Достапни линкови

 
Што може да се очекува од Соренсен новиот ЕУ преставник за дијалогот Србија - Косово?

Што може да се очекува од Соренсен новиот ЕУ преставник за дијалогот Србија - Косово?


Мирослав Лајчак за прв пат по пет години нема да посредува во преговорите меѓу Косово и Србија. Европската унија одлучи нејзин нов пратеник за дијалог да биде Питер Соренсен.

Официјално почна со работа на 1 февруари и ќе се занимава само со дијалогот меѓу двете соседни земји, а не со регионалните прашања на Западен Балкан, како неговиот претходник.

Откако пред неколку недели почна да се споменува неговото име во медиумите, досега има позитивен став.

Еден од најчестите аргументи е дека овој 57-годишен дипломат го познава регионот.

И вистина е.

Беше ангажиран на Косово во рамките на Мисијата на Обединетите нации (УНМИК), како и на други задачи во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Како што истакнуваат политичките експерти, Соренсен нема потреба однапред да биде информиран за луѓето или историските факти од регионот, бидејќи тој веќе имал можност сам да го стори тоа.

Друг аргумент што властите во Приштина го наведоа како позитивен е дека тој е од Данска, земја која ја признава независноста на Косово и ќе има еднаков пристап до дијалогот.

Потеклото на посредникот во дијалогот стана многу важен елемент откако Лајчак ја презеде функцијата, додека Жозеп Борел беше шеф на дипломатијата на Европската унија.

Бидејќи едниот е од Словачка, а другиот од Шпанија, земји кои не ја признаваат независноста на Косово, и двајцата ги следеше темна сенка. Од обичните косовски граѓани до претседателот на земјата, Вјоса Османи, и двајцата беа обвинети за пристрасност, а во некои случаи и за застанување на страната на Србија.

Тие постојано ги негираа обвинувањата.

Овој проблем повеќе нема да постои. Сепак, периодот во кој Соренсен започнува со работа може да биде проблематичен.

Со оглед на изборите во Косово и политичката неизвесност во Србија – по оставката на тамошниот премиер – политичките набљудувачи очекуваат мал напредок, особено во првите шест месеци од мандатот на овој Данец.

Аднан Керимагиќ, аналитичар на Европската иницијатива за стабилност во Берлин, има целосна доверба во посветеноста на Соренсен да ја врши својата работа, но верува дека тоа не е доволно.

„Неговиот успех во исполнувањето на неговиот мандат ќе зависи од неговиот пристап, од контекстот во Косово и Србија. Најважно е што може да понуди ЕУ за да го зајакне неговиот мандат“, рече Керимагиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон пред неколку дена изјави дека изборот на Соренсен испраќа порака дека дијалогот останува високо на агендата на ЕУ.

Улогата на Германија и Франција

А што ЕУ во моментов има да им понуди на двете земји? Малку, да не кажеме ништо.

„Процесот на проширување е блокиран. ЕУ не е подготвена да го деблокира. Европскиот пат на Косово не се третира сериозно. Без клучните состојки, секој поединец на таа позиција би имал исклучително тешка задача да го спроведе“, оцени Керимагиќ споменувајќи ги и назадувањата на Србија во евроинтеграциите.

Извори на РСЕ во Брисел тврдат дека вистинскиот успех во дијалогот ќе зависи од притисокот и енергијата што ќе ја вложат главните земји од ЕУ во дијалогот, особено Германија и Франција.

Но, и тие сега се соочуваат со внатрешна политичка криза и, следствено, Соренсен нема да ја има зад себе политичката моќ што веројатно би ја сакал.

Сепак, според овие извори, едно е сигурно: нема да има враќање назад на обврските кои Косово и Србија ги презедоа и ќе треба да работат на спроведување на претходните договори.

Договорот постигнат во 2023 година во Брисел за патот кон нормализација на односите и Анексот за имплементација се сметаат за клучни за напредок.

Некои го обвинуваат Лајчак што не успеал да ги убеди партиите да го потпишат, додека за време на неговиот мандат како посредник некои оценија дека тој повеќе работел на кризен менаџмент.

Вклучување на Соединетите Американски Држави

Друг фактор кој е клучен за успехот на дијалогот се однесува на ангажманот на САД.

Често, американскиот претставник за Западен Балкан нуди поддршка за овој процес.

Оваа позиција моментално ја држи Александар Касаноф. Во јавните настапи тој ги повика двете страни да ги исполнат сите претходно преземени обврски.

Партиите преговараа од 2011 година и постигнаа многу договори, но не сите се спроведени.

ЕУ често ги потсетува двете страни дека напредокот во процесот на дијалог е поврзан со нивниот пат кон евроатлантските интеграции.

XS
SM
MD
LG