Можната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе зависи од тоа дали ќе биде постигнат напредок за завршување на војната во Украина, изјави на 20 февруари американскиот државен секретар Марко Рубио.
Рубио разговараше со американската новинарка Кетрин Хериџ во интервју емитувано на платформата Х.
Тој рече дека му рекол на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на нивната средба на 18 февруари во Саудиска Арабија дека нема да има средба „се додека не знаеме за што ќе биде состанокот“.
„Ваквите состаноци обично не се одржуваат „додека не знаете некој исход или дали некој напредок е постигнат“, додаде тој.
На разговорите во Ријад, Русија и САД се согласија да формираат тимови за да преговараат за патот до завршување на војната што започна кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. И Путин и Трамп рекоа дека сакаат да одржат средба.
„Значи, мислам дека кога ќе се случи тој состанок во голема мера ќе зависи од тоа дали можеме да постигнеме некаков напредок за завршување на војната во Украина, и ако можеме, а тој состанок е она што го запечатува договорот, мислам дека сите треба да слават дека претседателот Трамп е миротворец“, рече тој.
Трамп се залагаше за брз договор за ставање крај на војната, но неговата тактика ги вознемири Украина и европските влади бидејќи стравуваат дека Русија и САД би можеле да склучат договор што ги игнорира нивните безбедносни интереси.
Трамп на 19 февруари ги шокираше Украина и нејзините европски сојузници нарекувајќи го претседателот Володимир Зеленски „диктатор“ и лажно ја обвини Украина за целосната инвазија на Русија.
Видете и ова: Трамп го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и го повика „брзо да си замине“Лавров на 20 февруари присуствуваше на состанокот на Групата 20 нации во Јужна Африка и на маргините се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Рускиот шеф на дипломатијата рече дека односите на Русија со Кина „станаа и остануваат сè позначаен фактор за стабилизирање на меѓународната ситуација“, се наведува во соопштението објавено од руското Министерство за надворешни работи.
„Ванг им рече на другите министри за надворешни работи на Г-20 дека се отвора „прозорец за мир“ за Украина, а Кина ги поддржува „сите напори кои придонесуваат за мир“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Групата Г-20 е составена од 19 од најголемите светски економии, Европската Унија и Африканската унија. Јужна Африка моментално претседава со организацијата, чија цел е да ги зближи развиените и земјите во развој за да создадат основа за глобална економска стабилност и да ја поттикнат соработката.
Рубио одлучи да не присуствува на дводневниот состанок на Г20 поради тензиите со Јужна Африка поради некои од нејзините политики кои администрацијата на Трамп ги карактеризира како антиамерикански. САД беа претставени од Дејна Браун, нивен вршител на должноста амбасадор во Јужна Африка.