Извештај со 120 препораки за европскиот пат на Северна Македонија

Илустрација

Северна Македонија има амбиција за придвижување кон пристапните преговори со ЕУ, но треба да ги усвои уставните измени, изјави евроамбасадорот Микалис Рокас. Првичната анализа на Министерството за европски прашања за оценките на ЕК во извештајот е дека има земјава бележи напредок.

Довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, корупцијата да се решава преку следење на случаите во судовите и обвинителствата. Во борбата против корупцијата Европската комисија не гледа напредок, но забележува има позитивни елементи во делот на земјоделието, руралниот развој, риболовот и регионалните политики.

Ова се само дел од 120 генерални заклучоци и препораки за кои европскиот амбасадор во Северна Македонија, Микалис Рокас и ги предочи на Владата дека треба да ги спроведе во претстојната 2025 година на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Меѓу нив се и уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.

Заедничка прес-конференција на евроамбасадорот Микалис Рокас со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, 01.11.2024

„Северна Македонија одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, треба да ги усвои уставните измени и да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, на што се согласи дека ќе го направи“, рече Рокас.

Прашан дали за Европската унија е прифатливо уставни измени со одложено дејство без промена на преговарачката рамка, Рокас ја цитираше неодамнешната изјава на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен при нејзината посета во Скопје.

„Имаме јасна цел, да се отвори класетерот основи, речиси сме стигнати дотаму. Знаеме дека се работи за уставните измени кои вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата дека ќе се обединат и ќе го преземат тој решителен чекор“, беше неодамнешниот став на фон дер Лајен, кој денеска го повтори и Рокас.

Годишниот пакет за проширување за 2024 година кој го вклучува и извештајот за напредок за Северна Македонија доаѓа откако Европската комисија ја одобри европската агенда на Северна Македонија и по посетата на претседателката фон дер Лајен на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Скопје.

Видете и ова: Извештај на ЕК: Нема уставни измени на кои државата се обврза

Како што кажа евроамбасадорот, Северна Маекдонија треба да ја испорачува имплементацијата на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот основи – корупцијата, судството и органиираниот криминал. Европската комисија нотира дека има извесен напредок во однос на борба против организираниот криминал и органичен напредок во судството, каде што се бележи подобрување.

„Реформската агенда од владата и одобрена од Комисијата минатата недела и вклучува и конкретни реформи кои владата се согласи да ги спроведе, а чија имплементација ќе дозволи распределба на финансиска поддршка. Комисијата се стреми кон следење на скрининг извештајот во однос на основите како и патоказите кои се усогласени со преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што побрзо и кога ќе биат исполнети релевантните услови“, рече Рокас.

Како позитивен дел од извештајот, рече Рокас е што Северна Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ.

Видете и ова: Фон дер Лајен: Речиси сте до отворање на првиот кластер, но прво уставни измени

Муртезани: Северна Македонија е подобра од земјите во регионот

Според министерот Орхан Муртезани, извештајот на Европската комисија треба да се анализира во контекст и на другите добиени извештаи годинава, како скрининг извештаите од кластерите, неодамна усвоената реформска агенда, патоказите за владеењето на правото и реформата на јавната администрација и други документи.

Министерот истакна дека министерството за европски прашања направило и првична анализа на оценките на ЕК во извештајот и „наједноставната квалификација е дека има напредок односно благ нагорен тренд“.

„Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2024 година е добро ниво на подготвеност, односно 3,22 во споредба со 3,13 во 2023 година. Таа е солидна оценка. Во однос на останатите земји кандидатки од регионот, нашето ниво на подготвеност е се уште највисоко, што е уште еден показател дека Северна Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку има и кумулиран напредок. По кластери, има подобрување во кластерот 1 во споредба со минатата година“, рече Муртезани.

Тој се осврна и на неколку наоди и препораки од извештајот во делот на правосудството, изборите, човековите права во земјава.

Како што рече Муртезани за парламентарните и претседателските избори, се одржани во задоволителна атмосфера, но се укажува на адресирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

За правосудството, се наведува дека е потребна имплементација на новата стратегија за реформи во правосудскиот сектор и препораките на Оценската мисија за Судскиот совет.

Видете и ова: Сменети членови на Комисии кои го имаат последниот збор за трошење државни пари

За борба против корупцијата, Муртезани кажа дека е главен приоритет на владата.

„Иако институционалната рамка е воспоставена и ефикасна, во однос на превенцијата потребни се напори за јакнење на капацитетите на институциите, спроведување на законот, нов кривичен законик и подобредување на стретегијата за справување со корупцијата. Во однос на борбата со организираниот криминал има напредок во областа на конфискацијата, но е потребна е поголема ефикасност во гонењето на вакви случаи“, рече Муртезани.

Пакетот за проширување на Европската комисија кој се состои од стратегијата за проширување и поединечните извештаи за секоја земја кандидат беше објавен на 30 октомври.

Извештајот за Северна Македонија го опфаќа периодот од 15 јуни 2023 година до 1 септември 2024 година и дава пресек на напредокот на земјата во спроведувањето на реформите и детален преглед за подготвеноста и напредокот во споредба со претходниот извештај.