Триесет и четири годишен полицаец наместо да гони фалсификатори на пари и криминалци, самиот фалсификувал евро монети. Станува збор за ресенчанец кој е вработен во македонскиот полициски Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, осомничен дека изработил околу 2 милиони лажни монети од 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во косовската економија. Тој е приведен од косовската полиција на 4 август годинава.
„Истрагите сега ќе бараат да се утврди целосниот обем на фалсификување монети,“ се вели во соопштението на Еуроправда.
Полицаецот е осомничен дека во неколку наврати внесол и пуштил во оптек по илјадници фалсификувани монети во вредност од по две евра. Извори од истрагата за Радио Слободна Европа велат дека тој бил дел од мрежата на фалсификатори, но не и „мозокот“ на операцијата.
Неговото приведување е кулминација на повеќемесечно прецизно планирање меѓу косовските и македонските власти, со поддршка на Европол и Европравда, се вели во соопштението на Европол, која речиси една деценија е Централна канцеларија за борба против фалсификување на еврото.
„Уапсениот е идентификуван како вработен во МВР во Северна Македонија. Властите беа предупредени за активностите на осомничениот преку координирани напори за споделување разузнавачки информации“, пишува во нивното соопштение.
Видете и ова: Македонски државјанин уапсен во Косово во обид да продаде 96 илјади фалсификувани долариВо истрагата која се водела против него учествувале и негови колеги од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, покажува соопштението од Основното јавно обвинителство. Дел од повеќемесечната истрага биле разузнавачи, истражители и обвинители од Косово и Северна Македонија, со помош на Европол и Европравда.
Фалсификуваните пари со мотиви пет земји на ЕУ
Фалсификуваните пари се правеле на две преси во скопски подрум. Полицијата заплени и две торби со монети, една со веќе произведени фалсификувани монети, и една со „бланко“ парички кои чекале да бидат ставени на преса. Фалсификаторите користеле шест различни метални печати за изработка на фалсификуваните монети.
Специфичноста на вистинските евро монети е во тоа што секоја земја-членка од еврозоната која го вовела еврото како единствена валута издава евро монета која има заедничка страна и национална страна на земјата издавач.
Според објавените фотографии, фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните парички, со што лажно прикажувал дека парите наводно доаѓаат од Франција, Италија, Хрватска, Финска и Португалија. Последниот метален шаблон бил со печат од заедничката страна на паричката, каде што е означена вредноста од 2 евра.
Во заедничкото соопштение на македонското и косовското обвинителство се открива дека од минатата година до сега во Косово се влеале стотици илјади фалсификувани евромонети „направени “ во Северна Македонија. Но последното соопштение од Косовската централна банка укажува дека проблемот со фалсификуваните пари е поголем.
Централната косовска банка во изминатава година и пол повлекла од оптек околу 2,5 милиони парчиња ковани пари со апоени од 2 евра, чија вкупна вредност е пет милиони евра. Проверката покажала дека дел од нив се фалсификувани.
„Околу 54.000 монети во апоени од 2 евра се откриени и спречени да влезат во финансискиот систем, повлекувајќи ги од оптек како сомнителни фалсификати, “ пишува во соопштението на Косовската централна банка.
Откриени над 50 илјади фалсификувани евра во Северна Македонија
Во трговијата во Северна Македонија не се користитат евро монетитте, но тие влегуваат и во земјава преку патарините каде што единствено е дозволена нивната употреба. Банката која е надлежна за платниот промет од патарините, сомнителните евра ги испраќа во Народна Банка на проверка.
Од Народна банка за Радио Слободна Европа велат дека во изминативе три години, откриле над 50 илјади евра во лажни монети.
Кога постои сомнеж за лажни или фалсификувани монети, тие се доставуваат од банките како крајни приматели на парите до Народна Банка на проверка односно на стручна анализа. Во неколку наврати до сега од македонската Народна банка сомнителни монети испратиле и на хемиска анализа.
Само минатата година биле откриени вкупно 11 489 илјади парчиња фалсификувани монети на евра од кои 11 122 парчиња се во апоен од 2 евра и 367 во апоен од по едно евро. Во 2022 година биле откриени околу 10 717 од по 2 евра и 231 монети по едно евро, велат од Банката за РСЕ.
Видете и ова: На скопскиот аеродром уапсени двајца Камерунци со скоро еден милион фалсификувани евраИ други македонски државјани осомничени за фалц евра
Но, ова не е прв случај во кој се приведени македонски државјанин во Косово под сомнение за пуштање во промет фалсификувани евро монети. Минатата година во декември, Специјалното Косовско обвинителство соопшти дека биле приведени тројца македонски и тројца косовски државјани кои беа фатени со 85 илјади евра фалсификувани пари во кованици од по две евра.
