Од издадени околу 1.100 лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, Министерството за транспорт досега извршило контрола на 643 при што кај 97 е констатирано дека по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени. За ова, денеска (21 март) информираше министерот за транспорт Александар Николоски.
На денешната прес конференција тој рече дека ќе бидат донесени решенија за одземање на овие лиценци. Додаде и дека до вторник ке бидат проверени сите издадени лиценци.
„На 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија“, рече Николоски.
Тој посочи и дека на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија.
Видете и ова: Истрагата лоцира „верижни пропусти и незаконитост“ кои довеле до пожарот во КочаниРесорниот министер информираше и дека на две правни лица одземена им е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија.
Освен тоа, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.
Целиот извештај, ќе биде доставен до органите на прогонот.
Според Николоски, паралелно е почната постапката за контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патен превоз.
„Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука. По завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на сѐ што е издадено од страна на институциите“, рече Николоски.
Ќе се прави ревизија на законите
Тој нагласи дека идејата е да се направи поголема ревизија на постојните законски решенија за да се спречи нивната злоупотреба. Како што кажа, ќе поднесат законски измени со кои ќе побараат веднаш да се одзема лиценцата, а жалбата да не го одлага извршувањето.
Тој истакна дека Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“, кој е од Б категорија, зашто после донесувањето на Законот за децентрализација Министерството е надлежно само за објекти од А категорија.
„Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на општина Кочани. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија и одреден период се користи како фабрика за текстил, а потоа како магацин. Потоа е дограден еден дел од околу 50-тина квадратни метри кој е легализиран во 2011 година согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти и е приклучен на постојниот објект. Тоа значи дека се е испочитувано од аспект на урбанистичко планирање, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање.
Проблемот, како што кажа, настанува во оној момент кога почнуваат адаптации и реконструкции на објектот во внатрешноста без никакво одобрение од никого и дополнително е ставен печат од лице кое или не видело што се случува таму или видело но го игнорирало.
Видете и ова: Дали законите за работа на клубовите ќе ја амнестираат одговорноста?Тој појасни дека согласно актуелниот закон, Министерството за економија по службена должност требало во рок од три работни дена да ги провери исказите во изјавата на поднесувачот на барањето за лиценца дека објектот ги задоволува сите пропишани одредби.
„Сметам дека ваквиот закон не е добар и мора да се смени. Мора да има многу појасна и многу поголема контрола од ова што е сега напишано. Сега е оставено на широко толкување – некој дава заверена изјава на нотар дека сѐ е во ред, а некој службеник од Министерството за економија после тоа по службена должност прибавува документи и за жал ни се случи ова што ни се случи“, нагласи Николоски
Тој порача дека Државниот пазарен инспекторат нема ни капацитет ни знаење да навлегува во сите аспекти на функционалноста на некој објект и токму затоа дел од законските измени ќе одат во таа насока.