Пред 20 години Грузиската „револуција на розите“ предизвика радикален потрес во политиката, економијата и надворешната политика на земјата. За многумина во Грузија и во странство, револуцијата и човекот што таа го донесе на функција Михаил Саакашвили, претставуваше нова надеж за сиромашната, изолирана земја.
Но, на одбележувањето на годишнината на 23 ноември, денот кога Едуард Шеварнадѕе, претседателот на земјата и лидер од советската ера, поднесе оставка, многумина во Грузија немаа причина за славење. Посебно сегашното раководство.
„Револуцијата на розите донесе во оваа земја тортура, корупција, губење на 20 отсто од нашите територии“, рече Иракли Кобахиџе, претседател на владејачката партија „Грузиски сон“.
„Да се слави 20-годишнината е едноставно бесрамно“, рече тој.
Тешко е да се процени степенот на омраза помеѓу сегашните и поранешните владејачки партии во Грузија. Грузиски сон, кој ја презеде власта во 2012 година по поразот на Саакашвили и неговото Обединето национално движење,(ОНД) до ден-денес се дефинира првенствено како опозиција на поранешниот режим.
Саакашвили, кој сега е во затвор поради различни обвиненија од неговото време на функцијата, ги нарекува своите наследници руски марионети и вели дека обвиненијата против него се политички мотивирани.
Поларизацијата во грузиската политика е толку длабока што Европската Унија го нагласи како едно од клучните прашања во обидот на земјата да стане кандидат за членство во блокот.
Меѓутоа, тој горчлив анимозитет прикрива колку владата на Грузиски сон продолжува по патот што „Револуцијата на розите“ го започна пред 20 години. Од надворешната политика, преку решавањето на нејзините сепаратистички конфликти па до економијата, владата денес на значителен начин го исполнува наследството што го оставија нејзините омразени непријатели.
„Поделбата во грузиската политика „не е всушност поларизација во класична смисла како во западните земји, каде што се заснова на идеологии. Во Грузија, она што го имаме е повеќе како поларизација водена од личност. Тие само се пцујат еден со друг, зборуваат за тоа колку е лош нивниот противник, но никогаш не зборуваат за конкретни прашања“, рече Корнели Какачија, шеф на тинк-тенк Грузискиот институт за политика во Тбилиси.
Видете и ова: Грузиски борци во Украина за да ги завршат „незавршените битки“Студијата од 2021 година на група политиколози за германската фондација Фридрих Еберт покажа дека политиките на двата главни спорни блока Грузискиот сон и ОДН на Саакашвили - имаат повеќе заедништво отколку разлики, особено во однос на економската политика.
За време на владеењето на Шеварнадѕе, економијата стагнираше и имаше широко распространети обвинувања за државна корупција. Сомнежите за местење на гласовите на парламентарните избори во ноември 2003 година доведоа до тоа илјадници Грузијци да излезат на улиците, што кулминираше на 22 ноември 2003 година, при што приврзаниците на Саакашвили упаднаа во парламентот и го натераа претседателот да избега.
Избран со големо мнозинство на нови избори шест недели подоцна, Саакашвили и неговата влада имаа силна идеолошка визија: цврсто прозападна надворешна политика и радикално слободна пазарна економска политика.
За времето на владеењето на Саакашвили, Грузија стана близок сојузник на Соединетите Држави и нивното непријателство со Русија се продлабочи до тој степен што тие водеа војна во 2008 година за отцепените територии Јужна Осетија и Абхазија. Економијата се отвори до таков степен што, во последната година од владеењето на Саакашвили, рангирањето на Светската банка за леснотија на водење бизнис ја стави Грузија на деветтото место во светот.
Но, Саакашвили и ОДН беа надгласани во 2012 година од Грузиски сон, разновидна коалиција составена од бизнисменот- милијардер Бидзина Иванишвили, која имаше малку заедничко освен желбата да се отстрани режимот за кој се сметаше дека е се поавторитарен. Партијата на Саакашвили беше обвинета за постојани злоупотреби на власта.
Она што дојде по Саакашвили, сепак, не значи драстична промена или нова политичка насока.
