Достапни линкови

Агенција што конфискува имот нема имотен лист


Агенцијата за управување на одземен имот речиси 10 години поседува имот без право на користење, покажува извештај на независен ревизор. Од агенцијата не одговорија дали го решиле овој проблем.

Агенцијата што управува со одземен имот нема имотни листови за плацевите и магацините каде што го складира конфискуваниот движен имот. Ова го покажува извештајот на независен ревизор „Ревизија Чулева“ направен за периодот до 2018 година. Според овој извештај, агенцијата која треба да одзема имот поседува имот без право на користење.

Владата и доделила магацин во Тетово во 2012 година, ама не и имотен лист за него. Слична е и ситуацијата со плацевите во Миладиновци и магацините во Гевгелија и Идризово, кои ги користи од 2009 година со одлука на Влада.

„За овие објекти не е извршена проценка на вредноста и поради тоа, иако со години се користат, не се вклучени во сметководствена евиденција на Агенцијата. Истовремено, за наведените објекти не постојат имотни листови во кои е впишано правото на користење пренесено на Агенцијата,“ се вели во извештајот на независниот ревизор.

До објавување на овој текст, од Агенцијата не ни одговорија на прашањето, дали оваа состојба стара повеќе од 10 е надмината и зошто толку време не биле решени имотно правните проблеми.

Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење вели дека таквата состојба на Агенцијата се должи на недостигот на човечка и материјална екипираност, немањето на доволно пари и опрема за да може квалитетно да се спроведува мерката конфискација на имот.

„Се должи и на индивидуалните знаења и свест по однос на ова мерка. Тука коректно игра улога и законската рамка затоа што законот кој што го уредува управувањето со одземен имот и кој што го регулира и работата на Агенцијата во суштина треба да биде унапреден затоа што е застарен и дури и во период кога беше донесен немаше соодветни одредби и овозможуваше вакви пропусти“ вели тој.

Аврамовски додава дека дополнително проблематично е прашањето во законската рамка – што се случува со продадениот конфискуван имот. Проблемот е во тоа што тие пари влегуваат во буџетот, но не се знае колку точно пари се враќаат во буџетот, ниту пак има насоки и евиденција за што се користат тие пари кога ќе се вратат во државата. Според него во подобрувањето на законот е важно да се вметне и клаузула за социјалното ре искористување на имотот.

На пример во Албанија има точни насоки во законот за што може да се користи конфискуваниот имот и секогаш се оди на социјална интеграција, односно дека имотот треба да биде искористен за училишта, болници, шелтер центри и слично. Во Италија одземените луксузни домови од мафијата ,според закон, се користат за прифатни центри за жртви на трговија со луѓе.

„Со отсуството на такви одредби не можеме да имаме ни соодветна евиденција за тоа како е искористено. Од друга страна самата поставеност на агенцијата за управување со конфискуван имот е таква да оваа агенција не сноси никаква одговорност за лошото менаџирање на привремено или трајно одземениот имот. Ако настане штета на таквиот имот и тој подоцна треба да биде вратен на лицето од кое е привремено одземен, оваа штета ја надоместува државата а не агенцијата“, вели тој.

Со таквата поставеност на работите и се овозможува на Агенцијата простор за маневри и простор за појава на пропусти и недостатоци во постапките. Оваа агенција годинава располага со буџет од 395 илјади евра од кој 300 илјади се наменети за плати и надоместоци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG