Следните десет дена ќе се знае дали во Србија ќе има нови избори, вели Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 28 јануари изјави дека во следните десет дена ќе се знае дали владејачката коалиција ќе предложи нов мандатар или ќе се одржат нови парламентарни избори, откако премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка.

Според Вучиќ, откако парламентот ќе ја потврди оставката на премиерот, ќе започне 30-дневна процедура за избор на нова влада. Доколку тоа не се направи, ќе се распишат избори.

Вучиќ рече дека ќе организира консултации со сите парламентарни партии за понатамошните чекори.

„Во следните десет дена ќе донесеме одлука дали ќе одиме на избори или ќе бидеме дел од новата влада. Ние како Српска напредна партија (СНС) се уште немаме кандидат“, рече Вучиќ.

Оваа изјава Вучиќ ја даде на прес-конференција по вонредна седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и тој. Инаку денеска во неколку градови во Србија, студентите повторно организираа протести на 28 јануари, откако група мажи кои ноќта меѓу понеделникот и вторникот ги напуштија канцелариите на владејачката Српска напредна партија (СНС) ги нападнаа студентите кои во близина лепеа пропаганден материјал.

Во нападот тешко е повредена една студентка, а четири лица се уапсени и обвинети за насилничко однесување. Нападот се случи неколку часа откако претседателот Александар Вучиќ вечерта на 27 јануари испрати помирувачки пораки и уште еднаш повика на дијалог со студентите кои блокираат десетици факултети во земјата од крајот на ноември.

Видете и ова: Млекарите 24 часа ги блокираат регионалните патишта во Србија

Како што рече, Ивица Дачиќ, претседател на Социјалистичката партија на Србија и коалициски партнер на СНС, „веќе изјави дека не е за нови избори“.

Милош Вучевиќ претходно во вторникот објави дека поднесува оставка, откако активисти на СНС претепаа група студенти кои лепеа пропаганден материјал во близина на просториите на партијата во Нови Сад.

Во нападот тешко е повредена една студентка. Нападот се случи откако претседателот, премиерот и претседателот на Народното собрание објавија дека се сисполнети сите барања на студентите, кои два месеца блокираат десетици факултети и бараат политичка и кривична одговорност за смртта на 15 лица при уривањето на настешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Во врска со нападот врз студентите пред просториите на СНС во Нови Сад, Вучиќ рече дека „нападите на просториите на таа партија траат со денови и недели“.

Тој рече дека тоа се повторило ноќта меѓу 27 и 28 јануари во Нови Сад.

„Речиси секогаш истите луѓе од истата анархистичка група во Нови Сад почнаа да чкртаат и да ставаат матрици по партиските простории. Момците од партиските простории излегоа, ги оттурнаа и ги тргнаа од таму“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека до тој момент „се беше во ред“, а потоа се случи „нешто скандалозно што не го разбираме“.

„Тие момци почнаа да ги бркаат оние што ги поставуваа тие шаблони низ улиците на Нови Сад и на крајот повредија една девојка“, рече Вучиќ.

Тој рече дека луѓето кои ги претепале студентите нанеле „голема штета на Србија, на нивната партија, на секој од нас“.

Вучиќ рече дека „тешко ја прифатил“ оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ, бидејќи добро си ја завршил работата и „не направил ништо лошо“.

Вучиќ рече дека во Србија се поддржува „незаконско однесување“ на сите нивоа и праша што ќе се случи ако активистите од СНС почнат да „гребат простории на други партии“.

Поради нападот врз студентите во Нови Сад, академици организираа протести во повеќе градови во Србија.

Видете и ова: ЕУ ја следи ситуација во Србија по протестите и оставката на премиерот Вучевиќ

Студентите повеќе од два месеци блокираат повеќе од 60 факултети и бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања на студентите.

Академиците, пак, велат дека барањата не се исполнети и дека прекинот на работата на факултетите ќе продолжи до понатамошно известување.

Неколку масовни протести, на кои присуствуваа десетици илјади граѓани, се одржаа во последните недели на повик на студентите кои ги блокираа универзитетите.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица во врска со уривањето на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура на Железници на Србија“ Јелена Танасковиќ.

10 обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.