Џафери би трчал и седми круг за пратеник

Претседателот на Собранието, Талат Џафери nа последната средба со новинарите за 2023

Собранието во новата година ќе се занимава со процедурите за избор на новата влада, но ќе треба да си ги исполни и домашните задачи, како закони и избор на членови на комисии и институции. Претседателот Талат Џафери, кој уште малку е на таа функција, оценува дека го направиле потребното.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека во голема мера е задоволен од сработеното, иако како што додава, „никој 100 проценти не може да биде задоволен“. На последната средба со новинарите во календарската година, тој рече дека Собранието го направило она што е битно и што е во интерес на граѓаните.

Пред истекот на календарската година пратениците имаа многу копчиња за стискање. Владата го активираше Собранието испраќајќи му неколку Предлог закони, а во собраниска процедура се и десетици закони, кои се заглавени со месеци. Но за законите, кои не поминаа годинава, останува се помалку време, оти кон крајот на јануари треба да се избере техничка влада за спроведување избори, а кон средина на февруари да се распишат избори.

Собранието ќе продолжи да работи до почетокот на кампањата што е некаде на почетокот на април, најави претседателот на Парламентот Талат Џафери. А потоа ќе работи само ако е нешто многу битно.

Џафери треба да биде технички премиер, и да ја предводи владата 100 дена пред избори.

На Џафери, ова му е шести мандат како пратеник, од кои два мандати беше претседател на Собранието. Тој вели дека и по седми пат би бил на листата за пратеници, оти како што посочува има уште некоја година до пензија.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери nа последната средба со новинарите за 2023.


Координаторите на пратеничките групи, првпат во новата година состанок ќе имаат по Божиќ, а од средината на јануари треба да почнат формално - правните постапки за подготовка за избор на техничката влада.

Џафери пред да биде избран за премиер, треба да се повлече од местото претседател на Собранието, а на негово место да дојде Јован Митрески од СДСМ.

Во голем дел од првиот месец од годината, пратениците ќе бидат зафатени со процедурите за избор на влада, а во меѓувреме ги чекаат и закони и избор на членови на комисии за изгласување.

Ќе се пополни ли испразнетото место во ДИК?

Во Собранието се води дебата за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК). Опозицијата не може да се согласи кого да предложи, а во игра се двајца кандидати. Местото во ДИК е испразнето откако за министер за правда е избран Кренар Лога, кога неговата партија Алијанса за Албанците реши да влезе во владејачката коалиција. Местото во ДИК треба да го пополни кандидат од албанскиот опозициски блок.

Џафери вели дека има време и да се распише нов оглас за избор на член на ДИК, ако не успее овој.

Претседателот и пратеник на Алтернатива, Африм Гаши, пак, изјави дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија Абдуш Демири.

Претседателот на Собранието, вели дека и ако не се избере член на ДИК, тоа нема да пречи Комисијата да работи, оти и да се избере нема многу да влијае на односот. Сега односот на членовите е четири од власт, два од опозиција, а ако се избере би бил четири власт, тројца од опозиција.

Местото во ДИК им е важно на партиите затоа што тоа ќе се одрази на локално ниво на избирачките одбори.

Видете и ова: Партиски тактизирања за ДИК може да фрлат дамка врз изборите

Добрите закони се оставаат за на крај

Владата пред истекот на годината усвои неколку Предлог закони, кои треба да се најдат пред пратениците. Во една недела беа усвоени предлозите на забрана на нефер трговски практики, за јавнообвинителска служба и за судска служба. Претходно месецов, Владата ги утврди и Предлог законите за придонеси за социјално осигурување, за поддршка на социјално ранливи категории на граѓани и дополнувањата на Законот за спорт.

Политичкиот аналитичар Џелат Незири вели дека добрите закони секогаш се оставаат за на крајот на мандатот, за да се создаде впечаток дека на власта конечно и тргна, дека проблемите почнуваат да се решаваат и дека е потребен уште еден мандат за да се завршат сите започнати проекти

„Следејќи ги резултатите на анкетите, партиите го прават тоа што најмногу пали кај гласачите и го зборуваат тоа што граѓаните најмногу сакаат да слушаат. Легализација на дивоградби, намалување на даноци, помош за домаќинства со ниски примања, повисоки плати, заштита на конкуренцијата за нормални цени...сите овие мерки се примамливи за таргетирани категории на граѓани“, вели Незири.

Видете и ова: Десетици закони и одлуки во Собрание чекаат „брзи прсти“

Пред пратениците се и крупни обврски како уставните измени, за кои засега нема двотретинско мнозинство, потоа изборот на нов државен обвинител, оти на претходниот мандатот му заврши, а на негово место беше назначен вршител на должност. Пратениците ќе треба да изберат и членови на државни комисии и усвојат измени на Изборниот законик. Во собраниска процедура се и неколку закони, кои, според власта, треба да стават ред во администрацијата, односно да се намали вработувањето на партиски кадри.

Владата и Собранието кочат и четири клучни закони за децата, потсети претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани. Во Собранието повеќе од една година се заглавени и измените на Законот за лични карти, потсети народниот правобранител, Насер Зибери.

Според неодамнешното истражување на Институт за комуникациски студии, за транспарентност на институциите, Собранието е една од институциите во која граѓаните имаат најмала доверба.

Само еден процент од анкетираните граѓани се согласуваат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси и за граѓаните.