Достапни линкови

Македонското судство „стега палци“ да не се пензионираат судиите


Судница
Судница

Ако судија се разболе, пензионира или почине некои судови ќе стават „клуч на врата“ оти работат со еден судија. Според статистиката на Судскиот совет судството е речиси преполовено, а долгорочно решение за сега нема. Проблем е и рамномерната распределба по судови, па ефикасноста е на ниско ниво.

Ако го отворите официјалниот интернет портал на Основен суд Крушево и кликнете на копчето „календар на судење“ ќе забележите дека сите закажани судења се во соба 20, а единствен судија кој работи е судијата Ристо Сотиров.

Во некои денови има закажано рочишта дури и на секои пет минути меѓу двете, па во еден ден има и по 26 различни предмети кај него. Тој во исто време е и претседател на судот, донесен во октомври 2022 година од Битолскиот основен суд, во недостиг на судии од Крушево.

Во разговор за Радио Слободна Европа раскажува како се снаоѓа сам, покривајќи ги сите предмети од различни области.

„Крушево до пред две години беше со тројца судии, се случи набрзина некои се пензионираа, има и починат и јас еве веќе година и пол сум за прв пат само еден судија. Претходно имаше еден претседател, еден судија кривично, а еден граѓанско што работеше. Сега јас работам се, и работни спорови и плус претседател сум“, вели Сотиров.

Крушево е суд со помала надлежност и решава кривични дела кај кои казната е до пет години затвор. Граѓанските и имотно правните спорови кои ги решава се до 15 илјади евра. Го опфаќа Крушево и петнаесетина села кои гравитираат кон него. Слични се и судовите во Берово и Кратово кои исто така имаат по еден или двајца судии.

Според последните податоци објавени од Судскиот Совет за 2023 година стапката на решени предмети се движи во просек со останатите судови, но на пример Крушево е меѓу оние во кои судските процеси траат долго, па просечно еден предмет се решава за 115 денови.

„Не може еден судија да сработи како што би сработиле тројца. Овде не функционира системот за распределба АКМИС, се доаѓа кај мене. Имаше најави дека ќе пуштат судии делегирани од други судови, но до сега нема ништо од тоа“, вели Сотиров.

Според последните податоци кои беа објавени од советот тој размислува во Крушево и во Кратово да се укинат судовите и тие да функционираат како одделенија на други поголеми судови.

Недостигот на судии по судови не е рамномерен

Според најновите податоци од Судскиот совет, во основните судови во земјава недостигаат вкупно 162 судии за да може да работат навремено и ажурно. Во моментов во нив работат вкупно 272, а потребниот минимум е 434 судии.

Токму Судскиот совет донесе одлука во следната десетта генерација на академијата за судии и јавни обвинители да се запишат 162 кандидати.

Според законот, само завршените слушатели на Академијата можат да бидат идни судии. Од друга страна Судскиот совет веќе размислува со нова систематизација да го намали бројот на судии во 12 судови, а да се зголеми бројот во Основниот суд во Кичево.

„Недостигот на судии по судови не е рамномерен. Дванаесет суда работеле со помалку од половина од предвидените судии, меѓу кои и ОС Берово и ОС Крушево кои немаат ниту едно пополнето судиско место. Основните судови во Прилеп и Струга работат со една петтина од потребниот број судии“ пишува во извештајот на Судскиот совет.

Според овие податоци моменталната пополнетост на судии по основните судови е 60 проценти. Во 2024 година ќе се пензионираат 11 судии, во 2025 - 15, а во 2026 – 14 судии. Ништо подобра не е состојбата ниту во Апелационите судови, па и во Врховниот суд.

На Апелационите судови, во моментот од предвидените 118 судиски места, судиска функција вршат 64 судии. Во Врховниот суд потребни се 26 судии, а во моментот судиската функција ја извршуваат 14 судии. За да се пополнат судиските места во апелационите и Врховниот суд потребни ќе бидат 85 судии кои ќе треба да дојдат од основните судови.

Недостиг на судии во правосудниот систем
Недостиг на судии во правосудниот систем

И судии и стручен кадар

Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека проблемот со недостиг на судии потекнува од минатото, а уште повидлив стана овој проблем откако беа направени измените на Законот за работни односи.

При нивниот мониторинг, кој го имаат секојдневно во повеќе судови во Северна Македонија, забележале дека недостатокот на судии има влијание на ефикасноста на судските постапки и нивното времетраење.

Како прв проблем го истакнуваат тоа што судството се соочува со несоодветна распределба на судиите по судови за што треба да се направи нова попрецизна систематизација.
Втор аспект е што често се случува дел од судиите, особено во помалите судови да се оптоварени и со други ангажмани надвор од судските предмети.

„Судиите во исто време се на пример назначени како лица за односи со јавност или за посредување за информации од јавен карактер и слично, па така недостатокот за стручен кадар има исто така влијание на работата на судовите. Оттаму за целосна ефикасност на судството клучна алатка е и стручниот кадар во судот, со оглед на тоа што речиси сите судови ги немаат пополнето сите предвидени места за стручни соработници, портпароли за односи со јавност, информатичари и слично“, вели Ивана Петковска, Коалиција сите за правично судење.

Според оваа невладина организација има судови во кои рочиштата за судските предмети се закажуваат на повеќе од 3 месеци што има влијание на квалитетот на судската постапка.

Велат дека за да може да се справи судството со овој недостаток на судии, потребно е да се направи соодветна методологија за потребата од судии по судовите. Според нив неопходна е промена на судската мрежа со оглед на фактот што во одредени судови има само по еден судија.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG