Набргу по преземањето на власта во Авганистан, Талибанците ја забранија музиката и јавно ги тепаа и понижуваа музичарите.
Сега, милитантната група ги интензивира своите остри мерки против Авганистанците кои свират и слушаат музика, која ја смета за неисламска.
Во западниот град Херат, членовите на озлогласената талибанска полиција за морал минатиот месец направија огромен оган од конфискувани музички инструменти.
Жители од Херат, за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа, рекоа дека полицијата за морал, исто така, почнала да претресува возила и домови додека се обидува да ја спроведе забраната, која наиде на широко осуда.
„Кога талибанците нè запираат на безбедносните контролни пунктови, тие прво гледаат во аудио системот на автомобилот за да видат што слушаме“, рече Халил Ахмад, жител на Херат, додавајќи дека милитантите конфискувале MP3 плеери и флеш дискови кои содржат музика.
Локалните жители велат дека членовите на талибанската полиција за морал ноќе патролираат по улиците и уличките на градот во потрага по прекршители. Оние Авганистанци кои ја прекршуваат забраната може да бидат тепани или затворени.
Моралната полиција е одговорна за спроведување на законите за морал на талибанците, вклучувајќи го и строгиот кодекс на облекување и родовата сегрегација во општеството.
„Имам горчливо сеќавање кога бев сведок на тепање луѓе, затоа што едноставно пуштале музика во нивните автомобили“, рече Ахмад Џавед, друг жител на Херат.
Џавед, кој има 26 години рече дека неговите пријатели пуштале музика внатре во нивната куќа за време на роденденска забава претходно овој месец.
„Многу се плашевме дека некој ќе не пријави кај властите“, изјави тој за Радио Азади, велејќи дека „ограничувањата станале преголеми“.
Под власта на талибанците, Авганистан е единствената земја во светот каде музиката е забранета. Талибанците ја забранија музиката за време на нивниот прв мандат на власт од 1996 до 2001 година.
На ТВ и радио станици им е забрането да емитуваат музика. Во меѓувреме, проповедите или читањата на Куранот, светата книга на исламот, ги заменија песните што некогаш се слушаа на свадби.
Стотици музичари избегаа од Авганистан по преземањето на власта од страна на талибанците во август 2021 година. Многу музичари кои останаа во земјата ги напуштија своите музички кариери.
Видете и ова: Талибанците повикуваат на строга забрана за музика во свадбените салиМеѓу нив е и Абдул Калик Нури, фолк пејач од Херат. Овој 61-годишник, е единствениот хранител во неговото шестчлено семејство. Тој досега заработувал од пеење на настани и продавал ЦД-а со својата музика. Сега, тој заработува за живот како возач на рикша.
„Не можам да дишам. Се чувствувам задушено. Срцето ми е скршено“, изјави тој за Радио Азади.
Нури беше меѓу многуте музичари кои некогаш снимаа музика во студијата долж улицата Бадмурган во Херат. Сега на улицата има гаражи за поправка на автомобили, продавници за резервни делови за автомобили и ковачки работилници.
И покрај засилената репресија на музиката од страна на талибанците, авганистанските музичари се решени да ги заштитат музичките традиции на земјата.
Пејачот Калил Ариа побегна од Авганистан во октомври 2021 година, речиси два месеци откако талибанците ја презедоа власта во Кабул. Сега живее во егзил во Германија со сопругата и двете ќерки.
„Ги закопав моите инструменти во нашата градина [во Авганистан пред да заминам]. Се чувствував како да ги закопувам сопствените деца“, изјави 35-годишниот Ариа за Радио Азади.
Како и голем број водечки авганистански пејачи и музичари, Ариа сега прави музика во странство и се надева дека ќе го зачува музичкото наследство на земјата.
Во текот на деведесетите година на минатиот век, многу авганистански музичари избегаа во соседните Пакистан и Иран, каде што можеа слободно да музицираат и да го пренесат своето знаење на следната генерација. Повеќето музичари кои останале во Авганистан или свиреле тајно во своите домови или ги криеле своите инструменти.
Откако инвазијата предводена од САД го собори талибанскиот режим во 2001 година, беа направени големи чекори во заживувањето на музичките традиции во Авганистан. Сега, многу од тие придобивки се менуваат.
Видете и ова: Помалку жени и без забава: медиумската сцена во Авганистан под ТалибанцитеАзизул Рахман Мохаџер, шеф на талибанското Министерство за промоција на доблеста и спречување на пороците во Херат, вели дека музиката е забранета според исламот. „Не можеме да дозволиме музичари, бидејќи Господ ќе биде незадоволен“, изјави тој за Радио Азади.
Но, исламските експерти го отфрлаат резонирањето на талибанците. Мухамед Мохик, истражувач специјализиран за исламот, вели дека во Куранот не постои конечна одлука за музиката.
„Прашањето за музиката е спорно“, рече тој. „Ако некој ја фаворизира идејата дека музиката е забранета, може да ја избегне тоа. Но, погрешно е да се принудуваат луѓето да го следат овој став“.
Ахмад Сармаст, самопрогонетиот основач на Авганистанскиот национален институт за музика, вели дека забраната на талибанците за музика е напад на авганистанската култура.
„Политиката на талибанците го турка богатото наследство на авганистанската музика кон уништување“, изјави тој за Радио Азади. „Отсуството на музика го претвора Авганистан во болно и насилно општество.