„Господинот Али Ахмети ми е чичко и Господ да го благослови, тој беше мотивација за мене низ целиот живот. Горд сум што Али Ахмети ми е чичко, но тој нема никаква врска со мојот бизнис“, изјави неговиот внук, 25-годишниот Дрин Ахмети откако беше објавено дека купува деловен објект во центарот на Скопје вреден милиони евра.
Тој ќе стане втор по големина сопственик со удел од 39% во деловниот центар „Соравија“. Мнозински сопственик со 51% од акциите ќе биде Владимир Пјетерѓокај со албанската компанија „Пе-Вла-Ку“, додека 10 проценти ќе му останат на досегашниот сопственик Хано Соравија. Соравија ја премолче цената за купопродажбата на деловниот центар, велејќи дека е деловна тајна.
Сопствениците истакнаа дека трговскиот „Соравија“ има над 20 милиони евра долг. За негово покривање, ниту денар нема да дадат новите компании - сопственици, туку за таа намена е земена кредитна линија во висина од 6 милиони евра од албанската Крединс Банк. Во зависност од развојот на бизнисот, се планира да се намалува и долгот. Доколку за три години деловниот центар „Соравија“ биде непрофитабилен, сопствениците планираат да го продадат.
Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“„Јас ќе го водам деловниот објект „Соравија“ и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс Банк за да ја купиме „Соравија“ е на име на господинот Пјетерѓокај. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето“, рече внукот на Ахмети.
Цената не се открива, само висината на долгот
Освен за долгот, тројцата сопственици на “Соравија“ практично не открија никакви детали за купопродажбата.
Мнозинскиот сопственик, Владимир Пјетерѓокај не одговори конкретно на прашањето кои се неговите планови со „Соравија“. Тој наведе дека со „Пе – Вла - Ку“ учествувал во Северна Македонија на повеќе тендери од институциите, но, дека досега никогаш не победил, иако нудел и најниска цена.
„Со Дрин се познаваме четири години и тој е дел од активностите на моите бизниси во Италија. А за тоа дека е внук на Али Ахмети, секој е нечив внук“, рече албанскиот инвеститор.
Досегашниот сопственик Хано Соравија ќе остане малцински сопственик со 10 насто удел во деловниот простор. Тој имаше пофални зборови Дрин Ахмети и дека верувал во неговата личност, а не во политичките врски, напоменувајќи дека не биле запознаени чиј внук е. На новинарско прашање за колку пари ја купил на времето зградата на трговскиот центар, рече дека не може да се сети, но, точната информација сигурно стои запишана во весниците од тоа време.
Семејството Ахмети нижат бизниси
Со свои 25 години, внукот на Ахмети има повеќе бизниси. Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, вчера објави договор за кој тврди дека е склучен меѓу државната ЕСМ и фирмата на Дрин Ахмети. Според Ковачки во договорот стои дека истата фирма има само еден вработен, а има добиено концесија за ископ на варовник во вредност од 3 600 000 денари. Денеска, внукот на Ахмети ги негираше овие тврдења.
„Сите обвинувања кои доаѓаат од политички партии, доаѓаат поради политички поени. Во спротивно тие ќе одат во Јавното обвинителство, не да бидат гласни во медиумите и да држат прес – конференции, бидејќи немаат никакви правни материјали“, одговори Дрин Ахмети на обвинувањата.
Видете и ова: Спасеновски: Влада без ДУИ ќе ги комплицира работитеКомпанијата „Еверест ЏД“ се јавува и како сопственик на „Потам - плант“, формирана во 2019 година со дејност за производство на електрична енергија. Во портфолиото на Дрин Ахмети влегува уште една компанија за производство на струја, „Хелиос плант“, каде е еден од тројцата сопственици, заедно со неговиот брат, Бесиан и со Шкумбин Ахмети, синот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Дрин Ахмети, тврди дека е спремен да го докаже неговото потекло на имот.
„За секој имот кој го поседуваме, ќе го споделиме, се што сакате да знаете и видите. Само пратете на електронска пошта. И за медиумите и за органите на прогон. Нема да криеме ништо. Имајте на ум, тоа се деловни тајни, но јас ќе ги споделам со сите. Ако некој бизнисмен тоа го направил во јавноста, именувајте го“, рече тој.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека немаат надлежност да постапуваат за случајот „Соравија“ во кој е вклучен внукот на Али Ахмети, Дрин, бидејќи не е избрано или именувано лице, но укажуваат на потребата да се донесе законот за потекло на имот.
Братот на Дрин Ахмети, Бесиан, во дипломатија
Покрај „Хелиос Плант“, и синот на Ахмети, Шкумбин, се шири во секторот енергетика, отворајќи две нови компании за производство на електрична енергија. Една е компанијата „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, а другата „Мега Повер ДОО Скопје“, регистрирана во скопската населба Бардовци, во која е косопственик со екс странски советник во Владата на ВМРО - ДПМНЕ.
„Кланот Ахмети, покрај во бизнисот се шири и во дипломатијата“, велат во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата денеска објави дека вториот внук на Али Ахмети и брат на Дрин Ахмети, Бесиан Ахмети пред само три месеци е именуван за прв секретар во македонската амбасада во Брисел. Младиот Ахмети шпретходно имал само 10 месеци стаж во Министерството за економија, на работна позиција Помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали. Бесиан Ахмети бил преземен по пат на интерен оглас, на кој се пријавил, и работното место од економија го заменил со тоа во МНР. Партијата ја повика Антикорупциската комисија да го испита случајот.