Во строгиот центар на градот спроти старата железничка станица, две згради од проектот Скопје 2014-та со години сведочат за неискористеноста на државниот имот. Едната од нив требаше да ја користи ЕЛЕМ, а другата е само половично искористена затоа што во задниот дел е сместена Регулаторната комисија за енергетика, МНАВ и Комисијата за хартии од вредност.
Празните простории кои се наѕираат од улицата Македонија укажуваат дека предниот дел од оваа зграда е неискористен.
На веб страницата на државното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИСПДП) веќе пет години стои оглас во кој се нуди за издавање деловен простор во овие згради со големина од 30 метри квадратни во вредност од 40 илјади денари месечно.
Во огласот стои дека тој простор е издаден, но на терен се забележуваат само потписи во прашливите стаклени излози и простории исполнети со градежен материјал.
Вакви неискористени деловни простори во земјава има вкупно 582. Станува збор за дуќани, односно деловни простории кои се во сопственост на државата, а кои не се издадени.
Во последниот оглас објавен минатиот месец, ова Друштво нуди за изнајмување околу 150 деловни простории, од кои 25 во Скопје. Цените се движат од 3 500 денари месечно за 13 метри квадратни во старата скопска чаршија, до 50 илјади денари месечно за 40 метри квадратни само неколку улици подолу.
Видете и ова: Државата не се грижи домаќински за својот имотСпоред податоците од последниот ревизорскиот извештај повеќе од половина од не издадениот деловен простор е евидентиран како „спорен“ и ниту се издава ниту се продава, само собира прашина. Причините за тоа најчесто се нерешени имотно-правни прашања, незаконско користење, урнати или руинирани објекти или неосновано запишана приватна сопственост.
„Извршивме анализа на неиздадениот деловен простор, при што утврдивме дека најголем дел односно 41% е во добра состојба, 31% се во задоволителна состојба, 24% во лоша состојба, а 3% се категоризирани како разрушени објекти“, велат државните ревизори.
Од досега издавање и продажба на деловен простор, државата во период од 2019 до 2022 година инкасирала над 6 милиони евра, што значи дека неискористеноста на државниот имот, значи помалку пари во буџетот.
Ревизорите утврдиле дека двете институции кои се грижат за деловниот простор Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДИССПДП) и Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП ) немаат централизирана евиденција со точни, сеопфатни и ажурирани податоци за фактичката состојба на деловниот простор и неговата функционалност. Тие стравуваат дека таквата ситуација може да предизвика корупција и злоупотреба на имотот.
Функционери живеат во државни станови и по истек на мандат
Неиздадените државни дуќани не се единствениот проблем во грижата на државниот имот. И становите кои што ги користат функционерите се проблематични, увиделе ревизорите. Според нивната анализа за минатата година од 88 корисници на службени станови, 33 не ги исполнуваат критериумите, односно не ја извршуваат функцијата, што е основ по кој стекнале право на користење на станот.
Еден таков пример е функционерската дванаескатница во центарот на Скопје позната во јавноста како „парламентарка“. Зградата го доби епитетот поради тоа што во неа за симболични цени се издаваат службени станови, кои ги користат уште 33 функционери. Но, некои од „службените“ кираџии, иако им завршува мандатот, не ги враќаат клучевите од становите, покажува истражувањето на БИРН.
„Токму невоспоставената контрола и комуникација меѓу институциите за тоа кога им истекува мандатот на функционерите, овозможува користење на службени станови и по престанок на правото за нивно користење, што влијае на ефикасно стопанисување со дел од станбениот простор на државата“, заклучуваат ревизорите.
Владата дава имот, ама не знае колку поседува
Само од почетокот на годинава, Владата донела 23 одлуки со кои предала или одзела право на трајно користење на државен имот на одредена институција, покажуваат податоците од Службен весник. Но, за ефикасно менаџирање со имотот е неоподходно државата да изготви единствен целосен регистар затоа што во моментот не е определено едно владино тело што ќе се занимава со недвижниот имот, туку разграничени се ингеренции во неколку кои водат делумно евиденција ама на различен начин.
Министерставата користат 1214 државни објекти, од кои, според подаците од ДРЗ, една шестина, односно 212 објекти ги користат бесправно, односно без одлука на Владата. Од една страна две министерства потрошиле речиси 800 илјади евра за изнајмување на простории за 4 години, во ситуција кога речиси половина министерства (43 отсто) имаа вишок простории и државни објекти кои се изјасниле дека не ги користат.
„Ова е значителен одлив на буџетски средства, кој би се намалил со преземање на активности за поефикасно управување со имотот“, тврдат ревизорите.
Дополнително 22 проценти од државните објекти не се никаде евидентирани.
„Владата нема воспоставено систем за прибирање и анализа за податоците за слободен државен простор и негово давање на користење согласно потребата од истиот“, се вели во извештајот.
Владата книжи загуба и со неискористеноста на Македонско село
За сметки за струја, физичко обезбедување и осигурување на имот, во изминативе 4 години државата потрошила над 100 илјади евра, за комплексот во скопско Нерези, „Македонско село“. Овој комплекс не работи од 2019 година, иако Владата сама на себе си даде задача да го пренамени за стартап и ИТ компаниите. Владината најава не се исполни. Овој објект со години стои заклучен а неговата изградба ја чинеше државата 6,5 милиони евра.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Комплексот од 12 автентични македонски куќи стави клуч на капијата во октомври 2018 година, откако првите и последни концесионери на селото, компаниите „Тинекс“ и „Квинс“ се повлекоа од стопанисување поради економска неисплатливост. Тоа е истата причина и поради која „Македонско село“ нема да доживее трансформација од туристичка атракција во стартап село, идеја која Владата ја заговараше уште во 2020 година, пишуваше минатото лето Радио Слободна Европа.
