Спорот за името – македонско секојдневие

Ќе најдат ли решение? Премиерите Груевски и Папандреу

Проблемот со Грција за името ги стави граѓаните во позиција, 20 години да се занимаваат со прашањето кое, и според нив самите, па и според некои аналитичари, е злоупотребено од политичарите. Фрливме ли 20 години во ветер или не, ќе покаже времето, вели еден жител на Скопје. Приказната, посветена повеќе на обичните луѓе од двете страни на границата, отколку на политичарите, убава или грда - изненадува. Колку и да се под влијание на политичарите – граѓаните знаат да го оделат човечкото и, како што велат, радикални ставови има се помалку на обете страни.
Спорот со името меѓу Македонија и Грција е проблем кој ја засега земјава од нејзината независност. Неговото нерешавање, дали да се најде компромис или не, дали воопшто треба да се реши тој проблем, дали е остварен напредок во процесот или не, дали да се прифати некој предлог од низата на медијаторот на ОН Метју Нимиц и дали да се оди на референдум.

Години фрлени во ветер

Многу прашања, со кои освен политичарите и меѓународната заедница, во изминативе дваесетина години се занимаваат и граѓаните и тие станаа дел од нивното секојдневие. Тие велат дека спорот со името негативно се одразува врз нив.


„Секако дека има лош ефект и врз граѓаните, во смисла на тоа што името не е решено.“

„Влијае многу негативно, многу лошо, затоа што од тоа зависи дали Макеоднија ќе влезе во НАТО и во ЕУ, и дали ќе почнат тие инвестиции што ги чекаат сите граѓаните, а посебно младите, за да почнат да се вработуваат. Многу сме опседнати, можеби не зборуваме за тоа секој ден, но во потсвеста ни работи, секогаш очекуваме нешто да се случи со тој спор, вести кога слушаме очекуваме нешто ново дека ќе има, но еве со години ништо ново не се случува и тоа е веќе и монотоно.“

„Од самостојноста до сега изгубивме 10 години, во ветер ги фрливме, а ако се движиме со ова темпо и други години ќе потрошиме.“

Професор Мирјана Малевска вели дека причината е во тоа што граѓаните сметаат дека проблемот со името влијае директно врз нив и притисокот за негово решавање го чуствуваат лично.

„Навистина, прашањето засега најдлабоко што може, во идентитетот на граѓаните, сите се чувствителни на прашањето на достоинство, а менување на името под притисок е рушење на достоинството на луѓето и тоа сите го чувствуваат. Нема потреба никој да ни го каже тоа или да не манипулира.“

Поделби – патриоти и предавници

Политичкиот аналитичар Љуљзим Хазири вели дека прашањето за името стана примарно за граѓаните и тоа го подели општеството најмногу по етничка основа, а не по партиска припадност.


„Албанците се за што побрзо решавање на овој спор за да може да течат другите евроинтеграциски процеси, додека Македонците веќе стануваат биполарни во насока на политичко видување на проблемот.“

А присутна е и поделбата на патриоти и предавници, додава Хазири.

„Поделбата на предавници и на патриоти мислам дека е поделба на луѓе кои сакаат да има решение за името и луѓе кои не сакаат било какво решение на спорот. И оттука се наметнуваат две категории на граѓани што нанесува штета на проблемот, бидејќи со ваква поделба мислам дека се отежнува изнаоѓање на решение за името.“

Малевска смета дека интересот кај јавноста за спорот за името особено се зголемува кога има одредени настани кои се важни во процесот на неговото решавање. И таа смета дека се чуствува разединетоста кај граѓаните за тоа прашање.

„Ова прашање го дели општеството, најпрво го дели по етнички линии, гледате колкав процент од Албанците се залагаат веднаш за решавање на проблемот и започнување на преговорите со ЕУ, додека тој процент кај Македонците е далеку помал, кога станува збор за решение. Поделбата е исто така и меѓу Македонците, меѓу оние кои што се за поскоро решавање на прашањето и на оние кои би сакале ова прашање воопшто и да не се реши.“

Самите граѓани признаваат дека се присутни и видливи тие поделби.

„ Има поделба и тоа е најлошото.“

„Решение треба да се најде без она патриоти и предавници, такви не ни требаат.“

„Политиката кога ќе замеша прсти... Кога ќе дојдат едните велат вие сте предавници, ние сме патриоти, кога ќе дојдат другите велат ние сме патриоти, вие сте предавници и тоа го збунува народот.“


За разлика од притисокот кој го чуствуваат граѓаните, несогласувањата меѓу Македонија и Грција околу овој проблем не се одразуваат врз економската соработка и туризмот меѓу двете земји. Според анализите, Грција е еден од најголемите инвеститори и трговски партнери на Македонија.

Грчкиот професор по меѓународна трговија Христос Никос вели дека досегашната економска соработка меѓу грција и Македонија го достигнала највисокото ниво.

