Враќање на партијата на социјалдемократските вредности, доближување до граѓаните и присутност на терен, поголема моќ на членството наместо на тесниот круг од раководството на Бихаќка.
Ова се дел од заложбите кои провејуваат во програмите на сите четворица кандидати за лидер на СДСМ.
Славјанка Петровска, Венко Филипче, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски в недела (30 јуни) ќе ги одмерат силите на третите внатрепартиски избори на кои ќе се одлучи кој ќе биде шестиот претседател на СДСМ од неговото основање.
Во текот на кампањата, тие одржаа неколку заеднички претставувања пред членството низ различни градови, но во јавноста излегуваа и гласини и обинувања за манипулации, лобирања од различни центри итн.
Видете и ова: Петровска бара одложување на изборите во СДСМ, во спротивно повикува на бојкотЕдна од кандидатите за лидер на партијата, Славјанка Петровска на само два дена пред одржувањето на внатрепартиските избори ги повика нејзните противкандидати да ја поддржат во идејата за одложување на изборите поради сомнежи за злоупотреба на лични податоци на членовите на партијата при ажурирањето на членството.
Петровска смета дека изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Таа тврди дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече таа, некој користејќи ги алатките, во нивно име ги регистрирал.
„Партијата започнала со некој процес на внатрешна истрага како е тоа стигнато, кандидатот дал одговор што за мене не е релевантен. Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен, бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат, тоа може да влијае сериозно и на процесот и на резултатот“, рече Петровска.
Таа додаде дека нејзиното име ќе биде на избирачкото ливче во недела, бидејќи избирачките материјали се веќе отпечатени, но истакна дека таа лично нема да излезе да гласа.
„Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи се веќе отпечатени материјалите, меѓутоа јас лично нема да излезам да гласам и се разбира мислам дека тоа треба да го направат и останатите, рече Петровска.
Но, претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, изјави дека изборите во недела ќе се одржат.
Богоев повикува да престанат поделибите на „скопско“, „стумичко“ и „прилепско“ крило во партијата
Актуелниот потпретседател на партијата, Стефан Богоев, кој размислуваше, но сепак не поднесе кандидатура, синоќа порача дека новиот претседател „мора веднаш да почне со сеопшто обединување“, да нема ниту генерациски ниту поделби на крила како „скопско“, „струмичко“ или „прилепско“.
„Во спротивно, од СДСМ може да произлезе нов политички субјект (покрај ЗНАМ) или десетици независни листи за советници по општините на локални, исто така произлезени од и на штета на СДСМ. Тоа за нашата партија ќе биде фатално. Затоа, процесот на обединување мора да почне веднаш бидејќи време немаме“, порача Богоев преку Фејсбук.
За гласање се пријавија речиси 23.000 членови, што е далеку помалку од првите и вторите непосредни избори кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа. Но, и не е изненадување ако се земе предвид демотивираноста по најлошиот изборен резултат (154.447 гласа) што социјалдемократите го имаа на парламентарните избори на 8 мај. Очекувањата се дека „рехабилитацијата“ на партијата, без разлика кој и да победи, воопшто нема да биде лесен и брз процес.
Видете и ова: Лидерски амбиции во СДСМ има, но сè уште се тактизираЗа некој од четворицата кандидати да биде избран за лидер уште в недела, ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.
Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.
Најзаинтересирани за гласање се битолчани, кумановци и струмичани
На овие избори ќе се гласа во 74 општини на вкупно 77 избирачки места.
Разликата е затоа што во три општински организации на СДСМ има над 1.000 пријавени членови за гласање, па таму ќе се отворат по две избирачки места. Станува збор за Струмица, Куманово и Битола.
Во шест општини во државата, СДСМ нема да спроведува избори.
Според информациите од партиската Централна изборна комисија, во три од нив се пријавиле помалку од 20 члена, па тие ќе гласаат во некоја од соседните општински организации.
Во останатите три никој не сакал да гласа – Арачиново, Боговиње и Липково. За потсетување, во Арачиново СДСМ во мандатот 2017-2021 година имаше и своја градоначалничка, Меликие Халими.
