Зголемен трговски дефицит

Еден чекор напред, два назад. Отприлика вака може да се опише движењето на стоковната размена со странство во првите два месеци годинава.
Македонија, во однос на истиот период лани, го зголемува извозот, но двојно повеќе го зголемува увозот на производи од странство.
Трговскиот дефицит во јануари и февруари годинава достигна рекордни половина милијарда долари. Во истиот период минатата година трговскиот дефицит беше 275 милиони долари.
Во јануари и февруари 2010 македонските фирми извезле производи во вредност од 408 милиони долари, а во истиот период годинава од речиси 600 милиони долари. Од друга страна, увозот се зголемил од 684 милиони долари во првите два месеца минатата година, на речиси 1,1 милијарди долари во јануари и февруари 2011.

Интересно е што дефицитот во трговската размена со само две земји, Велика Британија и Русија, сочинува повеќе од 60 отсто од вкупниот трговски дефицит на земјава во првите два месеци годинава.

Економскиот аналитичар Ден Дончев вели дека зголемувањето на трговскиот дефицит се должи на зголемените трошења на владата.
Значи навистина се поставува прашањето зошто Република Македонија ден денеска увезува млеко и тоа во износ од 25 милиони евра годишно.


„Домашниот капацитет за производство не е подготвен да ги апсорбира вишокот расходи што оваа влада ги создава од буџетот во последните две години. Сосема нормално, во таков случај, е што единствено место од каде што може да се најдат реалните добра и услуги е преку зголемување на увозот.“

Пред неколку месеци на слично нешто посочи и лидерот на ЛДП, Јован Манасијевски.

Производите од железо и челик играат голема улога во извозот.

Дончев вели дека прва нешто што треба да се направи е, секаде каде што може, увозот да се замени со домашно производство.

„Најбанален пример, значи навистина се поставува прашањето зошто Република Македонија ден денеска увезува млеко и тоа во износ од 25 милиони евра годишно.“

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо вели дека наредната недела Агенцијата ќе ја достави крајната верзија на Стратегијата за поттикнување на извозот до Министерството за економија, од каде што треба да оди во владина процедура. Основни сектори на кои ќе се фокусираме се машинската индустрија и прецизно производство, текстилот и создавање македонски текстилни брендови, информатичка технологија и производството на храна, вели Мизо. Поддршката нема да се однесува на фирмите кои извезуваат таканаречени берзански производи - руда, камен, челик или јаглен, туку на фирмите кои произведуваат стоки со додадена вредност.

„Сето она што е поврзано со компании кои имаат краен производ, како тој производ ќе се пласира, да се изнајде нов пазар преку контактите кои ќе ги добијат македонските промотори да им се помогне да ги пласираат своите производи на подобар начин.“

Македонските фирми најмногу извезувале катализатори, производи од железо и челик, облека, фероникел и преработки од нафта. Најмногу се увезува платина и легури од платина, благородни метали во колоидна состојба, амалгами на благородни метали, сурова нафта, моторни возила и струја. Платината се увезува за производство на катализатори во Џонсон Мети.

Увозот на патнички моторни возила создава голем дел од трговскиот дефицит

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, минатиот месец изјави дека структурата на размената дава надеж дека зголемениот увоз на суровини и материјали ќе резултир со зголемен извоз:

„Добро е кога тој увоз не е за стоки за широка потрошувачка, туку е главно за производи што ги користат фирмите во Македонија за да ги преработат и извезат. Така што верувам дека увозот што е направен во првиот месец, со оглед на структурата, како што реков, платина, производи од платина, легури
Добро е кога тој увоз не е за стоки за широка потрошувачка, туку е главно за производи што ги користат фирмите во Македонија за да ги преработат и
извезат.
и слично, ќе биде во преработена форма со дополнителна додатна вредност, извезен во следните месеци и на тој начин македонската економија ќе има корист, односно ќе има девизни приливи.“

Најмногу стоки земјава извезува во Германија, речиси една третина од целиот извоз. Најмногу, пак, увезува од Велика Британија. Токму, трговскиот дефицит со Британија сочинува речиси 40 отсто од вкупниот трговски дефицит во првите два месеци годинава, додека повеќе од 20 отсто од вкупниот дефицит отпаѓа на размената со Русија.

Македонија повеќе извезува отколку што увезува во Германија, Косово, Хрватска, Белгија, Холандија и БиХ.