ЕУ размислува за заедничко финансирање на одбраната

Илустрација

Илустрација

Министрите за финансии на Европската унија на 10 март почнаа да разговараат за тоа како да се финансираат трошоците за одбраната преку ново заедничко задолжување, постоечките фондови на ЕУ и поголема улога на Европската инвестициска банка.

Разговорите на министрите уследија по состанокот на европските лидери минатиот четврток, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Украина и фрли сомнеж во посветеноста на Вашингтон кон европските сојузници.

Полскиот министер за финансии Анджеј Домански, кој претседава со разговорите, рече дека самитот ја потврдил „апсолутната политичка волја Европа да биде поодговорна за сопствената безбедност и да најде пари за масовното превооружување на Европа“.

Министрите ќе работат на предлогот на Европската комисија ЕУ да собере 150 милијарди евра со задолжување за заеми на владите за заеднички одбранбени проекти.

„Она за што Германија е многу отворена и што ние експлицитно го поддржавме е дека секогаш кога има вистински европски проекти во областа на одбраната, треба да се размислува и за заедничко финансирање“, рече германскиот министер за финансии Јорг Кукиес.

Едно од спорните прашања поврзани со заедничкото задолжување е од кого да се купат системи за оружје. Франција ја предводи групата земји кои претпочитаат да купуваат од европски компании, додека Германија е поотворена за купување надвор од Европа.

Долгогодишната дилема стана акутна откако Вашингтон го суспендираше обезбедувањето на Украина со разузнавачки информации, муниција и друга опрема, предизвикувајќи загриженост дека таа може да го стори истото со други земји, правејќи некои напредни системи за оружје бескорисни.

„Многу е важно средствата да се искористат за купување европски производи кои се дел од нашата стратешка автономија“, изјави францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.

Видете и ова: Четири работи околу клучните американско-украински разговори во Саудиска Арабија


Министрите, исто така, ќе разговараат за користењето на кохезионите фондови на ЕУ за плаќање на проекти со двојна употреба кои би биле од корист и за цивилите и за војската, како и за новата политика за кредитирање на ЕИБ, банка во сопственост на владите на ЕУ, за да се прошири опсегот на проекти за кои може да позајми и да се зголеми износот на пари на располагање.

Министрите во вторник ќе разговараат за тоа како да се променат фискалните правила на ЕУ за да се обезбеди простор за повеќе национални трошоци.

За да се отстранат бариерите на ЕУ, Комисијата предложи да им се дозволи на сите 27 влади на ЕУ да ги зголемуваат трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) секоја година во период од четири години, без да предизвикаат дисциплински чекори според правилата за долг на ЕУ на кои се заснова еврото.

Министрите ќе разговараат за проширување на сегашната дефиниција за трошоците за одбрана, која сега ја зема предвид само воената опрема. Сегашните правила не ја разгледуваат изградбата на фабрики за муниција и зајакнувањето на патиштата и мостовите за да им се овозможи на тенковите да минуваат како трошоци за одбрана, а многу влади сакаат да го променат тоа.