Иницијативата за одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) почна да пристигнува до телата надлежни да го изберат раководството на оваа институција. Мандатот на актуелните членови истекува во ноември, но оваа иницијатива може да доведе да им заврши и неколку месеци претходно.
Министерството за правда, Судскиот и Советот на јавни обвинители, Врховниот суд, Јавното обвинителството и здруженијата на судиите и обвинителите се институциите кои се надлежни да ги назначат деветте члена во Управен одбор (УО) на Академијата. УО, пак, го избира и разрешува директорот.
До повеќето од нив, како што потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) иницијативата веќе пристигнала и ќе се разгледува во наредниот период. Останатите очекуваат да им биде доставена деновиве. Пред детално да го разгледаат целиот материјал, никој од институциите не сака да се „истрча“ и прејудицира со став.
Видете и ова: ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинителиИницијативата ја испрати Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) бидејќи смета дека со тоа што Академијата во текот на изборниот процес ја продолжила постапката за тестирање за прием на слушатели за идни судии и обвинители ги прекршила Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик. Пред да дојде до испраќање на иницијативата за одговорност, спорот се водеше и пред Управниот и Вишиот управен суд кои одлучија во полза на антикорупционерите.
Камен на сопнување во целиот случај е како се толкува приемот на нови слушатели во Академијата – дали тоа е вработување, како што смета ДКСК, или не, став кој го застапуваат директорката и Управниот одбор на АСЈО.
Целиот предмет првично со претставка до Антикорупциска го покрена новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова во текот на кампањата сметајќи дека има прекршување на изборните правила.
Видете и ова: Судија или обвинител - Професии со „пресметан“ ризикНајави за скоро разгледување на иницијативата
Рокот институциите да ја разгледаат и постапат по иницијативата, како што посочува ДКСК, е 60 дена.
„Сметаме дека оваа иницијатива е целосно оправдана и дека надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок“, посочуваат од ДКСК.
Меѓутоа, упатените во проблематиката, очекуваат прво да се разгледува одговорноста кај членовите на УО, па при евентуално формирање на нов Управен тој да одлучува и за директорката Наташа Габер-Дамјановска.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за РСЕ, потврди дека утрово (27 мај) до нив пристигнала иницијативата. Советот треба да одржи седница на 29 мај, но со оглед дека до неа има помалку од два дена и веќе е закажана од претходно и материјалите се поделени, иницијативата ќе биде ставена на дневен ред на првата наредна седница.
Ова тело е надлежно да предложи два члена на Управниот одбор на Академијата.
Видете и ова: Весна Дамева повторно претседателка на Судскиот советДенеска, иницијативата пристигнала и во Министерството за правда и во наредниот период ќе се произнесат со став. Ова Министерство предлага еден член во УО. Меѓутоа, извесно е дека одлука за него ќе се носи откако во овој ресор ќе дојде новиот министер по формирањето на новата Влада.
„Иницијативата кај нас пристигна во четвртокот попладне и наредниот период ќе биде предмет на разгледување“, рече за РСЕ претседателот на Здружението на јавни обвинители, Елвин Вели.
Ова здружение, исто како и Здружението на судии, назначуваат по еден член на УО.
И во Врховен, кој исто така именува еден член, иницијативата е пристигната.
Во Советот на јавни обвинители, кој назначува два члена, како и во Јавното обвинителство, кое именува еден, до објавување на овој текст не беше пристигната иницијативата.
Постапување „спротивно на прописите од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси“ е една од причините предвидени во Законот за АСЈО врз основа на кои може да се разреши член на Управен одбор.
Габер-Дамјановска: Не го прекршивме законот
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, во целиот овој процес тврдеше дека тие не ги прекршиле изборните правила бидејќи во случајот со постапката за тестирање за кандидатите не станува збор за вработувања.
„Сè уште сум на ставот дека не сме го прекршиле законот. Целта на постапката не е да заврши со вработување туку со едукација односно прием на слушатели за почетна обука“, вели Габер-Дамјановска за РСЕ.
И покрај ваквиот став, кога судот донел одлука во корист на ДКСК, како што нагласува директорката, тие како Академија го почитувале тоа и запреле со процесот на тестирање. Потсетува и дека првично, Управен одлучи во нивна полза, но во втората постапка имаше поинаков епилог.
Видете и ова: Наташа Габер-Демјановска реизбрана за директорка на Академијата за судии и јавни обвинителиГабер-Дамјановска го потенцира и фактот дека целата постапка за прием на нови слушатели во АСЈО е започната уште во јануари 2023 кога не се знаело ниту кога ќе има избори.
Долгиот пат на најголемата генерација
Во оваа генерација слушатели беа отворени места за 130 кандидати. Тоа треба да биде деветта, и најголема генерација што досега поминала низ Академијата.
Огласот беше објавен на 31 јануари 2023, по што документи поднесоа дури 527 кандидати.
Процедурата за прием предвидува селекција низ пет фази: тест за познавање на странски јазик; психолошки тест, тест за интегритет; квалификациски тест; и практичен испит.
Тој што нема да помине некоја од фазите не може да продолжи понатаму. Така, од над 500-те кандидати до квалификацискиот тест стигнаа 299. Но, работата тука заглави.
Една од пречките беше електронското полагање на тестовите, за што тендерската постапка не беше спроведена на време од институциите што го користат овој софтвер. За да продолжи процедурата, власта предложи да се промени законот и да се овозможи наместо електронски, да се полага во хартиена форма. ВМРО-ДПМНЕ како опозиција жестоко се противеше на ваквите измени обвинувајќи дека владејачките СДСМ и ДУИ сакаат да изберат подобни кадри за идни судии и обвинители.
Видете и ова: Испитот на хартија ќе им „пресуди“ на идните судии и обвинителиОд една ќе има две академии?
ВМРО-ДПМНЕ, како партија која е извесно дека ќе ја предводи идната влада во Северна Македонија, во својата програма ветува дека ќе прави „целосна ревизија на приемот на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители“.
Најголема врева досега во јавноста се крена за седмата генерација која ја заврши Академијата во февруари 2023. Таа беше во фокусот на јавноста поради тоа што во неа имаше членови на семејствата на познати политичари, судии, обвинители… Меѓу нив најекспониран беше Барлет Џафери, син на тогашниот претседател на Собранието и актуелен технички премиер Талат Џафери. За него, Државната комисија за спречување корупција откри и дека сè уште недипломиран се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година. Меѓутоа, Барлет Џафери успешно ја заврши Академијата и сега е обвинител во Гостивар.
Видете и ова: Поранешни министри, лекари и директори се новите пратенициПокрај ревизијата на приемот на кандидати, ВМРО-ДПМНЕ најавува и реформа – од една ќе прави две академии. Посебно за судии, посебно за јавни обвинители.
„Судската власт треба да биде целосно независна и разделена од Јавното обвинителство кое по закон претставува единствен и самостоен државен орган. Јавното обвинителство е странка во постапката пред судовите, како и адвокатите. Токму поради тоа, едукацијата на судии и јавни обвинители треба да биде разделена, со цел да се спречат можни влијанија и злоупотреби при водењето на постапките“, пишуваше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај.
Академијата за судии и јавни обвинители започна со работа во 2006 година. Со нејзиното воведување се променија правилата за избори во правосудната власт односно патот да се биде судија или обвинител оттогаш води само преку успешно завршена Академија.