Додека Татевик Хачатријан беше принудена да остави сè зад себе пред една година, Васила Мамедова се надеваше дека за прв пат по 30 години ќе има шанса да врати сè во Нагорно-Карабах, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.
На 19 септември 2023 година, Азербејџан започна офанзива за повторно преземање на Нагорно-Карабах, територија што ја загуби од ерменските сили во 1990-тите.
Во рок од 24 часа, де факто ерменското раководство на Карабах се предаде, а во деновите што следеа, речиси целото население на територијата, практично сите етнички Ерменци, побегна. Меѓу нив беа и новинарката Хачатријан, нејзиниот сопруг и малиот син.
Тоа беше втор пат територијата да биде целосно испразнета од една етничка група по распадот на Советскиот Сојуз.
Кога ерменските сили победија во првата војна меѓу двете страни во 1990-тите, целото етничко азербејџанско население побегна. Меѓу оние што побегнаа беа Мамедова и нејзиното семејство, земјоделци од селото Хоџали, местото на најтешкиот масакр на цивили за време на првата војна.
Една година подоцна, Азербејџан се обидува да ги обнови и насели териториите што ги врати. Мамедова, која од 1990-тите живее во населба за раселени луѓе во Пиршаги, на околу 30 километри северно од Баку, го посети Хоџали на патување спонзорирано од владата по минатогодишната офанзива.
„Го замислував Хоџали како град на духови, каде духовите на луѓето кои беа убиени таму летаат низ небото. Каде што и каде и да копате, човечки коски излегуваат на површина“, вели Мамадова.
„Но, мојот впечаток од првата посета беше поинаков и главно позитивен. Многу нови згради се изградени во последната година. Сè се сменило“.
Мамедова се надева дека ќе се врати следната година.
Во меѓувреме, Ерменците кои избегаа од Карабах се обидуваат да ги обноват своите животи.
Хачатријан и шест члена од нејзиното пошироко семејство живеат во зафрлено предградие на Ереван, во стан кој не е реновиран од советската ера, но тоа сè уште влијае на нивниот домашен буџет. Се добива впечаток дека ерменската влада се обидува да ги натера луѓето да заборават на нив.
„По сите овие трагични настани, во Ерменија не е прогласен ниту ден на жалост. Нема ден на комеморација или прослава поврзана со Арцах. Изгледа дека се прави обид конечно да се затвори страницата на Република Арцах“, вели таа, користејќи го алтернативно ерменско име за Карабах.
Обнова на Карабах
Автономниот регион Нагорно-Карабах беше дел од Советски Азербејџан, но, неговото население беше околу 75 отсто етнички Ерменци. Како што се распадна Советскиот Сојуз, избувна војна на територијата и сепаратистите поддржани од Ерменија успеаја да ја преземат контролата.
Тие, исто така, ја презедоа контролата врз седум соседни азербејџански области, населени речиси исклучиво со етнички Азербејџанци, принудувајќи го целото население од повеќе од 600 000 луѓе да избега.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Дипломатските напори за решавање на конфликтот донесоа мал напредок.
Двете страни водеа уште една војна во 2020 година, која траеше шест недели пред прекинот на огнот со посредство на Русија да резултира со губење на контролата на Ерменија врз делови од регионот и седум соседни области.
Двете страни започнаа преговори за целосно решавање на конфликтот, но во 2023 година, Азербејџан, нестрплив за напредок во тие преговори, започна еднодневна офанзива што резултираше со целосно предавање на раководството на Карабах и егзодус на повеќе од 100 000 етнички Ерменци.
Азербејџанската реконструкција на седум области надвор од Карабах започна во 2020 година, но беше комплицирана од фактот што поранешните градови и села беа во голема мера срамнети со земја од 1990-тите, а голем дел од територијата е миниран.
Деловите од Карабах што Азербејџан ги врати во 2023 година сè уште беа населени, така што инфраструктурата беше главно недопрена и Азербејџан лесно ја пренамени во текот на изминатата година.