Видете и ова: Битиќи: Еден кандидат за лидер не верува во социјалдемократските вредностиЛидер меѓу пратениците или надвор од парламентот
Помалку или повеќе, сите имиња што влегоа во трка за наследник на Димитар Ковачевски, кој ќе ја предводи партијата од опозиција, и се познати и на јавноста и на членството. Сите досега биле и на јавна функција.
Тројца беа функционери и во владата на Ковачевски. Петровска беше министерка за одбрана, Бајдевски заменик-министер за информатичко општество и администрација, а Деспотовски директор на Дирекцијата за Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ).
Филипче, пак, беше министер за здравство во владите на Зоран Заев во периодот од 2017 до 2022 година.
Од ветинг за раководството до директни избори за идните функционери
По парламентарните избори, пак, само тој и Петровска станаа пратеници во Собранието.
„Идното раководство на партијата ќе има пеколно тешка задача, но јас од предизвици не бегам“, вели Филипче во својата програма.
Тој важи за близок до Заев, неодамна беше дел и од Меѓународната конференција што Фондацијата на експремиерот ја оргнизираше заедно со Институтот на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас по повод шестгодишнината од Преспанскиот договор.
Додека критичарите велат дека неговото доаѓање на чело на партијата може да значи и континуитет на политиките на Заев, Филипче во првата изјава по кандидирањето рече дека ќе покаже оти ќе „владее со сопствен интегритет и достоинство“. За одличните релации со екслидерот и други функционери од СДСМ смета дека говорат за него и се предуслов за обединување.
Видете и ова: СДСМ го разгледа извештајот за изборниот пораз, па го одложи конгресотПреголемиот акцент на меѓународната политика, коалицијата со ДУИ, дозволените омаловажувања од Бугарија, оддалеченоста од поддржувачите, лошиот избор на кадри, ароганцијата тој ги смета како причини за падот на СДСМ. Како канидат ветува реорганизација односно воведување нови партиски тела, заживување на концептот „Едно општество за сите“.
„Мораме повторно да се поврземе со нашите граѓани и поддржувачи и да ја вратиме нивната доверба. Јас тоа знам како да го направам. Идното раководство ќе мора да обезбеди секој член се чувствува ценет и слушнат, а граѓаните да препознаат во СДСМ приземна, професионална и модерна партија која ја заслужува нивната доверба“, наведува Филипче во програмата.
Враќање на социјалдемократијата, нов статут, ветинг за партиското раководство се дел од ветувањата на Петровска.
„Очигледно дека заминувањето на Зоран Заев само по себе не беше решение, туку само купување време. Се промени само претседателот, но не се променија однесувањата кои ни штетеа“, вели пратеничката која ја бара довербата од членството.
На прашањата околу тоа на кој табор припаѓа досега одговараше дека со својот 24 годишен активизам во партијата е „дете на СДСМ“.
Партија во која ќе има место за сите и никој нема да биде заборавен, е визијата на кандидатот Деспотовски кој во својата програма постојано го нагласува концептот „Ние е посилно од јас“.
„Како членови на новиот СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, а веќе утре ќе ѝ бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани“, вели Деспотовски во програмата.
Една од промените што ги најавува тој е членовите непосредно да ги бираат кандидатите за пратеници и градоначалници. Истата заложба ја има и кај Бајдевски кој вели дека е потребно враќање на социјалдемократските вредности, слободата, правдата, солидарноста …
„Имајќи предвид дека сум долги години во СДСМ, од 1995 година, паметам години кога во нашата партија постоеше единство, другарство, солидарност, идеологија, заемна поддршка, како и мотив и желба за подобрување на состојбите како во партијата така и во државата. Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење“, пишува Бајдевски во својата програма.
И тој се залага за реконструкција и децентрализација на партијата за членовите да имаат поголемо учество во носењето на одлуките. Реорганизацијата, вели, нема да биде брза, но има потенцијал тоа да се направи и да ја врати партијата како „водечка сила во државата“.
Амбициите на сите се да го доведат СДСМ во ситуација да ја формира следната влада во Северна Македонија по редовните парламентарни избори за четири години отсега. Првиот тест за подобрување на изборните резултати, пак, ќе бидат локалните избори во октомври 2025 г.
Трети непосредни избори за лидер
Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.
За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.
Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.