Бербок во Киев предупреди на тактиката на Путин за одложување на мировните преговори

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок (десно) и украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова во Киев (архивска фотографија)

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, која е во ненадејна посета на Киев, предупреди дека не треба да се наседнува на руската тактика за одложување на мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.

Германската дипломатка во заминување, која е во посета на Украина по деветти пат откако Кремљ ја започна својата инвазија во февруари 2022 година, рече дека верува оти Киев е подготвен да потпише мировен договор по интензивните преговори предводени од Соединетите Држави.

„На претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, јасно ќе и ставиме до знаење на американската страна дека не треба да се занимаваме со тактиката на застој на Путин“, рече таа на 1 април во изјавата по пристигнувањето во Киев.

Нејзината изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на Русија со нови царини за нафтените деривати доколку Москва ги блокира неговите иницијативи за прекин на огнот. Трамп, исто така, рече дека украинскиот лидер Володимир Зеленски ќе се соочи со „големи проблеми“ доколку не го потпише клучниот договор за ретки минерали со Вашингтон.

„Тој се обидува да се повлече од договорот за ретките минерали, а ако го направи тоа, ќе има проблеми, големи проблеми“, им рече Трамп на новинарите на 30 март во врска со украинскиот претседател.

Видете и ова: Што има, а што нема во договорот за минерали меѓу Украина и САД?

„Се договоривме за ретките минерали. И сега тој вели, добро, знаете, сакам повторно да преговарам за договорот. Тој сака Украина да биде членка на НАТО, но тоа никогаш нема да се случи. Тој го разбира тоа“, додаде Трамп.

Украинската влада на 28 март објави дека сè уште размислува за нацрт-договор со САД за ретки минерали, по извештаите во медиумите дека Вашингтон неколку пати ги менувал условите на договорот.

Видете и ова: Трамп му се закани на Путин со царини за нафтата, од Зеленски бара договор за минералите

Украинската министерка за економија Јулија Свириденко на владиниот состанок најави дека Киев ќе го формира својот став за договорот, но дека пратениците ќе го кажат својот став дури кога ќе се постигне консензус. Пред тоа, рече таа, јавна дискусија би била штетна.

Украина поседува значителни количини на ретки минерали. Овие суровини се високо ценети поради нивната употреба во одбранбената технологија, како и во уреди како што се компјутери, паметни телефони и батерии.

Украина и САД претходно овој месец се договорија да склучат сеопфатен договор за развој на ретките минерални ресурси во Украина. Напорите за постигнување договор пропаднаа на 28 февруари, откако Трамп и Зеленски вербално се судрија во Белата куќа.

Видете и ова: Четири работи околу клучните американско-украински разговори во Саудиска Арабија

Во меѓувреме, Трамп на 30 март рече дека ќе воведе секундарни тарифи меѓу 25 и 50 отсто за целата руска нафта, доколку почувствува дека претседателот Владимир Путин ги блокира неговите напори да стави крај на војната во Украина.

Трамп во телефонско интервју за Ен-Би-Си за време на викендот рече дека е „многу лут“ откако Путин повика на преодна влада во Украина што може ефективно да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина, и ако мислам дека за тоа е виновна Русија, а можеби и не е, но ако мислам дека е виновна Русија, ќе воведам секундарни царини за нафтата, целата нафта што доаѓа од Русија“, рече Трамп.

„Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД. Ќе има царини од 25 проценти за целата нафта, од 25 до 50 проценти за целата нафта“, додаде Трамп.

Тој истакна дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец, доколку не се постигне договор за прекин на огнот.

Чувствителниот дипломатски момент доаѓа откако Белата куќа на 25 март објави дека и Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и дозволиле пловење во Црното Море, како и дека се договориле да не се напаѓаат енергетските капацитети на другиот.