Работниците ги отстранија ерменските натписи од зградите на поранешниот државен универзитет во Арцах како подготовка за отворањето на новиот универзитет во Карабах. Тие ги урнаа зградите изградени од поранешните сепаратистички власти, како што се де факто зградата на парламентот и салата на ветераните.
Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев го прослави уништувањето на двете згради за време на посетата во март по повод празникот Норвз.
„Овде веќе нема трага од сепаратистите“, рече тој.
Другите уривања се одвиваа во поголема тајност. Ерменската црква од 19 век во градот Суза (на Ерменците позната како Шуши) е уништена, според сателитските снимки прегледани од Caucasus Heritage Watch, академска организација која ја документира судбината на културното наследство во регионот. Други локации со ерменско наследство, исто така, беа срамнети со земја, особено оние што застанаа на патот на амбициозните проекти за изградба на патишта во Азербејџан, објави оваа организација.
И покрај брзата изградба, преселувањето во Карабах се одвива бавно. До крајот на јули, речиси 8000 поранешни жители се вратија на териториите што Азербејџан ги врати од 2020 година, речиси сите во области надвор од Нагорно-Карабах, покажуваат податоците на азербејџанската држава.
Уште околу 3000 се преселиле на работа во регионалниот главен град Ксанкенди, кој Ерменците го нарекуваат Степанакерт, вклучувајќи го и Универзитетот Ксанкенди, кој треба да започне со настава во есенскиот семестар за уште 1100 студенти.
Една од ретките области што Азербејџан ги врати во 2023 година беше Хоџали, родното село на Мамедов. До јуни, 50 семејства се преселиле, а властите ветија дека уште 228 ќе го сторат тоа до крајот на годината.
Процесот на реконструкција е критикуван за корупција, неефикасност и неуспех да се земе предвид што сакаат граѓаните. Во мај, Илхам Алиев го посети Хоџали за да го покаже новиот повеќекатен станбен комплекс. Но, она што го сака Мамадова е селскиот живот што некогаш го имала.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нејзиниот син го посетил Хоџали набргу по офанзивата во септември 2023 година и открил дека темелот на нивната куќа сè уште стои. Но, кога семејството се вратило на друга посета неколку месеци подоцна, нашле градилиште каде што била нивната куќа.
„Не бев задоволна со тоа и побарав од Владата да ни го врати дворот. Но, ни рекоа дека градот се обновува според планот на владата и дека би можеле да ни дадат земја со слична големина во кој било друг дел на Хоџали“, вели Мамадова.
Бегалски живот
Во деновите по минатогодишната офанзива, повеќе од 100 000 Ерменци избегаа во Ерменија. Додека приливот на бегалци изнесуваше околу четири проценти од вкупното население на Ерменија, тие релативно лесно се асимилираа во општеството, без разлика дали остануваа кај роднините, наоѓаа станови за изнајмување или престојуваа во бегалски станови управувани од владата.
Сепак, една година подоцна, меѓу бегалците од Карабах сè уште постои голема неизвесност за нивната иднина.
Владата најави дека од почетокот на следната година ќе ги намали субвенциите за изнајмување што им ги дава на бегалците. Таа најави програма чија цел е да им даде на бегалците еднократни исплати како помош да купат домови, но програмата беше критикувана од групите за застапување.
Хачатријан, која води видео подкаст за прашања поврзани со Нагорно-Карабах, рече дека нејзиното семејство, на пример, нема да има право на пари до третата фаза од програмата, во 2027 година.
„Луѓето целосно ја изгубија вербата во владата и се помирија со фактот дека тоа е така. Тоа исто така значи дека луѓето ќе мора да емигрираат, бидејќи изнајмувањето куќа некаде во Тихорецк во Русија ќе биде поевтино отколку во Ерменија“, вели Хачатријан.
Бегалците од Карабах, исто така, се соочуваат со социјална дискриминација, особено огорченост поради тоа што се товар на земјата која и онака нема доволно ресурси.
Над 10 000 бегалци од Карабах веќе ја напуштија Ерменија, а многумина се упатија кон Русија.