„Иванишвили не е политичка личност. Тој нема визија, ниту идеологија или програма. Ова влијаеше на целиот Грузиски сон, тие беа поопортунистички од ОДН, која имаше своја политичка визија“, рече Какачија.
Откако дојде на функцијата, Грузиски сон донесе неколку политички иновации. Најзначајно е тоа што новото раководство зазеде помалку конфронтирачки пристап кон Русија, иако таа во исто време продолжи да се приближува кон Западот.
Во пресрет на целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година, Грузискиот сон ја удвои својата политика на приспособување кон Москва. Како Грузија треба да се справи со Русија стана најострата точка на расправија во политиката на земјата.
Во последно време, Грузиски сон направи остар пресврт кон социјалниот конзерватизам, прифаќајќи ја реториката на „семејните вредности“ и идентитетот, инспирирана од примерот на Унгарија на Виктор Орбан.
Но, за многу Грузијци, сличностите меѓу двата режими сè уште ги надминуваат разликите.
Земете ја загубата на 20 отсто од територијата на земјата што ја спомна претседателот на Грузиски сон, Кобахидзе. Тоа се однесува на војната за Јужна Осетија во 2008 година, која резултираше со руска инвазија на Грузија и последователно признавање на Јужна Осетија и Абхазија од страна на Москва како независни републики. И двете сега се домаќини на илјадници руски војници.
Додека териториите се одвоија на почетокот на 1990-тите, многу пред Саакашвили да дојде на власт, војната во 2008 година ја зацврсти загубата. Тоа е една од омилените точки за разговор на Грузиски сон.
Но, Грузиски сон во најголем дел ја следи агендата поставена од владата на Саакашвили, тврди Паата Закарешвили, кој беше државен министер за помирување и граѓанска еднаквост во раните денови на владеењето на Грузискиот сон и сега е остар критичар на двата режима.
Додека претходната влада под Шеварнадse одржуваше редовни дијалози со претставниците на де факто владите во Абхазија и Јужна Осетија, Саакашвили ги прекина тие разговори.
„Нема смисла да се разговара со Абхазијците и Осетијците. Тие се никој. Русија и Москва одлучуваат за сè“, рече Закарешвили, парафразирајќи го пристапот на претходната влада.
Кога Грузиски сон дојде на власт, имаше мала промена. Тие го зазедоа истиот пристап, само го модернизираа. Владата продолжува да одбива да разговара со де факто ентитетите, во најголем дел од страв дека ако постапи поинаку ќе се изложи на критики, вели Закарешвили за РСЕ.
Видете и ова: Додека Украина се доближува до НАТО, Грузија заостанува уште повеќеТие се плашат да ја допрат оваа тема. Штом Грузиски сон ќе почне да разговара со Абхазија и Јужна Осетија, националистите би рекле: Гледате, тие водат руска политика. Тие немаат политика, тие имаат само неактивност“, додава тој.
„Во однос на Абхазија и Јужна Осетија, Грузиски сон ја прифаќа премисата дека Русија е единствената страна со која вреди да се работи, нејзината иновација се обидува да ја смести и смири Москва наместо директно да се соочи со неа, како што направи раководството на ОНД. Русија е проблем. Тие се 80 отсто од проблемот, но другите 20 отсто се наш проблем со Абхазите и Осетијците. Се додека ние не го решиме овој проблем, Русија ќе го искористи тоа“, кажа Закарешвили.
И покрај протестите на Кобахиџе за состојбата со човековите права на владата на Саакашвили, многумина тврдат дека двата режима следат слични траектории: почетно отворање и либерализација, проследено со постепено зголемување на авторитаризмот.
„Со секој последователен режим, повторно и повторно се враќавме на еднопартиски систем кој контролира сè повеќе институции“, рече претседателката Саломе Зурабишвили во неодамнешно интервју.
Претседателот беше избран на главно симболичната функција во 2018 година со поддршка на Грузиски сон, но оттогаш стана отворен критичар на владејачката партија.
Грузиски сон неодамна се обиде да ја отповика претседателката поради патувањата што таа ги направи во Европската Унија без согласност на владата, но, предлогот не успеа да добие доволно гласови во парламентот.
