Државната комисија за спречување на корупцијата ќе бара од Обвинителството за организиран криминал и корупција кривично да ги гони сите кои учествувале во постапка за донесување на деталниот урбанистички план во Карпош за бензинската станица на „Пуцко Петрол“. И тоа во периодот од неговото прво усвојување во 2016 година во мандатот на градоначалникот Стевче Јакимовски, се до неговото укинување по втор пат од Уставниот суд.
На денешната седница, членот на ДКСК, Шемши Салаи, соопшти дека институцијата утврдила состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластувања и поткуп.
Покрај кривичната постапка, ДКСК ќе поднесе и претставка до Министерство за локална самоуправа на РСМ, во која ќе бара распуштање на Советот на Општина Карпош, бидејќи го прекршиле членот со кој „повторно го донеле прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд“.
Видете и ова: Син на пратеник и поранешен осуденик дел од снабдувачите на државата со нафта„За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива, ќе се достават претставки до надлежните државни органи и институции“, се вели во образложението на одлуката.
Документација собрана од 14 институции
Предметот е оформен во март 2022 година по поднесена пријава од непознат подносител. Документацијата која ја собрала ДКСК од голем број институции, меѓу кои општина Карпош, Државното правобранителство, Управа за јавни приходи и други, покажала дека општина Карпош донела два идентични ДУП-ови, кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план на главниот град. Дополнително, не била спроведена стратегиска оцена за влијание на животната средина.
„Градежната парцела била продадена на Пуцко Петрол. Компанијата не успеала да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинска станица. Поради укинувањето на првиот ДУП покренат бил судски спор за надомест на штета. Барано е надомест на изгубена добивка, со примена на динамичка метода, иако бензинската станица не била изградена. Во текот на судскиот спор, од страна на Општина Карпош иако требало да достави вештачење за причинско-последичната врска помеѓу штетниот настан и изгубената добивка, ова вештачење било доставено со задоцнување.
Видете и ова: Малку фирми добиваат многу општински тендериОд ДКСК потсетуваат дека првостепениот суд во два наврати носи пресуда во корист на „Пуцко Петрол“, додека Апелациониот суд има донесено две суштински различни одлуки од оние на првостепениот суд. Антикорупционерите укажуваат и дека истиот експерт е ангажиран и како вешто лице во спорот од „Пуцко Петрол“ и како обучувач за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, врз основа на кој е донесен вториот ДУП. Држена била и обука на вработените во секторот за урбанизам во Општина Карпош.
„Вториот ДУП исто така е донесен без да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина. Вториот ДУП е со цел да придонесе за решавање на судскиот спор. Врз основа на анализата на кредитната историја на „Пуцко Петрол“, може да се идентификува сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација“, велат од ДКСК.
„Пуцко Петрол“ ги скара Обвинителството и ДКСК
За период од две недели, ова е втора иницијатива за кривично гонење поврзана со компанијата „Пуцко Петрол“. Претходната иницијатива беше дочекана „на нож“ од Јавното обвинителство, а се однесуваше на конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.
Видете и ова: ОЈО: Антикорупциска да се држи до надлежностите и да не нанесува штета на постапкитеЈавното обвинителство тогаш ја оцени како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.
Иако Јавното обвинителство соопшти дека ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, им порача на антикорупционерите дека е нецелисходно да поднесуваат иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува.
На 20 јули, ДКСК соопшти дека од неуспешната конфискација на имотот на „Трансмет“ за случајот „Труст“ најмногу ќарила фирмата „Пуцко петрол“. Од таму соопштија дека имотот на „Трансмет“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра за државата.