Не само кога се надвор - децата дишат загаден воздух и кога се внатре во градинка или во училиште. Тоа влијае врз нивното здравје и врз способноста за концентрација и за учење, но и покрај тоа, ниту едно министерство не може само да го реши проблемот поради ограничените ресурси.
Ова го покажаа резултатите од најновото истражување за квалитетот на внатрешниот воздух во пет училишта и градинки во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и во Струга.
„Во просек, ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) речиси за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки што би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците. Генерално, ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние посебно во зимскиот период престојуваме подолг период внатре отколку надвор, изјави проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде е изработена студијата.
Овие измерени концентрации на ПМ 2,5 честички се меѓу највисоките концентрации публикувани од други слични истражувања.
„ Тоа само го потврдува фактот дека се работи за сериозен проблем со негативно влијание врз здравјето, способноста за концентрација и удобноста на учениците и наставниците, односно врз нормалното одвивање на образовниот процес во целина“, пишува во анализата направена во рамки на проект на УНДП.
Алармантни податоци
Овие податоци дојдоа во исто време кога Скопје (на 10 ноември) повторно влезе во групата на десетте најзагадени градови во светот, покажа ранг листата на швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „Ај кју eр“ (IQAir).
Според податоците, Скопје според загадувањето е веднаш зад Лахоре во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан.
Според податоците од македонското Министерство за животна средина и просторно планирање, од мерните станици поставени во скопските општини, традиционално најзагадена е скопската општина Аеродром, односно населбите Лисиче и Ректорат каде што загадувањето на воздухот со ПМ10 честички земено во просек изнесува 104 микгрограми на метар кубен.
Видете и ова: Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздухИнститутот за јавно здравје(ИЈЗ) на почетокот на 2024 година објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија можат да се препишат на изложеноста токму на на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Или, тоа се околу 4.000 смртни случаи годишно од последици од загаден воздух.
Претходно, и УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух.
Како „влегуваат“ загадените честички и што (да) се прави
Еден од примарните извори на суспендирани честички во училниците е преносот на честички од надворешните средини преку обувките и облеката на децата. Концентрациите се зголемуваат веднаш што ќе влезат ученици и наставници во просторијата и откако ќе завршат со активност овие концентрации се намалуваат кон основните вредности, покажала анализата направена на Универзитетот „Гоце Делчев“ во рамки на проект на УНДП.
Истиот тренд се јавува во сите испитувани училници и градинки, независно дали е лето или зима.
Затоа, се препорачува децата да носат посебни обувки и облека само за внатре во училиштата и градинките. Се препорачува и употреба на системи за вентилација, замена на старите табли и редовно чистење на масите и на подовите.
На презентацијата на истражувањето, министерката за образование, Весна Јаневска, рече дека државите со ограничени ресурси не можат многу да направат на краток рок, но можат долгорочно да планираат како да се справат со проблемот.
„Тоа што може да се направи е да се грижиме за начинот на греење - во училиштата уште се користат печки на дрва, мазут, нафта. Како ќе го менуваме системот на греење,така ќе се подобрува и вкупната ситуација“, рече Јаневска.
Министерот за здравство, Арбен Тараври, најави дека од следната година ќе се менува начинот на греење во 12 здравствени установи кои сега се греат на мазут и на нафта.
Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади рече дека Министерството обезбедува блок-дотации за градинките и со тие пари може да набават прочистувачи за воздух.
„Во новиот буџет, ќе ја разгледаме можноста и најдиректно да помогнеме токму на решавање на ова прашање, барем на едно минимално или локално ниво што не е решение, но можеби е некоја превенција во оваа ситуација“, изјави Велковски.
Некои општини веќе преземаа мерки - општина Кисела Вода почна да ги опремува училиштата со прочистувачи на воздух. Претходно, прочистувачи поставуваа и училишта во општините Центар, Аеродром,Карпош.
Проф.д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје неодамна во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) рече дека акцентот на мерките треба да се стави на најранливите, поради што и многу земји воведуваат т.н. pollution-free зони околу училишта, детски градинки, болници, домови за стари лица..
„За да имате добра превенција, треба да имате добар буџет за животна средина и здравство, сериозна посветеност и континуитет, со што ние засега не можеме да се пофалиме ниту како систем, ниту како граѓани“, рече Димовска за РСЕ.
Според неа, најдобра заштита е превенцијата во сите области, односно намалување на емисиите на штетни материи во воздухот од сите извори, покрај мерките што секој лично ги презема за да се заштити.
Видете и ова: За загадувањето граѓаните можат да тужат, ама тешко ќе добијатВрховниот суд во октомври донесе одлука, односно начелен став според кој граѓаните во постапка пред Управен суд ќе можат да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето.
Една недела по начелниот став на Врховниот суд со кој ја обврзува државата да преземе мерки против загадувањето, идентична одлука донесе и Советот на Европската унија на 14 октомври, усвојувајќи Директива со која се воведуваат нови стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите загадувачи.