Достапни линкови

 
Преживеани од пожарот во романската дискотека „Колектив“ нудат помош на погодените од несреќата во Кочани

Преживеани од пожарот во романската дискотека „Колектив“ нудат помош на погодените од несреќата во Кочани


илустрација
илустрација

Трагедијата во Кочани ги разбранува преживеаните од романската дискотека „Колектив“, кои им ја понудија својата помош и поддршка на повредените во разорниот пожар и на нивните родители

Од 48 до 72 часа е „прозорецот на можности“ за безбедно транспортирање на жртвите од изгореници во специјализирани болници, вели Михаи Гречеа, еден од преживеаните во пожарот кој се случи во клубот „Колектив“ во Букурешт, на 30 октомври 2015 година.

Тој на Фејсбук објави отворено писмо до повредените и нивните родители во Северна Македонија, во кое објаснува што да прават и им вели дека е подготвен да им помогне.

„Повредените треба да бидат прегледани од специјалисти, бидејќи од тоа зависи нивниот живот“, продолжува Гречеа, кој е и член на Здружението „Колектив“.

Гречеа за Радио Слободна Европа изјави дека засега никој од Северна Македонија не контактирал со него.

"Сакаме да им помогнеме, бидејќи се во многу сериозна ситуација. Поминавме низ слична драма како оваа низ која тие поминуваат. А ние, пак, добивме помош", вели Гречеа и додава:

„Во мојот апел им реков веднаш да побараат помош, да не ја повторуваат грешката што ја направивме ние во Романија. Би сакале да им помогнеме со тоа што ќе им пренесеме искуство од нашето закрепнување што го имавме во сите овие години по трагедијата. Здравствениот систем во Романија не беше подготвен да се справи со таква ситуација, а и Македонија веројатно не е“, изјави за РСЕ, Гречеа.

Михаи Гречеа имал 41 година кога се случи трагедијата во „Колектив“. Тој на 30 октомври 2015 година отишол во клубот во Букурешт за да го снима концертот на неговите пријатели од бендот „Goodbye to Gravity“.

По пожарот, тој беше во кома речиси еден месец, хоспитализиран во болницата Флореаска во Букурешт. Лекарите не се согласиле да го пренесат во странство, но кога шансите за преживување биле мали, користеле експериментален уред за да му ги спасат белите дробови.

Во трагедијата во „Колектив“, 26 млади луѓе изгореа живи вечерта на 30 октомври 2015. Истата вечер млада жена почина на пат кон болница.

Триесет и седум од повредените починаа во следните денови, поради тешката состојба и лошите услови во болниците. Вкупно имаше 186 повредени и 65 загинати. Еден од преживеаните лани извршил самоубиство.

Трагедијата во „Колектив“ откри дека Романија нема капацитет да лекува тешки изгореници. Болниците имаа болнички инфекции, поради што голем дел од хоспитализираните повредени починаа.

Властите веднаш по настанот рекоа дека Романија има се и не сака да ги испраќа ранетите во многу подобро опремени болници во странство.

Повеќе од една недела по пожарот, првите повредени заминаа во други земји: во клиниките во Холандија, Белгија, Израел, Австрија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.

Во однос на состојбата со болниците за тешко изгорени пациенти, на Романија воопшто не ѝ оди добро, дури ни сега, повеќе од девет години по трагедијата „Колектив“, вели Гречеа.

Михаи Гречеа, филмски режисер и преживеан во пожарот во романската дискотека Колектив
Михаи Гречеа, филмски режисер и преживеан во пожарот во романската дискотека Колектив

Гречеа посочува дека стандардите од 2017 година биле променети со наредба на Министерството за здравство во 2024 година.

„Во моментов, овие стандарди се деградирани од министерот за здравство Рафила за да може да се воведат, или некако да се легализираат недостатоците што постојат во функционалната единица за изгореници во болницата Флореаска. Во основа, тие трансформираа центар за изгореници „од ведро небо“, бидејќи центарот за изгореници е болничката единица со највисока компетентност“.

Поради промената на овие стандарди, Романија во моментов повеќе не испраќа пациенти со големи изгореници во странство.

Романија е малку подобра во однос на изгорениците со средна сложеност

Преживеаниот од „Колектив“ вели дека во споредба со 2015 година, ситуацијата во Романија е малку подобра денес.

„Во смисла дека изгорениците со средна сложеност може безбедно да се третираат во Романија, во една од болничките единици во Темишвар, во болницата Флореаска во Букурешт или во болницата Свети Спиридон во Јаши. Овие три одделенија можат безбедно да третираат изгореници со средна сложеност без никакви проблеми“, вели Грeчеа и додава:

„За жал, таму лечат и многу тешки случаи, кои требало да бидат примени во специјализирани центри за изгореници, кои кај нас ги нема, а кои требало да бидат префрлени во странство“.

Романските лекари, смета тој, се многу поискусни денес во лекување на тешки изгореници, но нема доволно такви здравствени установи.

„И без материјална и технолошка опременост на болница, и последно, но не и најмалку важно, без стерилни услови специфични за лекување на пациенти со тешки изгореници, не можете безбедно да практикувате медицина“, додава Гречеа.

„Громогласна“ тишина на плоштад Македонија за загинатите во пожарот во Кочани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Каков е моменталниот статус со изградбата на болници за големи изгореници?

Министерството за здравство во понеделникот објави дека за трите големи болници за изгореници во изградба, во најнапредна фаза се работите во болницата во Темишвар.

Рокот за завршување беше продолжен до 2026 година, а во меѓувреме почнаа и процедурите за набавка на опрема.

Министерството за здравство, преку Единицата за проектен менаџмент на Светска банка го спроведува Проектот за реформа на здравствениот сектор - со цел подобрување на квалитетот и ефикасноста на здравствениот систем.

Институцијата прецизира дека се работи за центри основани во окружната ургентна клиничка болница „Пиус Бринзеу“ во Темишвар (60% завршена), детската клиничка болница „Григоре Александреску“ во Букурешт (20% завршена) и Клиничката болница за итни случаи на округот Муреш (20% завршено).

„Проектот за овие центри, започнат во 2018 година, беше блокиран, без никаков напредок, на крајот на 2021 година. По преговорите меѓу Министерството за здравство и Светска банка, проектот беше обновен во 2022 година и продолжен до 2026 година. Новите згради во изградба за главните центри за изгореници вклучуваат операциони сали, анестезија-интензивна нега и постоечка врска со Употреба на интензивна нега“, соопштија и од Министерството за здравство.

Вкупната проценета вредност за постигнување на трите цели е приближно 220 милиони евра, а проценетиот рок за нивно завршување е крајот на 2025 година и првиот квартал од 2026 година.

Голем центар за изгореници може да се користи пет години по изградбата

Гречеа вели дека операционализацијата на ваков голем центар за изгореници трае околу пет години, барем во Холандија, каде што како што вели, бил на размена на искуства.

„Се работи за обука на дисциплински персонал, спроведување на посебни процедури. Тоа е исклучително сложена работа. Така што ќе треба уште многу време пред да имаме големи центри за изгореници во Романија“, вели Гречеа.

Во саботата вечерта (16 март), во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а 155 се повредени поради изгореници, вдишување чад или додека биле прегазени кога бегале кон единствениот излез од зградата.

Меѓународниот печат го спореди инцидентот во кочанската дискотека со трагедијата во клубот „Колектив“.

Романските власти им ги ставија на располагање воените авиони на Северна Македонија за транспорт на ранетите во други земји, но истакнаа дека во Романија нема достапни места за лекување на пациенти со изгореници.

XS
SM
MD
LG