Дел од амбасадорите на Република Северна Македонија, кои во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ беа упатени на мисија без да ги бранат своите тези пред Собранието, може да бидат вратени назад.
Ова ќе го бараат пратеници од владејачкото мнозинство доколку парламентот преку автентично толкување на Законот за надворешни работи утврди дека претставувањето на амбасадорите пред собраниската Комисија за надворешна политика е задолжителен дел од процедурата на испраќање.
Постапката за автентично толкување веќе е започната и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој го покренал барањето, периодов очекува да добие мислење од Владата за да може да се оди кон следниот чекор – одржување седница на Законодавно-правната комисија во Собранието.
„Јас лично сакам да се протолкува ова прашање бидејќи сметам дека со тоа што амбасадори се испраќаа без да ги бранат тезите пред пратениците, не е испочитуван Законот за надворешни работи“, вели Стојаноски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Муцунски ги скенира последните дипломатски упатувања на ОсманиДоколку и собранискиот пленум го дели неговиот став односно изгласа такво автентично толкување, како пратеници тие потоа би побарале Министерство за надворешни работи (МНР) да ги отповика тие амбасадори.
Стојаноски не располага со бројка колку амбасадори се во прашање, а од МНР во овој момент се воздржани околу ова прашање. Неофицијално, станува збор за безмалку десет амбасадори, од кои дел се дипломати од кариера.
Бранењето на тезите од страна на амбасадорите пред пратениците претходната власт го прескокнуваше во неколку наврати во ситуации кога се соочуваше со блокада поради незакажување на седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна ВМРО-ДПМНЕ која како опозиција раководеше со ова тело. Претставниците на СДСМ и ДУИ беа на став дека „сослушувањето“ во парламентот не е задолжителен дел од процедурата.
МНР: Не е момент да се разгледуваат можни импликации
Актуелното раководство во МНР веќе дало мислење за ова прашање, но но не сакаат да ги соопштат следните чекори.
„Согласно законските процедури Владата доставува мислење за барањето за автентично толкување до Собранието, а бидејќи станува збор за Законот за надворешни работи и МНР дава свое мислење до Владата. Со оглед дека процедурата е сè уште во тек, сметаме дека не е момент кога би требало да се разгледуваат потенцијалните импликации од ова автентично толкување“, велат од МНР за РСЕ.
Видете и ова: Колку надворешни политики води Северна Македонија?Делот од Законот кој различни политички табори различно го толкуваат и сега е предмет на автентично толкување се наоѓа во членот 39 од Законот за надворешни работи.
Во него е опишана постапката при што се наведува дека откако кандидатот за амбасадор ќе добие агреман од државата каде треба да замине, започнуваат подготовките за преземање на должноста и тие „траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршениот разговор со министерот и директорите во Министерството.
„По завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика“, пишува во членот 39 кој е предмет на барањето за автентично толкување.
„Нема потреба од политички пресметувања“
Поранешен амбасадор, Љупчо Арсовски, кој бил дел од дипломатите кои учествувале во изготвувањето на законот за надворешни работи во 90-тите години од минатиот век, се присетува дека тогашната работна група сакала да го вметне тој делот за бранење на тезите во Собранието и како што вели, иако не било наведено како задолжително и не е предвидено што во сценарио ако се прескокне парламентот, идејата била да се даде на значење на целиот тој процес.
„Ако во највисокиот претставнички дом во државата парламентарците кажат дека не се задоволни, тогаш се добива една оценка која никој не може да ја избрише без разлика што не е наведено како задолжително. Со тоа сакавме да му дадеме големо значење и на самиот амбасадор во државата каде се испраќа покажувајќи дека тој ги поминал сите нивоа дома“, вели Арсовски.
Сепак, тој порачува дека во ситуација кога веќе се испратени луѓе „нема потреба за политички и партиски пресметувања“.
„Посебно што финално претседателот што тогаш бил одлучил да ги прати за да го заштити дигнитетот на државата бидејќи имавме места каде и по неколку години немаше амбасадор“, додава поранешниот амбасадор.
Видете и ова: Какви дипломати ни се потребни – политички или професионални?Меѓу ваквите примери, кога поранешниот претседател Стево Пендаровски потпиша укази за амбасадори без бранење на тези во Собранието, беше со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска. За неа, како што сведочат и медиумските архиви, пет-шест месеци се чекаше да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика од страна на тогашниот претседател на ова тело Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот период во септември 2022, без бранење на тезите во парламентот, за амбасадор во Белгија замина и дипломатот од кариера Методија Белевски.
Од кабинетот на Пендаровски тогаш тврдеа дека нема прескокнување на законската процедура односно дека законската обврска на амбасадорите била завршена со претставувањето на тезите пред Колегиумот на Министерството за надворешни работи.
И поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во изјавите пред новинарите тврдеше дека тоа не е законска обврска туку повеќе да се покаже добра волја за инклузивност и вклучување на парламентот.
Во меѓувреме, по промената на власта во земјава, Љубомир Фрчковски си поднесе оставка од амбасадор во ОН откако од МНР излегоа со тврдења дека имало „финансиски нерегуларности“ во работењето што тој го негираше нарекувајќи ги обвинувањата „конструкција на валканици“.
Северна Македонија, според податоците на веб-страницата на МНР, има амбасади во 43 држави и во осум меѓународни организации.
Видете и ова: МНР ќе ги проверува сите именувања на амбасадори од 2006 годинаПо промената на власта по парламентарните избори на 8 мај, од Министерството на консултации повикаа и други амбасадори. Меѓу нив Весел Мемеди, кој е амбасадор во Рим, а причината беше што тој во февруари наводно на своја рака ги известил италијанските власти дека се неважечки патните исправи со името Република Македонија.
На консултации во Скопје беше и амбасадорот во Букурешт, Андреј Жерновски, за кого шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, кажа дека има „сериозни индиции за несоодветно постапување што е поврзано со формално-правниот аспект на неговото стапување на функцијата“.
Епилогот и за Мемеди и за Жерновски, сè уште не е познат.
И амбасадорот во Тирана, Данчо Марковски, беше на разговор со Муцунски, но во однос на резултатите од пописот во Албанија односно за активностите на македонската дипломатија во тој контекст. Но Марковски останува на должноста во Тирана и не е на списокот на амбасадори кои ќе бидат вратени во државата.