Зеленски повика на „силен одговор“ од Западот на руските напади

Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 23 февруари 2025 година.

Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 23 февруари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „силен одговор“ од западните партнери на Украина по интензивирањето на смртоносните руски напади, вклучително и воздушните напади врз воената болница во Харков и градовите Дњепар и Криви Рих.

„Нашите партнери треба јасно да разберат: овие напади не се само напади врз украинските цивили, туку и врз сите меѓународни напори - врз самата дипломатија што се обидуваме да ја искористиме за да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски во ноќно видео обраќање меѓу 29 и 30 март.

Украинскиот претседател рече дека „Русија ги удира позициите на сите што сакаат да ја прекинат оваа војна“, додавајќи дека „невозможно е да се игнорираат стотиците ирански беспилотни летала „Шахед“ што Русија ги лансира секоја вечер.

„Очекуваме сериозен одговор. Работиме на одговор. Итно е потребен силен одговор - пред сè од САД, Европа и сите во светот кои се обложуваат на дипломатијата. Русија мора да биде принудена на мир - само притисокот ќе работи“, рече Зеленски.

Тој додаде дека „предолго“ американскиот предлог за безусловен прекин на огнот бил на маса „без соодветен одговор од Русија“.

Видете и ова: Четири лица загинаа во руски напад со дрон врз Дњепар

На изјавата на Зеленски и претходеше 24-часовен период на интензивирање на смртоносните напади на руските сили, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Украинскиот Генералштаб доцна во саботата објави дека „руски терористи нападнале воена болница во градот Харков“ со беспилотни летала.

„Како резултат на нападот со беспилотно летало од типот Шахед, оштетена е зградата на болницата и околните станбени згради. Според прелиминарните податоци, меѓу војниците кои биле згрижени во здравствениот дом има и повредени“, соопшти командата на украинската армија.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека најмалку две лица се убиени.

Претходно, регионалниот гувернер изјави дека во напад на руски дрон врз градот Дњпар во југоисточна Украина доцна во петокот загинале четири лица и дека голем пожар избил во хотелско-ресторански комплекс, како и во неколку приватни куќи.

Руските сили употребија повеќе од 20 дронови во нападот на Дњепар, при што беа повредени 25 лица. Зеленски рече дека меѓу повредените има и трудница.

Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили зазеле села во јужниот регион Запорожје и во источниот регион на Доњецк.

Овие тврдења не можат независно да се потврдат.