Пропадна обидот за амнестија по скратена постапка

Предлог-законот за амнестија е на дневен ред на пленарната седница на Собранието на 2 ноември

Предлог-законот за амнестија не помина во Собранието. „Против“ беа 66 пратеници, а „за“ гласаа само 17

Засега ќе нема амнестија на осуденици за „лесни кривични дела“. Законот за амнестија што го предложи Владата не ја доби поддршката од пратеници на денешната пленарна седница во Собранието.

Кога пресетедателот на парламентот Талат Џафери повика да се гласа дали владиниот предлог по скратена постапка да се донесе Законот за амнестија, мнозинство од 66 пратеници гласаше „против“.

Глас „за“ дадоа само 17 пратеници, а тројца беа „воздржани“.

Поддршката за предлог-законот ја дадоа Алијанса за Албанците и ДУИ, додека меѓу оние што беа „против“ доминираа гласовите од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со нивните коалиции.

Пред да гласаат, предлог-законот од собраниската говорница го образложуваше министерот за правда Кренар Лога кој, како што најави, во парламентот донесе албум со фотографии од условите во затворите.

Меѓу причините зошто треба да се донесе законот, министерот претходно ги посочи алармантната состојба со условите во затворите и пренатрупаноста на капацитетите. Тука тој ја наброја и можноста за ресоцијализација на осудениците за полесни кривични дела.

Лога наведе дека ова не е првпат да се носи амнестија во земјава, а во неколку наврати потенцираше дека речиси истиот закон беше донесен во 2018 година, кога доби поддршка и од повеќето партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, министерот не ги убеди пратениците да дадат поддршка за овој предлог-закон.

„Денеска Северна Македонија е понеправедна од вчера“, искоментира Лога на неговиот официјален профил на Фејсбук откако не помина предлог-законот.

Во изјава за медиумите, пак, министерот најави дека сега ќе го предложи законот во редовна постапка, а за тоа што пратениците не гласаа „за“ рече дека гледа како на одмазда бидејќи не дал поддршка за измените на Кривичниот законик.

Предлогот предвидуваше амнестија за „лесни кривични дела“ – целосно ослободување на осуденици кои добиле затворска казна до шест месеци, а 30 отсто намалување на казните за останатите. Исклучок беа сторителите на тешки кривични дела.

Вака поставениот предлог значеше дека од 2 114 осуденици кои се наоѓаат во затворите, на слобода би излегле 286, додека делумно би се амнестирале 996. Ваквите пресметки не беа конечни бидејќи 2 813 лица чекаат да влезат во затвор и за нив ќе требаше дополнително да се прави анализа кој ќе биде амнестиран.

ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија

Предизборен трик или неопходност

На предлог-законот изминатиот период остро се противеше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се подготвуваше со околу 5 000 амандмани да го блокира предлог-законот доколку поминеше во понатамошната собраниска фаза.

Опозицијата на овој предлог-закон гледаше како на „предизборно амнестирање криминалци“ и изминатиот период критикуваше дека власта треба да се фокусира на реалните проблеми на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ се заканија и со напуштање на Собранието доколку власта се реши да го предложи Законот со европско знаменце, со кое расправата за законите се ограничува на три дена.

Видете и ова: Нема план „Б“ ако амнестијата заглави во Собранието

Во пресрет на собраниската седница на 2 ноември, од кабинетот на министерот за правда за Радио Слободна Европа минатата недела посочија дека тој останува на ставот оти законот во иднина нема да се предложи со европско знаменце и дека нема да се бара решение „надвор од Собранието“.

Амандмани и од власта

Покрај илјадниците амандмани од ВМРО-ДПМНЕ за овој предлог-закон, најави барем за еден амандман испратија имаше и од владејачкиот СДСМ. Тоа следуваше откако во јавноста излегоа информации дека амнестијата ќе опфати двајца осуденици во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, кои се во затвор за помагање.