„Мислам дека решавањето на проблемот со името не би ја зголемил понатамошната економската соработка, но ја гледам опасноста од евентуалното вмешување на политиката која би можела да му наштети на бизнисот. Сепак има одредени области кои не се целосно искористени.“

Една од најпосетените туристички дестинации и на која најчесто се одлучуваат македонските граѓани е Грција. Претседателот на Асоцијацијата на туристички агенции Миле Спиркоски не гледа зошто политиката би играла улога во туризмот и тие немале никогаш проблеми со нашиот јужен сосед.

„Ниту имаме некаков проблем, ниту некој некогаш ни рекол нешто, најнормална е соработката, никакви проблеми во ништо немаме. Близината си го прави своето и веројатно заради тоа е одлуката на луѓето, си патуваат најнормално.“

Спорот за името не ги спречува патувањата на Македонците во Грција

Дека спорот со името не ги спречува македонските граѓани да отпатуваат за Грција и обратно говори и прилогот на Жанета Здравковска:

Леринчани на пазар, забар и ќебапи во Битола, а битолчани на шопинг и гиро во Лерин. Проблемот со името оптоварува, но не спушти рампа пред соработката меѓу обичните граѓани.


„Се поретки се оние кои се ултра- националистички расположени. Пред се, граѓаните ги интересира економијата. Грците доаѓаат во Битола по најразлични потреби, ние одиме таму исто по најразлични потреби. Мислам дека проблемот со името ги оптоварува граѓаните, но не во онаква мера како што претходно беше случај.“

„Немаме проблеми. Одиме во Грција купуваме гардероба, излегуваме по локали, седиме, јадеме, не не гиба никој. Но, би било добро кога ќе одиме таму да можеме да кажеме дека сме Македонци, а не вака да избегнуваме кога ќе не прашат да влеиме дека сме од Монастири(Битола) или било како“, велат битолчани.

Секојдневно по стотина грчки државјани ја посетуваат Битола, пред се поради пониските цени на производите и услугите. Пандора Кутураца од Лерин вели „големата финансиска криза си го стори своето, но факт е дека леринчани и жителите од околните селе постојано се во Битола на пазар, на забар, на фризер“.

„Иако тука сме секојдневно, сепак, има малку лични пријателства. Би сакала да имам блиски луѓе од Битола со кои би отишла на театар, на концерт, на изложба. Очекувам тие да дојдат кај мене на гости и да го почувствуваат пулсирањето на Лерин, кој иако е мал град има што да понуди.“

И медиумите за првпат се вклучија во обидот да се зајакне пограничната соработка.

„Во мојот весник „Его“ и во грчкиот весник „Гра-гра“ ќе објавуваме написи за актуелните случувања во Битола и Лерин, пред се од областа на културата. Граѓаните од Лерин, Воден, Солун кои доаѓаат во Битола да не бидат конзументи само на зелениот пазар, кафиќите и казината туку да знаат дека во Битола се случува и нешто друго. Имаме музејски, галериски поставки, музички вечери и на тој начин едни со други да се доближеме, за да можиме подобро да се разбериме“, вели Симе Алушевски, сопственик на весникот „Его“.

Досега немаше информатор со потребни содржини за поволности што се нудат за инвестирање во пограничниот регион.

„Да се направи еден заеднички печатен материјал, кој во прво време би бил месечник каде сите поволености од двете страни ќе бидат внесени во информаторот. Списание кое апсолутно ќе биде растеретено од било какво политичко или партиско влијание“, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески.


Двајца се караат – политичарите користат

Од проблемот со името, според експертите, најмногу профитираат политичарите. Тие играат на таа карта за граѓаните да заборават на другите проблеми во земјата или за да добијат повеќе симпатизери. Граѓаните се свесни дека се жртви на политичарите.

„Знаеме како е во државата, гледаме како партиите меѓу себе се борат за да дојдат на власт, така да не се штедат никакви граници или било што.“

„Тие работи според мене се случуваат на партиска основа, за ситни поени.“


„Го користат и тоа можеби не толку наметливо, но ние како граѓани си извлекуваме заклучок дека го користат тоа.“

Хазири вели дека спорот со името владата го користи како алиби за неможноста и немањето на капацитет и храброст за решавање на прашањата важни за развојот на државата.

„Да се потикнат граѓаните на националистички побуди мислам дека за еден политичар, за една политичка партија е немање на креативност за справување со реалноста, односно за справување со проблемите и оттука како најдобро решение за нив е токму националистичката карта.“

Малевска смета дека политичарите проблемот го користат за да освојуваат поени кај гласачите.

„Работа на политичарите и на политичките партии е освојување на власт и останување на власт и тука ги користат сите средства така што има и манипулација во сето тоа, намерно предизвикување на негативни чувства кон оние кои не притискаат да најдеме решение.“

Прашањето за името, освен во политиката, кај граѓаните и меѓународната заедница се најде и во судовите. Македонија пред Хашкиот суд на правдата ја тужи Грција за прекршување на Времената спогодба од 1995 година. Македонија ја тужи Грција зашто го спречи зачленувањето на земјава во НАТО на самитот во Букурешт, поради нерешавање на спорот за името.