Водачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, во повторувачките тиради против руските воени водачи во изминатите неколку месеци, се потруди да спречи да не го става директно на нишан претседателот Владимир Путин.
Кога поранешниот затвореник со пис јазик, познат и како „готвачот на Путин“ поради неговата угостителска работа, на 24 јуни објави дека неговите сили ќе се повлечат од фронтот во Украина и ќе тргнат на „марш на правдата“ во Русија, тој изгледаше дека повнимателно од кога било тврди дека Путин не е негова цел.
Зачудувачката акција „не е воен удар“, рече Пригожин. Тој се придружи кон долго воспоставениот наратив познат како „добар цар, лоши болјари“, сугерирајќи дека ако Путин направил немудри или катастрофални потези, како што е одлуката да започне целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година, тоа било затоа што го предале генерали гладни за моќ и себични тајкуни во неговиот круг.
Но, иако иднината е понејасна од кога и да било, само малку исходи од потезите на Пригожин одат во корист на Путин, за кого аналитичарите велат дека токму неговите сопствени методи, потези и стил на владеење се виновни за ситуацијата.
„Во петокот вечерта, Пригожин покрена отворен бунт“, напиша медиумот „Д Бел (The Bell) во утринските вести на 24 јуни.
„Официјално против „военото раководство“ на чело со [министерот за одбрана] Сергеј Шојгу, но де факто Пригожин го предизвика самиот режим на Владимир Путин“.
По повеќечасовна тишина во текот на ноќта, Путин се обиде да звучи цврсто во утринското обраќање во саботата, ветувајќи дека ќе преземе „решителна акција“ против „вооружениот бунт“ и нареди „неутрализација“ на неговите организатори. Но, Пригожин брзо и јасно одговори, велејќи дека Путин „многу погрешил“ кога сугерирал дека е предавник и вети дека неговите сили нема да се предадат.
На Путин ќе му биде тешко да го претвори потенцијалниот значаен пресврт во она што тој сакаше да биде кратка, победничка војна против Украина, во позитива за себе и за неговата политичка иднина. Еве зошто.
Видете и ова: Пригожин го прекина маршот кон Москва, тензиите се намалуваатЗнаци на слабост?
Самиот факт дека Пригожин го држеше Путин надвор од директната линија на огнот во неговите досегашни испади, го става претседателот во сомнително светло, прикажувајќи го како лидер кој не е во состојба да ја задржи контролата врз неговите главни луѓе и може лесно да биде доведен во заблуда. Во една од неговите претходни тиради, Пригожин навести дека Путин е „среќен дедо“ и несвесно измамен кого тие околу него го хранат со лаги и дека не е свесен за суровата реалност на војната.
Поочигледен показател дека Путин нема контрола, доаѓа од неизбежната оптика на она што, во првите 24 часа, останува длабоко матна ситуација: Пригожин и неговите сили преминаа од Украина во Русија и влегоа во Ростов на Дон, голем град, кој е центар за операциите на Москва во инвазијата на Украина, и тврди дека неговите сили го контролирале воениот штаб и другите воени локации во градот.
За набљудувачите на Русија, вообичаено е дека контролата на Путин на власта ќе изгледа цврста сè додека тоа не биде. И од речиси секој агол, постапките на Пригожин прават тој стисок да изгледа помалку цврст отколку што беше само еден ден претходно.
И покрај напорите на Кремљ и државната телевизија да го контролираат наративот, хаотичната ситуација може дополнително да ја поткопа довербата на многу Руси во Путин, чиј имиџ беше извалкан од неуспесите и загубите во војната против Украина.
Дрското возвраќање на Пригожин на обраќањето од 24 јуни нема да му помогне на Путин, кој ретко е подложен на отворени критики од некој со авторитет во Русија.
Спротивно на тврдењата дека Путин „во целост има контрола и не е подложен на државни удари, неговиот авторитет сега е директно оспорен на начин што може да има далекусежни импликации за режимот, како и за текот на војната“, смета воениот аналитичар Лоренс Фридман, почесен професор по воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон, во објава на Сабстак на 24 јуни.
Видете и ова: Путин вети ќе стори „сè да ја заштити земјата“ откако Вагнер го окупираше Ростов на ДонНов фронт
Кога Путин ја започна големата инвазија на 24 февруари 2022 година, тој очекуваше, како што ја нарече, „специјалната воена операција“ да ја постигне својата цел - потчинување на Украина, најмногу за неколку недели.
Тоа не се случи. По драматичното повлекување од позициите во околината на Киев назад преку границата таа пролет, руските сили претрпеа дополнителни неуспеси на исток и југ и сега се обидуваат да се соочат со нова украинска контраофанзива на делови од фронтот долг повеќе од 1.000 километри.
Покрај тоа, имаше напади на територијата на Русија, почнувајќи од упади во Белогород и други погранични региони до напади со беспилотни летала во Москва и, во еден случај, врз самиот Кремљ.
