Американскиот суд и нареди на Агенцијата за глобални медуми да ги запре чекорите за затворање на РСЕ

Седиштето на РСЕ во Прага, Чешка

Американскиот суд во вторникот (25 март) го одобри барањето на Радио Слободна Европа за привремена забрана (TRO) во тужбата која ја поднесе против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) поради прекинот на финансирањето на РСЕ наменето од американскиот Конгрес.

Окружниот суд во Вашингтон во својата одлука наведе дека агенцијата најверојатно постапила „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантот за РСЕ и дека таквите дејствија ќе предизвикаат „ненадоместлива штета“ на медиумот доколку се спроведат.

Окружниот судија Ројс Ламберт напиша во пресудата на 10 страници дека ТРО е потребна за да се запре затворањето бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие случајот на судењето, дека дозволувањето на дејствијата на УСАГМ да продолжат додека судот не ја слушне судбината на финансирањето на РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета“ на медиумот.

„Раководството на УСАГМ не може, со оправдување од една реченица што практично не нуди објаснување, да ја принуди РСЕ да се затвори - дури и ако претседателот ѝ рекол да го стори тоа“, објасни Ламберт.

Следниот чекор ќе биде одлука за барањето на РСЕ за прелиминарна наредба со која се бара од УСАГМ да ги обезбеди приближно 77-те милиони долари што Конгресот ги додели за активностите на РСЕ за остатокот од фискалната 2025 година, која завршува на 30 септември. Се очекува судот да донесе одлука за ова во наредните недели.

Заканата за финансирањето на РСЕ предизвика бран глобална поддршка од организациите за заштита на медиумите, аналитичарите и застапниците на демократијата, како и публиката на 27 јазици и 23 земји каде што дејствува РСЕ.

Видете и ова: USAGM се согласува да исплати дел од средствата на Радио Слободна Европа додека судијата го разгледува случајот

Се чини дека Ламберт го призна ова во својата одлука, пишувајќи дека Владата конкретно ја поддржува РСЕ од 1950 година како средство за обезбедување „сигурни, локално релевантни вести за публиката изложена на комунистичка пропаганда“.

„Ја цениме промислената и неконтроверзна одлука на судијата Ламберт да го спречи УСАГМ да ја игнорира волјата на Конгресот. Очекуваме понатамошен напредок во нашиот случај дека е неуставно да се задржат средствата што Конгресот ги додели на РСЕ до крајот на фискалната година“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус по одлуката.

„Оваа пресуда дополнително испраќа силна порака до нашите новинари ширум светот: нивната мисија, како што е дизајнирана од Конгресот, е вредна и драгоцена и треба да продолжи. 75 години РСЕ е тесно усогласена со американските национални безбедносни интереси борејќи се против цензурата и пропагандата во многу од најрепресивните општества во светот“, додаде тој.

УСАГМ тврдеше дека го прекинала грантот за РСЕ на 15 март, неколку часа откако извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп повика на кратења на седум агенции - вклучително и УСАГМ - до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.

Потегот за укинување на грантот за РСЕ беше објавен во писмо потпишано од Кери Лејк, која ја наведе нејзината титула „Виш советник на в.д. директор на(УСАГМ) со овластување делегирани од в.д. директорот“.

Во писмото се наведува дека „со доделените средства повеќе не се постигнуваат приоритетите на агенцијата“.

Не беа дадени дополнителни објаснувања, а судијата Ламберт рече дека УСАГМ не дала дополнително образложение за потегот за намалување на финансирањето за време на сослушувањето на рочиштетот во понеделникот.

„Објаснувањето понудено од УСАГМ тешко може да се окарактеризира како објаснување: се сведуваше на еден ред во писмото за прекинување, во кое се наведува дека доделените средства повеќе не ги постигнуваат приоритетите на агенцијата“, напиша Ламберт во пресудата.

За време на сослушувањето во понеделникот, УСАГМ изјави дека презела „итни административни чекори“ за да иницира исплата на 7,46 милиони американски долари средства што РСЕ ги бараше за деновите во март додека работеше пред објавувањето на писмото.

Абигејл Стаут, адвокатка од Министерството за правда што ја застапува УСАГМ, исто така, на сослушувањето тврдеше дека договорот за грант помеѓу УСАГМ и РСЕ, како што е наведено во Законот за меѓународна радиодифузија и дава право на агенцијата да го раскине договорот доколку РСЕ не ги почитува одредбите наведени во него.

Видете и ова: Американскиот суд ќе го сослуша случајот на Радио Слободна Европа против Агенцијата за глобални медиуми

Ламберт рече дека барањето на Агенцијата за глобални медиуми, РСЕ да ги користи тие средства за да ги исплати своите финансиски обврски наместо за операции е „функционален еквивалент на тоа воопшто да не ги добие“.

„РСЕ ќе биде принудена да ги раскине договорите за закуп, да ги раскине договорите за вработување - со што ќе се уништи кредибилитетот што го изгради со децении и да ги прекине сите други операции“, напиша судијата Ламберт.

УСАГМ (USAGM) е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на повеќе од 60 јазици на над 400 милиони луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за USAGM за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари за финансирање на сите негови операции и капитални инвестиции.

Тие вклучуваат медиуми како што се РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Радио Марти за Куба, Блискиот Исток радиодифузна мрежа (MBN) и Фондот за отворена технологија.

Буџетското барање за 2025 година само за РСЕ беше околу 153 милиони американски долари, покажуваат документите на Агенцијата за глобални медиуми.