Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива

Во моментов на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, информира денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

„Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување“, рече Клековски.

Видете и ова: Надеж за повредените и почит за настраданите во Кочани

Од утре Клековски рече дека фокусот ќе биде на планирањето на следните чекори, бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено.

„Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници“, посочи Клековски.

Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.

„Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалиста за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно“, појасни Клековски.

Директорот на Фондот рече дека со несреќи како пожарот во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и додаде дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.