Ситната корупција што Саакашвили славно ја уништи со целосен ремонт на системот за спроведување на законот е речиси избришана во Грузија, додека корупцијата на високо ниво кај бизнисмени кои добиваат поволен политички третман останува присутна.
Но, токму во економската сфера е најизразен континуитетот меѓу времето на владеење на двете партии. Радикалните економски промени што ги направи Револуцијата на розите, односно силното придржување кон слободниот пазар и дерегулација, само се продлабочија.
За време на Саакашвили, Грузија полагаше голем приоритет на привлекувањето странски инвестиции, верувајќи дека тоа е клучот за привлекување на капиталот потребен за развојот на земјата. Така, ги намали и поедностави даноците и ги намали регулативите. За да ги привлечат странските инвеститори, го нагласуваа фактот дека земјата нема минимална плата.
Таа стратегија навистина привлече инвеститори и го поттикна растот на БДП, но придобивките не ги добија обичните Грузијци, вели Ераџе.
„И кога Грузиски сон дојде на власт и почна да објавува стратегии за економски развој, тие првично го критикуваа пристапот на претходната влада. И помислив: „Во ред, ова изгледа некако ветувачки, ајде да видиме што ќе се случи“. Но, тогаш навистина немаше суштинска промена“, изјави Ераџе за РСЕ.
Кон крајот на ерата на Саакашвили, владата го усвои Законот за економска слобода. Законот го оневозможи значително зголемување на даноците без референдум, на пример.
Критичарите велат дека законот ја кочи способноста на владата да управува со економијата и во 2017 година, имало обид да се отповика. Но, на крајот, владата го чуваше на хартија уште 12 години.
„Сè уште сме зависни од агендата што ја постави Саакашвили. Никој во сегашната влада не зборува за економска политика, бидејќи конвенционалната мудрост е дека пазарот ќе регулира се“, рече Бека Нацвлишвили, предавач по политичка економија и поранешен пратеник во социјалдемократската фракција на Грузиски сон.
На некој начин, Грузиски сон оди подалеку од неговите претходници. Оваа година, владата воведе нова пензиска шема во која поединците самите треба да изберат како да ги инвестираат своите пензиски заштеди.
„Во случајот со пензиите, тие дури и го продлабочија неолиберализмот“, рече Нацвлишвили.
Во 2020 година, последната година кога Светската банка го направи своето рангирање за водење бизнис, Грузија продолжи да се искачува, достигнувајќи го седмото место во светот.
За партија која главно не е заинтересирана за економски прашања, посветеноста на слободниот пазар е патот на најмал отпор, вели Ераџе.
„Овој постоечки поглед на развојот, дека како држава само ги создавате сите поволни услови за странски директни инвестиции да влезат и потоа сè се случува само по себе, е лесен начин да се размислува за развој. Тоа може да донесе брзи приходи. Значи, имате моментален резултат и потоа, како премиер, можете да излезете на телевизија и да му кажете на населението: Видете, нашата економија порасна и на кого му е важно како,“ вели Ераџе.
Спротивно на тоа, попрактичната економска политика бара многу работа. Ераџе вели дека поактивно ангажираната влада ќе мора да развие политика од сектор по сектор, да ги координира активностите со централната банка и да ги спроведе соодветните образовни реформи.
„Сето ова мора да оди рака под рака, а резултатите може да се видат 10 години. Имам чувство дека никој не сака да вложи толку многу напор во тоа“, рече таа.
Ераџе забележува дека анкетите постојано покажуваат дека главната грижа на Грузијците е економска. Во новото истражување, објавено во средината на ноември од страна на Меѓународниот републикански институт, се поставува прашањето: „Кој е најважниот проблем со кој се соочува нашата земја денес“?
Првите четири одговори, што претставуваат 67 отсто од одговорите беа-економските проблеми.
„Ако ја погледнете нашата политика и партиите, ниту владејачката партија ниту опозицијата навистина не ја отвораат оваа тема. Тоа е огромна, огромна празнина. Не знам колку долго тоа може да трае“, заклучува Ераџе.