Кампањата на Вагнер отвора нов вид на фронт, кој е исто така во Русија, во потенцијално клучен момент на војната во Украина.
Силите на Пригожин, кои одиграа важна улога во некои од борбите, сега се внатрешен непријател.
Видете и ова: Кој е кој меѓу руските платенички воени компании?
Вистината ќе излезе на виделина
Во своето обраќање на 24 јуни, Путин го повтори она што стана главен наратив на Кремљ за неговата војна против Украина. Тој ги прикажа силите предводени од Пригожин како предавници кои ја поткопуваат Русија во клучен момент, повторувајќи го своето неосновано тврдење дека инвазијата не е акт на агресија, туку неопходен чекор за да се спротивстави на обидот на Западот да ја искористи Украина за да ја распарчи Русија или, во најмала рака, да го претрпи „стратешки пораз“.
Руските власти на сите нивоа го повторија тој наратив, но Пригожин, во забелешките од 23 јуни, се обиде да направи голема дупка во него.
Во претходните тиради, тој ги критикуваше Шојгу и началникот на Генералштабот на вооружените сили Валери Герасимов за начинот на кој ја водеа војната, тврдејќи дека не им давале муниција на неговите сили.
Овој пат, тој не само што ја обвини војската дека ги таргетира неговите единици со ракети и оган од вооружени хеликоптери, туку и сугерираше дека самата инвазија е неоправдана, оспорувајќи го тврдењето дека Русија се соочува со закана од напад од Украина и НАТО.
„На 24 февруари [2022 година] не се случи ништо невообичаено“, рече Пригожин.
„Сега Министерството за одбрана се обидува да ја измами јавноста, да го измами претседателот и да раскаже приказна дека има некоја луда агресија од страна на Украина, дека - заедно со целиот НАТО блок - Украина планира да нè нападне“, рече тој.
„Прашањето за неопходноста од војната ги направи последните обвинувања на Пригожин толку запаливи“, напиша воениот аналитичар Фридман, бидејќи тие го оспоруваат „не само водењето на војната, туку и целата основа врз која таа беше започната. Истрелите можеби беа насочени кон Шојгу и генералот Валери Герасимов... но Владимир Путин беше очигледно на линијата за огнот“, напиша тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Метод и лудило
Во текот на речиси 24 години на власт како претседател или премиер, Путин се обидуваше да ја одржи контролата делумно со правење фракции во Русија едни против други, но аналитичарите велат дека неговата одлука да започне голема инвазија врз Украина го наруши тој систем.
„Стилот на Путин на управување со елитата се покажа опасно нефункционален кога беше пренесен на бојното поле“, напиша авторот и аналитичар Марк Галеоти, експерт за руските воени и безбедносни агенции, во „Спектатор“ на 15 мај.
„Културата на меѓусебен сомнеж, канибалистичка конкуренција и опортунистички личен интерес го задржа Путин на власт повеќе од две децении. Тоа му овозможи да ги буцка поединците и интересите едни против други и ги принуди членовите на неговиот круг постојано да го прашуваат и да бараат негова наклоност“, напиша Галеоти.
„Во војна, сепак, се потребни единство, дисциплина и взаемна поддршка, нешто што Украинците го покажуваат, а на Русите очигледно им недостига“, напиша тој.
Првите јавни коментари на Путин по големиот потег на Пригожин покажаа дека тој ќе се обиде да го искористи, како што рече, предавничкиот „удар во грб“ за да создаде единство меѓу Русите и да извлече некаква победа од челуста на можниот пораз.
Но, за претседател кој отсекогаш бил претставен како лидер со цврста контрола, тоа ќе биде тешко да се направи. А кампањата на Пригожин може да открие фатални недостатоци во неговиот метод на владеење.
Непријателството меѓу Пригожин и Шојгу на многу начини е „класичен натпревар за ренти, кој со децении доминира на руската политичка и економска сцена, а со тоа и нешто за кое Путин и остатокот од системот треба да бидат добро подготвени, и затоа не треба да биде страшно дестабилизирачко“, напиша Сем Грин, професор на Институтот за Русија на Кралскиот колеџ во Лондон, на 24 јуни.
Но, на два важни начини, напиша Грин, тоа е „многу различно од сè што досега сме виделе во Русија“.
Како прво, ривалите „имаат одреден степен на огнена моќ што би ги направило мафијашките босови од 1990-тите да изгледаат како ученичиња со чатали. Второ, борбата е за контрола на процесот што стана камен-темелник на политичкото владеење на Путин: војната во Украина“, напиша тој.
„Ниту еден од другите сектори за кои руските елити се бореле во минатото не бил толку критичен за политичкиот опстанок на Путин.“
„Дури и ако Вагнер биде брзо поразен, што не би го земал здраво за готово, тогаш ова е сепак голем шок за режимот и тој ќе биде ослабен“, напиша Фридман.
„Ако конфронтацијата отиде во друга насока, тогаш сите облози отпаѓаат и Кремљ може да биде зафатен од паника“, смета тој.