Сепак, Хачатријан има намера да остане во Ерменија доколку може да си го дозволи тоа.
„Тоа е наша татковина и многу е полесно да се движиме во нашата лингвистичка и културна средина, отколку во странска земја“, рече таа.
Бегалците, и многу други Ерменци, се исто така обесхрабрени од очигледниот недостиг на интерес на владата за промовирање на правата на Ерменците од Карабах да се вратат во своите домови.
Официјални лица на САД, Европа и Русија во своите изјави за решавање на конфликтот ги споменуваат правата на ерменското население да се врати во Карабах. Но, самата ерменска влада го оневозможи тоа и во своите изјави за ова прашање имплицира дека тоа е само на агендата на домашната политичка опозиција.
„Сите оние кои се обидуваат да го убедат народот на Нагорно-Карабах дека постои можност за враќање се авантуристи кои се обидуваат да создадат тензии во Ерменија за да и стават нов политички поводник на вратот на Ерменија“, изјави Артур Ховханисјан, претставник од владејачката партија Граѓански договор, за ерменскиот сервис на РСЕ.
Негирањето од страна на ерменската влада на правото на враќање на Ерменците од Нагорно-Карабах го охрабри Азербејџан да продолжи со населувањето на Нагорно-Карабах, вклучително и областите претходно населени со Ерменци како што е Ксанкенди, вели омбудсманот за човекови права на поранешната де факто влада од Нагорно-Карабах, Гегам Степанијан.
„Тие целосно ја затворија оваа тема и да не го направеа тоа, денес Азербејџанците немаше толку брзо да го населат Степанакерт и да ги заземат домовите на жителите на Степанакерт“, рече омбудсманот во интервју за локалната веб-страница за вести на Ерменија денес (Armenia Today).
Неизвесна иднина
Иако ерменската влада можеби се обидува да го затвори ова прашање, тоа не е затворено меѓу самите бегалци. Во првите денови по егзодусот, меѓу некои бегалци се зборуваше дека ако условите во Ерменија продолжат да бидат тешки, тие би можеле да се обидат да се вратат во Карабах, дури и ако тоа значи потчинување на азербејџанската власт.
Тие дискусии сега престанаа.
„Не познавам ниту еден Ерменец кој би рекол дека е подготвен да живее во Арцах под тие услови“, рече Хачатријан.
Меѓутоа, на долг рок, таа и другите Ерменци се надеваат дека политичките и воените судбини повторно ќе се променат.
„Никој од нас не знае што да очекува во иднина, какви геополитички промени може да се случат. Можеби работите ќе се променат на таков начин што она што денес изгледа невозможно ќе стане возможно утре. И можеби еден ден Арцах повторно ќе биде ерменски. Барем тоа е сонот што го имам и што му го всадив на моето дете“, вели таа.
Азербејџан, пак, смета дека таквите чувства се реваншистички и се обидува да ги искорени сите преостанати ерменски амбиции за враќање на Карабах. Тоа вклучува силно притискање за Ерменија да го промени својот устав, кој сè уште содржи јазик што повикува на „повторно обединување“ на Ерменија и Карабах.
И додека Алиев пред септември 2023 година рече дека цивилните ерменски жители на Карабах треба да останат, тие чувства исто така повеќе не се изразуваат. Алиев сега внимателно избегнува какво било спомнување на ерменското население освен од сепаратистичкото раководство.
Дури и кај повратниците од Азербејџан, постои мал интерес за враќање на нивните поранешни ерменски соседи.
Мамедова вели дека пред првата војна имало многу пријателски контакти меѓу Ерменците и Азербејџанците.
„Но, сега, не!“, уверува таа.
Нејзиниот сопруг Рамил загинал во првата војна, во 1992 година.
Моите четири деца останаа без татко, а јас останав без покрив над главата“, вели таа. "Како да бидам пријател со нив? Можеби времето ќе го реши проблемот. Не знам. Но, моето срце не може да заздрави", раскажува Мамедова.