Косовската претседателка Вјоса Османи побара од Европската Унија (ЕУ) да го третира Косово „еднакво“ во дијалогот во Брисел, по средбата на 17 март со Петер Соренсен, претставник на ЕУ за дијалогот Приштина-Белград.
Соренсен е во посета на Косово за прв пат по преземањето на функцијата на почетокот на февруари, за да се сретне со високи претставници од таа земја.
По средбата Османи оцени дека Косово „заслужува еднаков третман во процесот на дијалог и на патот кон ЕУ“.
„Косово веќе се покажа како конструктивна страна во дијалогот, посветена на мирот, демократијата и владеењето на правото, затоа континуираните неправедни мерки на ЕУ против нашата земја не им штетат само на нашите граѓани, туку и на неопходната рамнотежа во дијалогот“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.
Видете и ова: Што може да се очекува од Соренсен новиот ЕУ преставник за дијалогот Србија - Косово?ЕУ воведе казнени мерки за Косово во јуни 2023 година, бидејќи владата ги игнорираше повиците за деескалација на ситуацијата во северно Косово, каде живее мнозинско српско население.
Протестите, тензиите и немирите траат од крајот на 2022 година, кога Србите ги напуштија косовските институции поради инсистирањето на косовските власти да ги укинат српските регистарски таблички, додека ситуацијата кулминираше во септември 2023 година, кога вооружена група Срби во Бањска ја нападна полицијата и уби полицаец.
Соренсен ќе оствари и одделни средби со премиерот Албин Курти и првиот заменик-премиер задолжен за европски интеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими.
Ова е прва посета на Соренсен откако беше именуван за специјален пратеник за дијалог.
Иако официјално не е најавено, се очекува тој да се сретне и со претставници на политичките партии застапени во косовскиот парламент, со претставници на Српска листа, како и со претставници на граѓанскиот сектор и меѓународната заедница на Косово.
Косово и Србија водат дијалог преку Европската Унија од 2011 година. Досега се потпишани десетици договори, од кои многу не се спроведени на терен.
Затоа, на почетокот на 2023 година, ЕУ предложи Договор за патот кон нормализација на односите, кој двете страни го прифатија, а потоа се договорија за план за имплементација. Но, ниту овој Договор не е спроведен, а страните меѓусебно се обвинуваат дека го прекршуваат.