Рускиот претседател Владимир Путин повторно ја отфрли можноста за директни мировни преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „нелегитимен“. Тоа, пак, го натера украинскиот лидер да го обвини Путин дека се „плаши“ од преговори за ставање крај на речиси тригодишната војна.
„Можете да преговарате со кој било, но поради неговата нелегитимност, тој [Зеленски] нема право да потпише ништо“, изјави Путин за државната телевизија „Русија 1“ доцна вечерта на 28 јануари.
Доколку Зеленски биде присутен, рускиот претседател вели дека тој нема директно да учествува во преговорите, туку на негово место ќе назначи свои претставници.
Видете и ова: Зеленски - Откажувањето на Украина од нуклеарките беше „апсолутно глупаво“Путин неколку пати изјави дека не го смета Зеленски за легитимен лидер бидејќи петгодишниот мандат на украинскиот претседател, како што наведе, требаше да заврши минатата година на 20 мај.
Изборите требаше да се одржат на 31 март 2024 година, но беа одложени бидејќи земјата сè уште е во воена состојба поради сеопфатната инвазија од Русија.
Зеленски, кој според Уставот мора да продолжи да ги извршува претседателските должности додека не се избере нов шеф на државата, на тврдењето на Путин одговори дека рускиот лидер е пречка за преговорите за прекин на огнот.
„Денеска Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, дека се плаши од силни лидери и дека прави се за да ја продолжи војната. Сега гледаме дека постои можност да се постигне вистински мир, но Путин е тој што прави се за – или да продолжи со убивањето луѓе наместо со мир, или да направи пауза за да се подготви за нова целосна инвазија во иднина, со хибридни напади“, напиша Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Видете и ова: Соборени стотина украински дронови, запалена рафинерија во Нижни НовгородУкраина е во воена состојба откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година, а за организира избори во воена состојба мора да направи законски измени.
Додека во јавноста излегуваат информации дека заткулисните разговори за ставање крај на конфликтот се забрзани по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп на 20 јануари, Зеленски побара од САД да извршат притисок врз Москва да стави крај на војната против Украина.
Откако ја презеде функцијата, Трамп се закани дека ќе воведе високи даноци, царини и санкции за сите стоки кои доаѓаат од Русија во САД и другите земји, доколку Москва не седне на преговарачка маса.
„Ако не постигнеме ’договор‘ и тоа наскоро, немам друг избор освен да воведам високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија продава на САД и на разни други земји учеснички“, порача Трамп на 22 јануари.
Видете и ова: Трамп во Давос изјави дека Украина е подготвена за договор и дека гарантира испорака на гас за ЕвропаРечиси една година Украина постојано го губи теренот на бојното поле, додека поголемата и подобро вооружената руска армија ја уништува украинската одбрана и нанесува големи загуби.
Еден од најголемите проблеми на Киев беше да регрутира доволно мажи за да ги надополни исцрпените единици. Владата го ревидираше својот систем за мобилизирање минатата година, но украинските сили на фронтот сè уште се помалубројни.
Зеленски, исто така, се спротивстави на намалувањето на старосната граница за регрутирање мажи од 18 години, велејќи дека тоа демографски ќе ја десеткува земјата.