници и на крај ја задавил со раце. По убиството насилникот се пријавил самиот во штипската полиција и им кажал каде го оставил телото.

За само еден месец, ова се трите случаи на жртви на семејно насилство за кои Обвинителството отвори истрага.

За овој последен случај, од штипскиот Центар за социјални работи изјавија дека на 33 годишниот штипјанец, кој бил осуден за друго кривично дело, ова насилство кон партнерката не му било прво. Таа пред два месеца го пријавила за семејно насилство, ама набрзо се откажала од пријавата, со оправдување дека предупредувањето од полицијата завршило работа.

29 годишната штипјанка не е единствена жртва на семејно насилство која се откажува од гонење на партнерот кој ја тепал. Само минатата година вкупно 28 жртви на семејно насилство кои го изодиле тешкиот и долг пат од пријава преку истрага до судницата, на последното соочување со насилникот пред судија се откажале и ја повлекле тужбата, покажуваат податоците од Кривичниот суд.

Според македонските закони насилник кој врши семејно насилство може да биде тужен во согласност со оштетената жртва.

Жртвите го пријавуваат само најтешкиот инцидент

Судската статистика за минатата година покажува дека од вкупно 120 предмети кои се однесуваат на кривичните дела „нанесување телесна повреда при вршење семејно насилство“ и „загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство“, 28 завршиле со откажување од постапката, 32 со затворска казна, 45 со условна казна, а останатите со условна казна во која следува или заштитен надзор или психијатриско лекување.

Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделина

За да може да се зборува за превенција на фемицид, мора да се утврдат системските „дупки“.

Граѓанскирте организации кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека само два проценти од жените во земјава кои претрпеле насилство од партнерот го пријавиле во полиција, и тоа пријавувањето се однесувало на последниот, најсериозен инцидент.

Една од најслабите алки во системот за заштита на жените кои се жртви на семејно насилство е недостигот на специјализирана поддршка за сместување, бесплатна правна помош и советување на жртвите.

Но, за да се зголеми бројот на тие што пријавуваат насилство треба да им се овозможи пристап на жртвите кои се уште не ја донеле одлуката да го напуштат насилникот и да го пријави насилството, вели Елена Димушевска, од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“.

Според неа проблемот е во тоа што системот е тром и се вклучува откако жртвата ќе го пријави семејното насилство, и тоа најчесто е последниот, најтежок инцидент. Статистиката од 2 проценти на пријави од вкупниот број на случаи на семејно насилство покажува дека жртвите се плашат да го пријават насилството од неколку фактори. Од една страна додека чекаат институционален одговор продолжуваат да живеат со партнерот, а од друга страна може и немаат доволно доверба во институциите дека ќе постапат соодветно и дека ќе им овозможат заштита.

„ Таа едноставно не е охрабрена. И кога зборувам за охрабрување, зборувам за тоа дека таа размислува што ќе се случи после, за да ја донесе таа одлука да го пријави насилникот, треба да знае каде ќе оди после, ако има деца, каде ќе оди со нив, со кого ќе живее, како ќе обезбеди егистенција. Не сите имаат имот на свое име. Економскиот фактор е многу значаен во носењето на одлуката, неа и треба да разговара со некој што по пријавувањето, да направи план, што по пријавувањето“, објаснува Димушевска.

Таа потсетува дека пријавата е само еден мал чекор.

„Што понатаму, како таа ќе се справува со насилникот, кај нас многу малку од насилниците одат во притвор, откако таа ќе го пријави понатаму продолжува да живее со него, се соочува со него на дневно ниво, и тоа се треба да се земе во предвид ако навистиа сакаме да превенираме посериозни инциденти и убиства како тоа што се случи во Штип“, вели Димушевска.

Видете и ова: Кога институциите ќе потфрлат, домот станува најнебезбедно место за жените

Фемицидот пак се третира како класично убиство

Адвокатката Катерина Котевска која со години застапува жртви на семејно насилство во судницата додава дека во системот недостига алка, односно законско решение со кое ќе се превиди надгледување на жртвата од семејно насилство во ранливиот период .

„Да се изречат мерки кога постои ризик од дополнително семејно насилство. Апелираме сите кои се занимаваме со оваа материја да постојат мерки на проверување откако по судски пат ќе биде утврдена потреба од заштита од семејно насилство“, објаснува Котеска.