Тие беа приведени лани на 28 ноември, и тогаш Косовското обвинителство истакна дека во акцијата пронашле вкупно 42.505 парчиња метални монети во апоени од 2 евра.
„Осомничените ги ставиле монетите во разни кеси, камуфлирајќи ги за да личат на товари обична стока и ги ставиле во автомобили, а потоа на 28 ноември годинава ги донеле во Косово, “беше наведено во тогашното соопштение на косовското обвинителство.
Во него беше посочено дека осомничените тројца македонски држајавни се сретнале со тројцата осомничени косовски државјани во село во близина на Урошевац со цел заедно да го продолжат патот до Приштина.
Косово не е дел од еврозоната, туку го користи еврото. Помеѓу другите држави во регионот, и во Црна Гора која не е дел од еврозоната се користи како платежно средство еврото. Со овој проблем се соочува и Хрватска која од лани во јануари влезе во еврозоната и како единствена валута го користи еврото.
Лажни ковани пари од две евра може да се нарачаат и на ТикТок
Во јули минатата година во Косово биле евидентирани најмалку два случаи на конфискација на илјадници фалсификувани евра на Косово, кои доаѓаат од Северна Македонија и Турција.
За тогашното известување, косовскиот сервис на Радио Слободна Европа разговарал со сопственици на неколку профили на апликацијата ТикТок, кои потврдиле дека можат да донесат лажни пари на Косово, кога разговорот стигнал до прашањето во која количина се бара, конверзацијата биле прекината за да се избегне извршување на кривично дело.
Косовската полиција тогаш не одговорила на прашањето на косовскиот сервис на РСЕ дали истражува такви профили или лицата на социјалните мрежи кои тврдат дека управуваат со нив.
Видете и ова: Фалсификувани 85 илјади евра во монети, изработени во земјава, завршиле на КосовоСпоред Кривичниот законик на Косово, секој што произведува, пушта во оптек, транспортира, прифаќа, користи или поседува фалсификувани пари за да ги пушти во оптек како вистински, се казнува со затвор од 1 до десет години.
Исплатлива вредност на фалсификувана пара што поминува „под радарот“
За криминалците, ова е исплатлив бизнис, затоа што ретко кој трговец или пак човек кој плаќа проверува и може едноставно да утврди дали монетите се вистински или фалсификувани. Оригиналните монети од еден, два и пет центи се направени од бакар обложени со челик и тие се многу магнетни. Додека надворешниот прстен на вистинските монети од 1 и 2 евра, како и оригиналните монети од 10, 20 и 50 центи, не е магнетен, велат експертите од Германската централна банка.
Исплатливоста е во тоа што „под радарот “, овие кованици лесно поминуваат поради нивната мала економска вредност, на која во секојдневната трговија ретко кој обврнува вимание дали е оригинал или фалсификат, како што е случај со хартиените банкноти кои имаат поголема вредност.
И ако плаќате со лажни монети може да завршите во затвор
Според македонските закони кривичното дело пуштање во оптег на лажни пари како вистински се казнува од една до десет години затвор. Но, доколку со кривичното дело се предизвикало „растројство во стопанството во земјата“ предвидена е затворска казна од најмалку пет години.
Но, според законот засегнати се и оние кои случајно платиле со лажни пари или ги добиле како кусур, затоа што лажните пари се одземаат без право на паричен надоместок.
Европската Централна банка изминативе две години предупредува на сериозна појава од лажни монети низ еврозоната.
На пример во 2023 година, при германските плаќања беа откриени приближно 115.900 фалсификувани монети, додека во 2022 година, вкупниот број изнесува околу 73.400, покажуваат податоците од германската Централна Банка. Статистички, ова е еднакво на 14 фалсификувани монети на 10.000 жители во Германија.
Во април годинава шпанската полиција разбила криминална банда која наводно ширела фалсификувани монети од две евра низ Европа. Со помош на Европол, во шпанскиот град Толедо е пронајдена работилницата на фалсификаторите. Бандата пуштила речиси 500.000 фалсификувани монети со „висок квалитет“ на европскиот пазар. Уапсени беа десет лица, за кои се вели дека се кинески државјани.
Според новинската агенција ДПА, истрагата „била исклучително тешка и долготрајна, не само поради тајноста во организацијата, туку и поради практично невозможното следење на фалсификуваните монети“.
Заклучно со декември 2021 година, има околу 141 милијарда монети во оптек низ еврозоната, покажуваат податоците од Европската Централна Банка.