Американскиот претседател Доналд Трамп има „цврста“ стратегија да стави крај на војната во Украина во рок од неколку месеци, изјави неговиот специјален претставник за Украина и Русија, Кит Келог.
„Би рекол дека зборуваме за месеци, а не за години. Имаме солиден акционен план“, изјави Кит Келог за Fox News во петокот.
Наведувајќи дека Трамп е одличен во склучувањето договори, Келог рече дека американскиот претседател работи на лостовите на влијание и врз Киев и врз Москва, бидејќи „знае каде да притиска, а каде не“, објави Украинската служба на РСЕ.
Келог, пензиониран генерал-полковник задолжен да ги води преговорите за завршување на војната, нагласи дека „решавањето на руско-украинската војна е во национален безбедносен интерес на САД“.
Видете и ова: Трамп бара од Мадуро безусловно да ги прифати депортираните ВенецуелциТрамп во петокот рече дека тој и рускиот претседател Владимир Путин наскоро би можеле да разговараат и да објават нешто значајно за ставање крај на конфликтот во Украина.
„Ќе разговараме и мислам дека можеби ќе направиме нешто што ќе биде значајно“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа. „Сакаме да ставиме крај на оваа војна.
Тој додаде дека неговата администрација веќе имала „многу сериозни разговори за таа војна“ во обид да ја прекине. „Тоа е само бесмислена ситуација и мора да престане.
Трамп не кажа кој во неговата администрација е во контакт со Русите, но инсистираше на тоа дека двете страни „веќе разговараат“. Тој одби да каже дали е вклучен во тие разговори.
Трамп минатата недела рече дека би сакал веднаш да се сретне со Путин за да обезбеди крај на руската инвазија на Украина. Тој додаде дека врз основа на она што го слушнал, Путин сакал да го види.
„Секој ден додека не се сретнеме, војниците умираат на бојното поле“, рече тој минатата недела.
Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сега тој вели дека се надева дека ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.
Тој, исто така, за време на кампањата тврдеше дека Русија никогаш немаше да ја нападне Украина доколку тој беше претседател и тоа тврдење го повтори во своето обраќање во петокот.
Трамп беше многу критичен за помошта што Вашингтон му ја даде на Киев и рече дека Украина требаше да направи отстапки на Путин во месеците пред Русија да ја започне инвазијата пред речиси три години.
Видете и ова: Путин вели дека е подготвен за мировни преговори, но не со ЗеленскиВо неодамнешното интервју за руската државна телевизија, Путин го пофали Трамп како „паметен и прагматичен човек“ кој е фокусиран на интересите на САД.
„Отсекогаш сме имале деловен, прагматичен, но и доверлив однос со актуелниот американски претседател“, рече Путин.
Путин оваа недела ја отфрли можноста за директни мировни преговори со Зеленски, велејќи дека не го смета за легитимен лидер на Украина, бидејќи минатата година не беа одржани избори.
Претседателските избори во Украина требаше да се одржат на 31 март 2024 година, но тие беа одложени бидејќи земјата се уште е во вонредна состојба поради војната.