Државен имот е „ничија земја“
Радио Слободна Европа пишуваше и за проблемот со сопственоста на државниот имот кој го користат македонските институции. Над 600 парцели со површина од 1,5 милиони метри квадратни не се впишани во Катастарот. За споредба, оваа површина е голема колку 84 плоштади како тој во центарот на Скопје.
Бројни институции чекаат од повеќе од десет години решавање на нивниот правен статус и решение за легализација од Министерството за транспорт и врски. Меѓу „чекачите “ е и Министерството за внатрешни работи, кое има 72 отворени постапки за легализација на касарни и магацини, покажува последната анализа на невладината организација „ Праведни и професионални“.
Видете и ова: Агенција што конфискува имот нема имотен листСлична е ситуацијата со Собранието кое во 2010 година започна реконструкција, доградбата, адаптацијата и надградбата на зградата на Парламентот без при тоа да ги има основните потребни документи.
„Собранието не располага со имотен лист со утврдено право на сопственост или користење на земјиштето и објектот во кој истото е сместено и ги извршува своите функции“, се вели во финансискиот ревизорски извештај за Собранието во 2020 година.
Со градежниот зафат кој траеше до 2016 година изградени се дополнителни 4 илјади квадратни метри, во кои спаѓаат и 100 простории наменети за пратенички канцеларии.
„Неминовна е потребата од интегриран систем за централизирано управување со државниот недвижен имот, во кој ќе бидат вклучени сите државни органи и правни лица основани од државата,“ се вели во ревизорскиот извештај.
Вкупно 10 проценти од вкупната територија на државата до 2018 година, имот во сопственост на државата, не бил запишан во државните книги, изјави за Радио Слободна Европа минатата година директорот на Катастарот Борис Тунџев.
„Во првата фаза за две години успеавме да го запишеме целокупното земјиште, станува збор за шуми, земјоделско земјиште во сопственост на државата беше незапишано, без имотен лист, тоа е некаде 245 илјади хектари државно земјиште или некаде околу 10 проценти од вкупната површина на државата“, вели Тунџев.
Тоа значи дека до 2018 година државен имот со големина од најмалку четири града како Скопје, бил незаведен во државните книги.
„Тоа не е проблем од сега, со години се користеле простории и имот и никој не го евидентирал имотот“, додаде тогаш Тунџев.
Руинирани и запуштени државни вили и детски одмаралишта
Покрај тоа што дел од државните институции немаат евиденција за својот имот, тие и не се грижат за него. Низ Северна Македонија има голем број на државни објекти кои се напуштени и руинирани. Меѓу нив се и дел од државните вили во кои со години никој не стапнал во нив.
Таква е сликата и за резиденцијалната вила во Лазарополе позната во јавноста како Вилата на Лазар Колишевски, важна политичка фигура во поранешна Југославија.
Ваква е и сликата со детските одморалишта во земјава кои се под капата на Министерството за труд и социјална политика. Ова министерство има 23 објекти низ цела држава од кои само 14 имаат имотен лист. Од нив 5 објекти се детски одморалишта кои надлежните како да заборавиле дека постојат.
Сликите подолу во текстот ја покажуваат состојбата со детските одмаралишта во кои пред повеќе од 20 години се чекало ред за одмор.
Најголемиот дел од нив се изградени во времето на поранешна Југославија на најатрактивните локации во земјава, среде шума и недопрена природа или пак покрај езеро. Но, нивните голи ѕидови денеска сведочат за неодговорноста на државата и нејзиното недомаќинско чување на наследениот имот.
Детското одморалиште „Пелистер” Битола, не е во функција од 2015 година, се обезбедува од чуварска служба.
„Потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Министерството располага со корисничко право за седум детски одмаралишта кои не се во функција со години. За нив се трошат државни пари најчесто за чуварските служби, а неопходни пари за реконструкција и санирање на дотраените капацитети. Такви се одмаралиштата во Струга „Мајски Цвет“, во Берово „Малешево“, во Дојран „Николиќ“ и во стумица „Суви Лаки“.
„Детското одморалиште „Илинден” Гостивар, е во релативна добра состојба, но потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот. Не е во функција од 2013 година. Со него управуваа директор има вработени и ангажирани чувари. За детското одморалиште „Мајски Цвет”, Струга се прават напори да се стави повторно во функција“, се вели во одговорот од министерството.
Од Министерството за РСЕ минатото лето изјавија дека основната заложба им е детските одмаралишта кои се во нивна сопственост или имаат право да користење, да ја задржат својата основна намена, односно да бидат во функција на потребите на децата од ранливите семејства, но и за сите деца во државата. Но, за тоа е потребно Владата да донесе одлука за нивно реновирање или обнова.
По објавувањето на ревизорскиот извештај, ниту Владата, ниту институциите кои треба да се грижат за државниот имот не се огласија со никакви забелешки, единствено Катастарот истакна дека ќе продолжи да го евидентира државниот имот.