Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува оти односите со Белата куќа може да се спасат и покрај остриот јавен судир со американскиот претседател Доналд Трамп, што ги наруши разговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Средбата со Трамп на 28 февруари заврши тензично по напнатиот разговор во Овалната соба, при што Зеленски брзо си замина, а Трамп рече дека украинскиот лидер не го почитувал и дека може „да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.
Зеленски, кој треба да се сретне со европските лидери во Лондон за време на викендот – каде што веројатно очекува подобар прием – ја напушти Белата куќа без да го потпише договорот за минерали со Трамп што беше главната цел на состанокот, а заедничката прес-конференција беше откажана.
Во својот прв јавен коментар само неколку часа по тензичниот состанок, Зеленски во интервју за Фокс њуз рече дека го почитува Трамп и „се разбира“ верува дека односите може да се поправат бидејќи Украина не сака да го изгуби својот партнер.
Видете и ова: Анализа: Четири заклучоци од катастрофата во Овалната собаАмериканскиот државен секретар Марко Рубио подоцна излезе со нови опомени кон Зеленски, повикувајќи го украинскиот лидер да се извини што средбата во Белата куќа ја претворил во „фијаско“.
Рубио за Си-ен-ен рече дека Зеленски треба „да се извини што си го трошел времето на состанок што заврши така како што заврши“. Зеленски претходно во интервју за Фокс њуз рече дека не чувствува дека има за што да се извини.
Развојот на настаните покрена нови прашања за континуираната поддршка на САД за Украина во нејзината одбрана од руска инвазија.
„Денеска имавме многу значаен состанок во Белата куќа. Се разбраа многу нешта што не можеше да се разберат без разговор под таков оган и притисок. Неверојатно е што може да се покаже преку емоции и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи чувствува дека нашата вклученост му дава голема предност во преговорите“, напиша Трамп во објавата на неговата платформа „Truth Social“.
Тој додаде дека не сака предност, туку мир, а на Зеленски му порача дека „може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.
Зеленски за Фокс њуз изјави дека на Украина ќе и биде тешко да ја запре воената моќ на Кремљ без американска поддршка, но рече дека Киев нема да влезе во мировни преговори со Москва додека не добие безбедносни гаранции дека ќе нема уште една руска воена офанзива.
„Украина сака мир, а ние ќе имаме мир“, рече тој, додавајќи, сепак, дека тоа мора да биде „праведен и траен мир“ и дека „мора да бидеме во силна позиција“ за преговарање.
Видете и ова: Тензична средба меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќаВо коментарите пред новинарите додека заминуваше од Белата куќа кон својот имот на Флорида, Трамп рече дека Зеленски не изгледа како човек кој сака мир и дека „претерал“ на нивната средба во Белата куќа.
„Сакам прекин на огнот сега… веднаш“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа.
На прашањето на новинарите дали размислува да ја прекине воената помош за Украина, Трамп едноставно рече дека „не е важно што размислувам“.
На состанокот Зеленски изврши притисок за безбедносните обврски на САД и рече дека „не треба да има компромиси со убиец“, јасно мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, додека Трамп рече дека Украина ќе треба да направи отстапки и оти Киев треба да биде поблагодарен за поддршката на САД.
На нивната прва средба откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, двајцата лидери разменија ладни поздрави пред камерите, кревајќи го гласот и оживувајќи го спорот што Трамп го предизвика пред една недела кога ја обвини Украина за војната и го нарече Зеленски „диктатор“.
Трамп му рече на Зеленски и дека не се однесува „воопшто благодарно“.
„Се коцкате со Трета светска војна, а тоа што го правите е многу непочитување кон оваа земја која ве поддржа многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека требаше“, рече Трамп.
Како што може да се види и на видеоснимка од Овалната соба, Трамп и Зеленски се прекинуваа меѓусебно, а американскиот претседател му рече на својот посетител: „Твојата земја е во голема неволја. Ти не победуваш… Имаш проклето добри шанси да се извлечеш од ова благодарение на нас… Картите не се во твои раце“.
Состанокот внимателно се следеше за знаци околу тоа дали Соединетите Држави ќе се обврзат да обезбедат дополнителна помош за Киев или ќе ветат какви било конкретни безбедносни гаранции против понатамошна руска агресија како дел од каков било прекин на огнот или мировен договор.
Видете и ова: Што има, а што нема во договорот за минерали меѓу Украина и САД?Се очекуваше двајцата претседатели да потпишат рамковен договор за пристап на САД до минералните ресурси на Украина. Договорот, беше извор на расправии меѓу Трамп и Зеленски на почетокот на овој месец бидејќи тие не се согласуваа околу вредноста на договорот и отсуството на конкретни безбедносни гаранции.
Пред конфронтацијата, Зеленски им рече на новинарите во Белата куќа дека се надева оти договорот за минерали ќе биде чекор напред за Украина и рече дека сака подетално да разговара со Трамп за тоа што САД се подготвени да направат за неговата земја.
Трамп рече дека договорот со Киев ќе биде „многу фер“ и дека примирјето во руската војна против Украина е „прилично блиску“. Тој рече дека Украина ќе мора да направи компромиси.
Откако го отфрли повикот на Трамп за компромис, Зеленски му покажа на американскиот претседател слики од наводни руски злосторства.
Покрај средбата со претседателот Трамп, Зеленски соработуваше со клучни американски законодавци, влијателни религиозни фигури и тинк-тенкови за да ја зајакне поддршката за Украина, особено во Републиканската партија на Трамп.
Зеленски се состана со двопартиска делегација од Сенатот, каде Украина ужива силна поддршка, за да побара континуирана воена помош. Тој се сретна и со Френклин Греам, евангелистички лидер кој има влијание во Републиканската партија.