Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблеми

Илустрација

Во македонскиот тим од Комисијата извесни се промени. Тоа го најавува власта, но и копретседателот Ѓоргиев вели дека тој лично не би се нафатил да го продолжи мандатот што му истекува за помалку од еден месец. Ѓоргиев жали што наместо во академска тие досега работеле во бурна политичка атмосфера и историјата се користела како алатка во политичките односи. Со сличен став е и бугарскиот копретседател Димитров кој вели дека вниманието не треба да се насочува кон Комисијата бидејќи проблемот е политички, а не научен.

На 18 и 19 септември во Скопје треба да се одржи четвртата средба за оваа година на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Меѓутоа, прашање е дали таа воопшто ќе се реализира и во каков состав.

Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати најави дека ќе назначат нови историчари во македонскиот тим. Без разлика дали Владата во Скопје ќе го стори тоа или не, промените во составот се извесни бидејќи повлекувања најавуваат и самите членови. Мандатот им истекува на 15 септември, а копретседателот од македонска страна, Драги Ѓоргиев, вели дека не би се согласил да потпише нов договор.

„Јас лично веќе и не би продолжил договорот, но ете и очигледно е дека ќе има промени во Комисијата и дека Владата ќе назначи нови членови, според изјавите на премиерот. Но, искрено и малку се заситивме“, вели Ѓоргиев за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Скопје и Софија нема да дозволат да се „распали оган“ на роденденот на Делчев

На средината на август тој се сретнал со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за да го запознае со досегашната работа на комисијата, но како што вели, „на средбата не стана збор за промени во составот“.

Во комисијата има по седум члена од двете страни. Бугарскиот копретседател, Ангел Димитров уверува дека кај нив ќе остане истиот тим и иронично додава дека жали што нивните колеги ќе бидат сменети од власта.

„Во Бугарија нема да има промени зошто нема причини за тоа. Бугарскиот состав на Комисијата е од сериозни научници без поврзаност со политичките партии. Промени кај нас нема да има и не гледам ниту една причина за тоа“, вели Димитров за РСЕ.

Двете земји периодов се најдоа во политички турбулентен период. Во Северна Македонија се случи транзиција на власта откако ВМРО-ДПМНЕ, која седум години беше во опозиција, по парламентарните и претседателските избори на 8 мај, формираше Влада. Во Бугарија сè уште трае изборниот период. На 9 јуни Софија ги организираше шестите парламентарни избори за три години. Но и по нив никој не успеа да формира стабилна влада, па откако вчера (26 август) беше формирана нова преодна влада, бугарските граѓани на 27 октомври ќе излезат на гласачките места по седми пат.

И Ѓоргиев и Димитров согласни: Проблем е политиката

Заедничката комисија за историски и образовни прашања, пак, беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 година во Скопје го потпишаа тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов.

И покрај политичките случувања на двете страни од границата, членовите на ова тело одржуваа средби додека впечатокот во јавноста е оти работата е заглавена во ќорсокак. Последните препораки, за кои македонските и бугарските историчари ги усогласија ставовите, беа објавени пред две години. Последната средба тие ја одржаа во јуни и таа беше трета за годинава. Според годишниот план за работа, планирани се вкупно шест што значи дека покрај средбата на 18 и 19 септември во Скопје до крајот на декември би требало да се одржат уште два состанока.

Во моментов дискусијата е заглавена кај учебниците по историја – шести клас кај бугарските и седмо одделение кај македонските учебници.

Видете и ова: Партиски покер за уставни измени

Покрај спротивставените ставови кои често ги истакнуваа и во јавноста, копретседателите од двете страни, Ѓоргиев и Димитров, се согласни дека политиката и за едните и за другите претставува проблем.

Работата на оваа комисија, нагласува Ѓоргиев, беше исполитизирана од самиот почеток.

„Стана алатка за инструментализација на историјата во политичките односи меѓу Македонија и Бугарија од самиот почеток и од тие причини за жал не ги даде очекуваните резултати. И не и беше дозволено [на Комисијата] да работи во еден академски амбиент туку повеќе во една бурна политичка атмосфера кога често тоа беше главна тема и имаше препукување меѓу двете држави“, вели Ѓоргиев за РСЕ.

Комисијата не е проблем туку политиката, порачува и неговиот бугарски колега Димитров. Тој оценува дека досега со македонските колеги работеле во професионална атмосфера.

„Комисијата е единствениот создаден, според договорот, орган којшто работи. Работи во една професионална атмосфера, без малку хармонична, без особено добри резултати, но сепак се обидува да решава некои проблеми кои се трупани со децении и кои често пати излегуваат од рамките на научните познавања. Така што, вниманието не треба да се насочува кон Комисијата. Проблемот е политички, не е научен“, вели бугарскиот копретседател во разговорот со РСЕ.

Последните препораки за кои Комисијата ги усогласи ставовите, а кои беа објавени во август 2022, беа за заедничко чествување на Цар Самуил, светите браќа Кирил и Методиј, како и за Климент и Наум Охридски. Исто така, тие ги усогласија препораките и за учебниците по историја за пети клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.

Новата власт во Скопје незадоволна, новите имиња непознати

Но, со досегашната работа, пред сè од македонскиот тим не е задоволен премиерот Христијан Мицкоски. На 22 август тој најави кадровски промени во Комисијата до крајот на овој месец или на почетокот на септември. Вчера повторно го најави истото тврдејќи дека нема политичка заднина во намерата за назначување нови членови.

„Нормално е нова Влада, нови луѓе кои управуваат со новата Влада да има и кадровски промени. Лично ако мене ме прашувате за мислење, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку да, логично е кога имате нова влада има и одреди промени во одредени институции“, изјави Мицкоски на 26 август.

Видете и ова: Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТО

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, пак, до објавување на овој текст не одговорија на прашањата на РСЕ дали ќе се менуваат сите членови на Заедничката комисија, како и дали е разговарано и им е понудено на други историчари да бидат дел од ова тело.

А, работата на заедничката историска комисија не е единствениот предизвик во македонско-бугарските односи. Во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање. По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

Најголемата партија во актуелната власт во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ додека беше опозиција жестоко се противеше на уставните измени обвинувајќи ја поранешната власт за национални предавства и стравувајќи дека во иднина ќе има и нови условувања и барања од Бугарија.

Видете и ова: Жељасков - Од ЕУ ве делат уставните измени и говорот на омраза

По промената на власта, во односите меѓу двете држави како и во евроинтегративниот процес на Северна Македонија нема ништо ново. Министерот за надворешни работи, кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во последното интервју на ТВ Сител на 19 август посочи дека е потребен реципроцитет од бугарска страна во однос на почитување на малцинските права од страна на Софија. Во однос на уставните измени го повтори ставот дека за одложено дејство на уставните измени односно тие да се донесат, но да важат од моментот на зачленување во ЕУ.

За разговори, Скопје ќе чека политичка влада кај источниот сосед. Како што рече Муцунски, техничката влада таму во моментов не може да презеде сериозна политичка одговорност.

Интензивен дијалог помеѓу двете држави по изборите на 27 октомври во Бугарија и формирањето на нова бугарска Влада очекува и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, чиј мандат завршува в петок, 30 август.