Државниот инспекторат со само една кривична пријава за загадување во 2022 година

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шест месеци се складирало олово во Ѓорче Петров, Државниот инспекторат не знаел

Палење на трска во Охридското Езеро е единствен случај во кој Државниот инспекторат за животна средина поднел кривична пријава во изминатава година, вели директорот на ДИЖС Сретен Стојковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Другите постапки за загадувачите биле прекршочни. Се очекува одлука на инспекторите дали ќе одат со прекршочна или со кривична пријава во случајот со опасен отпад во скопската населба Ѓорче Петров, каде нелегално бил остранет над 500 тони отпад од топени акумулатори.

Се уште се чекаат конечните резултати за случајот со опасниот отпад во населбата Ѓорче Петров, каде шест месеци се складирал стотици тони опасен отпад од топени акумулатори. Зошто толку време сте реагирале ниту вие, ниту општински инспектори?

„Ние реакцијата ја имавме бидејќи надзорните инспекциски надзори ги планираме согласно месечните планови за работа на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и тој субјект којшто го одложил отпадот на таа локација ни беше во план за контрола на 20 октомври 2023 година и е направен инспекциски надзор на таа локација. Побарано е да се достави документација од правниот субјект. Отпадот, според изјавата на управителот со отпад на Рецикл-Еко Старт, е носен во последните шест месеци, така што ДИЖС немал сознанија дека на таа локација којашто не е намената за одлагање на отпад, е оставен таков отпад.

Добро, не реагирале граѓански организации, граѓани или општински инспектори?

Не. Општинскиот инспектор реагираше по објавата што ја направи во јавноста, така што тогаш излезе и ДИЖС. Преку генералниот инспектор направивме вонреден инспекциски надзор. Утврдивме дека отпадот потекнува од фирма којашто топи акумулатори, а тоа е ТАП-МАК од Пробиштип. Истиот отпад е предаден на фирмата Рецикл-Еко Старт, којашто според нивните изјави го третирала таквиот отпад и дел од третираниот отпад е однесен на локацијата во село Орман, на катастарските парцели коишто веќе ги има во јавноста.

Видете и ова: Откриен опасен отпад кај селото Орман

Рековте дека фирмата Рецикл-Еко Старт отстранила над 500 тони отпад на приватни парцели и ако утврдите одговорност фирмата може да биде казнета со 98.000 евра. Дали во овој случај одите со прекршочна или со кривична пријава?

Инспекторите се самостојни во постапувањето, така да тие ја носат одлуката како ќе ја водат постапката понатаму и дали ќе одат со кривична постапка. Вие знаете дека со измените на Кривичниот законик се воведе дело „Екоцид“, така што инспекторот ќе оцени дали ќе оди со прекршочна постапка или ќе оди со кривична постапка по Кривичниот закон, односно по Член 230 за загадување на животната средина и природата.

Колку кривични постапки се отворени против загадувачи во изминатава година?

Оваа година имаме поднесено прекршочни пријави во вредност од околу 600.000 евра. Дел се дадени на спогодување во комисијата при Министерството за животна средина, а дел се процесуирани во надлежните судови. Кривични пријави имаме поднесено само една, а тоа е за палање трската во езерото во Охридскиот регион. Тоа е кривична пријава која е поднесена во моментот.

Не мислите дека ги мотивирате загадувачите да загадуваат со тоа што повеќе одите на прекршочни постапки?

Не. Согласно Законот за животна средина доколку загадувачите, односно имателите на А-Интегрирани дозволи направат три прекршување на интегрираната еколошка дозвола, тогаш Државниот инспекторат покренува постапка за одземање на дозволата. Така да сите што работат и имаат А-интегрирани инсталации не им е во прилог да направат три прекршувања, бидејќи ќе им се одземе дозволата за работа и ќе мора да престанат со нивните активности.

Дека се чини оти на загадувачите им се исплати да загадуваат и потоа да платат казна?

Не би рекол дека им се исплати. Во дел се случуваат инциденти, ама и самите инциденти кога ќе се случат ние ги санкционираме и они мора да направат и ремедијација на просторот од загадувањето и да платат високи казни. Казните се движат и до 200.000 евра.

Видете и ова: Гардијан: Речиси сите во Европа дишат токсичен воздух, Македонците најтоксичен

Почнува грејната сезона и како и секоја година се очекува воздухот да биде загаден. Вие сте надлежни за големите инсталации, но во државата има стотици објекти кои се греат на нафта и мазут. Ќе правите ли проверки на овие објекти?

Ние ги проверуваме сите А-интегрирани дозволи и нивните емисии. Онаму каде што има континуиран мониторинг го следиме истиот. Во останатите, каде што имаат елаборати за заштита на животна средина, согласно препораките во елаборатите за правење на мерење, ги бараме мерењата дали се направени. Доколку ги надминуваат мерењата имаме санции и ги санкционираме.

Имаат ли болниците во примарното и секундарното здравство изработено елаборат за заштита на животна средина?

Да, скоро сите имаат изработено елаборат. Дел уште се на мазут, дел од болниците поминаа на гас, што е добро за заштита на животната средина, бидејќи немаме загадување на истите. Во останатиот дел ги посетуваме и им укажуваме.

Ги почитуваат ли препораките?

Да, да, ги почитуваат.

Видете и ова: Дали државата планира стратегија со која ќе стане рударска колонија на ЕУ?

Во Случајот со Река Пчиња, жителите се жалат дека АД Водостопанство добива дозволи за уредување на речно корито, а потоа ангажира фирми подизведувачи со образложение дека нема механизација и дека потоа фирмите го вадат песокот од реката и го продаваат. Дали уредување на речно корите значи вадење и продавање на песок од реката?

Уредување на речно корито значи дека тоа треба да се уреди на начин да не настане поплавување на околните површини, ниви, куќи и така натаму. Дозволите ги издава Министерството за животна средина на АД Водостопанство, но бидејќи АД Водостопанство е таква состојба во каква што е, нема соодветна механизација поради лоша финансиска состојба, ангажира подизведувачи коишто вршат ископ на песок, го одлагаат на одредена локација и истиот песок потоа, после уредување на речното корито, го продаваат. Надзор на нивната работа врши АД Водостопанство. При секое изнесување на песок даваат испратници. Дали издаваат? Значи ние имаме двајца водостопански инспектори и имаме 30 дозволи за уредување на речно корито. Значи не може водостопанскиот инспектор да стои над река каде што се уредува и да контролира дали се издаваат испратници. Ние ги задолжуваме да имаат еден човек ангажирано за издавање на испратници и да си прават контрола на уредување на речното корито. При започнување на уредување на речното корито, ние излегуваме и ги воведуваме во работите, во трасата каде што треба да се уредува. Ги гледаме документите коишто ги имаат, одобрените елаборати и целокупната документација и продолжуваат да работат.

Како е можно АД Водостопанство да нема механизација за уредување на речно корито, а притоа има приходи од разни извори, вклучително и од продажба на песокот што се вади?

АД Водостопанство има златна кокошка. Не знам што се случува таму, но е во тешка финансиска состојба. Гледате дека стално побаруваат плати од Владата. Имаат да продаваат вода од браните, имаат да продаваат песок, бидејќи имаме движење на реките и секогаш имаме наноси на песок, така да таа ситуација треба некако да се решава да АД Водостопанство си ги уредува речните корита, бидејќи кога ги уредувале АД Водостопанство немало жалби од граѓаните во тој обем, како што сега има дека копаат длабоко, копаат во ниви.