Десетмина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат пуштени на домашно лекување

Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“

Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“

Десет повредедни лица во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во македонските болници денеска (21 март) ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, објави министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција пред Ургентниот центар.

„Еден ќе биде испишан од Клиничката болница во Штип, еден од Детска хирургија, еден од Торакална и пет од приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“. Во моментот на лекување се 162 пациенти од кои 47 во домашните болници, а 115 во странство“. Освен едно лице во Турција, кое е во многу сериозна состојба и неколку во покритична состојба, сите останати се во стабилна состојба“, изјави Таравари.

Видете и ова: Преживеани од пожарот во романската дискотека „Колектив“ нудат помош на погодените од несреќата во Кочани

Таравари додаде дека веќе нема да има праќање на пациенти на лекување во странство, туку од наредната недела се очекува дел од нив да почнат да се враќаат во Македонија.

Во странство, како што соопшти Таравари се лекуваат 115 лица од кои, во Србија -30, во Бугарија-15, Грција-12, Турција -12, Шпанија-7, во Австрија-5, во Унгарија-6, во Хрватска-5, Словенија-4, Литванија-4, Белгија-4, Италија-4, Шведска-4, Полска-двајца пациенти.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години, вчера беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.