Амандманот од власта, доколку законот поминеше при денешното гласање, ќе беше во насока на тоа амнестијата да не опфаќа осуденици за „помагање“ во тешки кривични дела.

Видете и ова: Осудените за 27 април „сопка“ за новиот закон за амнестија?

Разногласија и од Илинденска бр.2

Предлог-законот за амнестија првично се најде на владина седница на 19 септември, но не помина. Официјалното објаснување од Владата тогаш беше дека треба дополнително усогласување со надлежните институции, а неофицијално, пак, во јавноста излегоа информации дека имало несогласувања кои кулминирале и со закана со оставка од министерот Лога. Во одговорот од Министерстовото за правда, пак, тогаш рекоа дека министерот „не поднел писмена оставка“.

Во јавните настапи од владините редови со став против амнестијата излезе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, според кого, ниту сега е соодветно време за ова ниту законот ќе помогне многу во растеретување на затворите.

„Но, сега тоа е работа на Собранието. Нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение. Нема да допринесе значително да ослободат места или да се намали притисокот на казнено-управните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции“, изјави Спасовски на 30 септември.

Заменичката на Лога, Викторија Аврамовска-Мадиќ пред два дена ги повтори целите на предлог-законот, но потенцираше дека постојат и други начини како да се намали притисокот врз преполните затвори.

„Многупати имам кажано дека постојат и други алтернативни мерки, дека не мора со Законот за амнестија да се испразнат, тоа може да биде и условен отпуст, пробација и тогаш мислам дека многу многу повеќе ќе се намалат затворите, бидејќи и анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека станува збор за многу помал број на затвореници кои би ги напуштиле затворите со овој предлог-закон“, изјави заменик-министерката за правда на 31 октомври.

Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазар

Критики од правната фела

Критики за амнестијата што беше предложена, како што е познато, изминатиот период упатија и од правната фела. Меѓу нив беше професорот по уставно право Светомир Шкариќ кој оцени дека ова се прави од нужда, а не од рационалност и претставува уништување на судството.

Поранешни и актуелни судии, пак, коментираа и дека доколку имаме функционален систем во кој функционира пробацијата и условниот отпуст, тогаш државата нема да се доведува во ситуација кога амнестија ќе биде неопходна.

„Прашањето е дали има соодветна анализа колкав е бројот на лицата коишто ќе добијат амнестија, и дали амнестијата како политичка одлука за отпуштање на дел од осуденичката популација ќе биде соодветна за сметка на она што ние во судството го имаме судскиот институт - тоа е условниот отпуст. Ако вие на соодветен начин го имплементирате условниот отпуст, тогаш немате никаква потреба од донесување на закон за амнестија“, рече судијата Лазар Нанев пред два дена во Охрид.

Доколку се донесеше овој предлог-закон кој предизвика бурна дебата во јавноста, ќе беше осма амнестија од независноста на државата. Првата беше донесена во 1991 година, а потоа следуваа амнестии во 1999-та, па во 2002 и 2003 година. Во 2018 беше изгласана уште една амнестија за која причините беа слични како и денес – пренатрупаност и лоши услови во затворите. Истата година, Собранието донесе уште еден закон со кој се амнестираа дел од тогаш обвинетите за упадот во парламентот на 27 април 2017 година. Последен пат, закон за амнестија беше донесен годинава и се однесуваше на прекршителите на ковид-протоколите.

Исклучоците кои не беа опфатени со предлогот за осмата амнестија, се однесуваа на правосилно осудени лица на казни доживотен затвор, како и на осуденици за: убиство; дела против изборите и гласањето; дела против половата слобода и морал; разбојништво; разбојничка кражба; дела против државата; против јавниот ред; против човечноста и меѓународното право; измама на штета на средства на ЕУ; перење пари, злоупотреба на службената положба и овластувања; примање и давање поткуп; давање и примање награда за противзаконито влијание; семејно и родово-базирано насилство.