Според полициската статистика во 2023 биле евидентирани 1082 случаи на семејно насилство од кои 90 проценти од извршителите се мажи. Од нив 414 се сопрузи, 111 се вонбрачни партнери и 195 се синови.

Лани при семејно насилство биле изврешени пет убиства и два обида за убиство. Во два случаи од овие пет убиства, насилниците по убиството на жените си го одзеле животот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Семејно насилство - „Нема каде да одам“

Во периодот од 2018 до 2022, во Република Северна Македонија имаше кривично гонење во 17 случаи на фемицид заради убивање на 19 жени.

„За истакнување е тоа што повеќето од жртвите биле или тековни или поранешни интимни партнери на сторителите или имале семејни врски со нив, а убиствата во сите испитани случаи биле извршени во стан, куќа или двор каде што живеела жртвата“, се наведува во извештајот „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска пракса‟ .

Од 17 судски постапки што беа испитувани како дел од овој извештај, судот во 14 случаи утврдил дека сторителите биле виновни и ги осудил на казна затвор.

Герила „Зошто не пријавив“: „Зошто знаев дека е џабе“

Димушевска, при нејзината анализа утврдила дека од 2001 до 2020 година се извршени 54 убиства кои треба да се означат како фемицид. Но, како што и самата забележува, сите институции водат посебни статистики кои не се поклопуваат, па затоа и овие бројки може да се земат со „резерва“.

Со последните измени на Кривичниот законик во февруари минатата година фемицидот во земјава стана посебно кривично дело.

Според законските измени за убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Овие измени на Кривичниот законик беа неопходни да се донесат поради усогласување со Истанбулската конвенција и европските директиви.

Видете и ова: Двојно убиство - резултат на институционални пропусти при семејно насилство?

Условните казни не го плашат насилникот, ниту ја штитат жртвата

Адвокатката Котеска вели дека нејзниното искуство во судницата покажува дека и по воведувањето на измените на Кривичниот законик фемицидот и натаму се третира како класично убиство, наместо како класифициран облик со построги казни.

„Проблемот е во тоа што постојано се изрекуваат условни казни, и јас како практичар во оваа материја сметам дека тоа треба да се смени. Затоа што условната осуда, изречена за дела кои константно се случуваат во три години, како што имам некои предмети во тек за семејно насилство, не е решение. Изрекувањето на условната осуда под „default“ на начин што сторителот ќе добие повеќе пресуди со условна осуда, па сторителот не ја сфаќа серизно казната, ниту пак ќе се постигне целта - да се заштити жрвата“, објаснува Котеска.

Дополнително Димушевска, која ги следи ваквите случаи вели дека и обвинителите не покажуваат доволно разбирање за да го разграничат основното убиство од фемицидот.

„Во последните две години само во еден случај го искористија јасно тој став кој се однесува на фемицид. Во другите случаи го квалификуваат или како убиство на свиреп начин или некој од другите елементи во рамки на основното дело. Случајот во Штип е јасно дека е фемицид“ додава таа.

Дел од невладините организации бараат дополнителни измени на Кривичниот законик со кои, пријавата против сторителот на семејно насилство да оди по службена должност, за да се избегне жртвата сама да ја иницира битката.

„Ние имаме кривично гонење по предлог на жртвата, а голем дел од нив ги повлекуваат своите пријави до Полицијата кога ќе биде покренато кривично гонење и тогаш институциите остануваат токму со врзани раце. Поради тоа се случува самите насилници да добијат уште поголема сила и моќ да продолжат понатаму со насилството“, вели Бети Пеева од штипската невладина организација „Ехо“ за новинската агенција МИА.

Котевска вели дека полицијата и сега има шанса да биде пријавител на кривичното дело семејно насилство. Но, додава дека полицијата во ретки ситуација изрекува мерка за заштита на жртвите од семејно насилство со отстранување на сторителот од домот за 30 дена.

„Поретко се изрекува од МВР, обично се изрекува од судот. Се изрекува од МВР само во екстремни случаи кога жртвата е со тешки телесни повреди “, вели таа.

Според Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава,спроведувањето на Истанбулската конвенција останува предизвик. Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство беше донесен во 2021 година, но неговото спроведување се уште не е во целост направено. Тоа страда од недостаток на соодветно финансирање вклучително и за Национално координативно тело за семејно насилство.