Албанија напред, Северна Македонија стои на патот кон ЕУ

Илустрација

Албанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата. За Премиерот Мицкоски, ова е лоша порака кон македонските граѓани, додека опозициската СДСМ гледа тежок пораз за политиките на Владата.

На денот кога во посета на Северна Македонија пристигнува Виктор Орбан, премиер на Унгарија, земјата која во моментов е претседавач со Европската Унија(ЕУ), од Брисел стигна вест - Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со ЕУ, со што неформално се одвојува од Северна Македонија иако заедно тргнаа по европскиот пат на почетокот на преговорите пред две години.

Ваква одлука донеле амбасадорите на државите членки на ЕУ на 25 септември. Во документот во Брисел до коj Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап, се наведува дека Албанија „сега е доволно подготвена во оваа фаза за преговори за кластерот 1“.

Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нота

Причината е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство. Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.

По изборите во мај годинава, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, владата на премиерот Христијан Мицкоски стави до знаење дека сака да го репреговара т.н. „француски предлог“.

Мицкоски на почетокот на септември рече дека уставни измени со одложено дејство е едно од можните решенија, под услов да има јасна гаранција за членство во ЕУ.

Мицкоски: Доста е од двојни стандарди

Премиерот Мицкоски оцени дека одлуката е лоша порака кон македонските граѓани и дека станува збор за „диктат“.

„Ние како држава имаме поминато многу во овие две и пол децении откако го почнавме овој наш пат за членство кон ЕУ. Мислам дека многу работи кои никој не ги направил, кој што е сега кандидат или преговара или е сега членка, а ние ги направивме, и кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Партиски прозивки по средбата на Сиљановска-Давкова со Радев

Тој кажа дека „го дели впечатокот со огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе да прифаќаме услови, без гаранции, на сметка на национални отстапки и идентитетски отстапки“.

„Само се изживуваат врз нас, доста е . Подготвени сме и сакаме да почнеме да преговараме. Преговори значат јакнење на институции, збогатување на капацитети, не значат членство. Што е толку тешко да се прифати нашиот предлог, овие измени да бидат ефективни тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас како држава во ЕУ, ако некој има чесни намери. Очигледно е дека некој нема чесни намери“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Борел: Членството на регионот во ЕУ е на дофат

Тој зборуваше и за пристапот што го понудил на состанокот што на 19 септември се одржа во Брисел со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и лидерите на земјите од Западен Балкан. Мицкоски рече дека понудил „европски пристап“, разговори без диктати и условувања.

„Вреди“, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, останува посветен на евроинтегративниот пат, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

„Владата и „Вреди“ остануваат посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение“, рече Меџити.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова во посета на Софија

Опозиција: Тежок пораз на политиките на Владата

Опозициската СДСМ оцени дека раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата во европската интеграција на државата.

„Пред се, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Според него, најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и на спорот со Бугарија.

„Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација?“, рече Филипче.

Реакции: Северна Македонија стои во место или назадува

Симонида Кацарска од Европскиот политички институт ( ЕПИ) за РСЕ вели дека втората меѓувладина конференција на Албанија со Европската Унија е очекуван настан кој еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го најави уште на почетокот на септември.

„Ние остануваме во истата позиција во која што сме биле, Албанија ќе биде формално понапред во процесот како што се многу земји од регионот. Ние нема да имаме напредок во формалниот процес на пристапување и ќе стоиме во истиот „статус кво“ на кое што застанавме во јули 2022 година“, изјави Кацарска за РСЕ.

Видете и ова: Од Брисел ништо ново

Според неа, не може да се очекува македонските преговори со ЕУ да продолжат без при тоа да се заврши процесот со уставните измени.

„Но, тоа не значи да ги запоставиме останатите процеси како што се планот за раст и реформската агенда, на кои треба да се фокусираат многу од напорите паралелно со формалните преговори за членство“, изјави Кацарска.

Порака од ЕУ

Европската комисија со нетрпение очекува што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија, изјави денеска Ана Писонеро, портпаролка на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства.

„Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по кластерот „Основи вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот“, изјави Писонеро.

Како што кажа таа, тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот.

Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“, изјави Писонеро, додавајќи дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.

Гордана Сиљановска Давкова и шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан на средба со Жозеп Борел на UNGA79, Њујорк, 26.9.2024

Жозеп Борел, висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, на 25 септември во Њујорк имаше неформален состанок со лидерите од Западен Балкан, на кој присуствуваше и македонската претседателка Сиљановска-Давкова.

Борел порача дека членството на регионот во ЕУ е на дофат.

Како Грција го одблокира патот на Албанија

Почетокот на отворањето на првото поглавје за Албанија беше доведен во прашање поради несогласување на Грција, по апсењето на Фреди Белери, кој во мај минатата година беше избран за градоначалник на албанското приморско гратче Химара во кое има големо грчко малцинство.

Белери беше уапсен под обвинение за купување гласови, што тој го негираше, но сепак не му беше дозволено да положи заклетва.

Работите се сменија откако Белери беше предложен за европратеник од Нова демократија, владејачката партија во Грција, и доби место во Европскиот парламент. Тогаш албанските власти му дозволија да замине во Стразбур, да ја преземе функцијата пратеник и да гласа за избор на претседател на Европската Комисија. На почетокот на септември беше условно ослободен.
„Очигледно овој ќорсокак е надминат и кон средината на октомври Албанија ќе седне на преговарачка маса со Европската унија“, објавија албанските медиуми на 26 септември.

Условот од Бугарија

Патот на Северна Македонија и на Албанија кон членството во ЕУ беше споен со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Скопје и Тирана со Брисел, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.

Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Видете и ова: Бугарските партии сложни околу декларацијата за Северна Македонија

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање - дека македонски јазик не постои, туку станува збор за дијалект на бугарскиот јазик.

По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.