ЕУ реагира на учеството на српски официјални претставници на неуставниот Ден на Република Српска

Одбележување на Денот на Република Српска, 9 јануари 2025

Европската Унија и порачува на Србија дека очекува од оваа земја да биде подеднакво посветена на европската перспектива на Босна и Херцеговина, како единствена, обединета и суверена земја како и сите други меѓународни партнери.

По повод учеството на претставници на државните институции на Србија на одбележувањето на неуставниот ден на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС), од Брисел велат дека регионалната соработка и добрососедските односи се суштински дел од напредокот на патот кон европската интеграција.

„Треба да се избегнуваат дејствија и изјави кои негативно влијаат на добрососедските односи и придонесуваат за политички поделби“, се вели во реакцијата на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.

Во Република Српска, 9 јануари се слави како Ден на РС.

Во одбележувањето на овој ден редовно учествуваат и претставници од Србија.

Видете и ова: САД ставија три лица на „црната листа“ поради одбележување на Денот на Република Српска

Годинава, меѓу другите, во име на Србија учествуваа премиерот на земјата Милош Вучевиќ, како и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Во 2015 година, Судот на Босна и Херцеговина го прогласи овој датум за неуставен. Уставниот суд на БиХ не го оспори правото на Ден на РС, но утврди дека Денот на РС не може да биде 9 јануари.

И Европската Унија посочува дека одбележувањето на овој ден е противуставно.

„ЕУ нагласува дека мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународниот идентитет на Босна и Херцеговина. ЕУ го повикува политичкото раководство на ентитетот Република Српска да се воздржи од провокативни реторика и акции за поделба, вклучително и поставување на прашањето за суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ.

Видете и ова: Српски авиони не смеат да прелетаат над БиХ на 8 и 9 јануари

ЕУ апелира до сите политички актери во Босна и Херцеговина да преземат решителна акција со цел да се спроведат потребните реформи на патот на ЕУ кон отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Европската Унија ја повторува својата целосна посветеност за Босна и Херцеговина да се приклучи на Унијата како единствена, обединета и суверена земја.

По повод одбележувањето на тој ден, претходно говореше и високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, кој оцени дека одбележувањето на 9 јануари како Ден на РС е јасно и директно непочитување на обврзувачките одлуки на Уставниот суд на БиХ, како и на одлуката на високиот претставник од 1 јули 2023 година

Исто така, Амбасадата на Соединетите Држави во Сараево изјави дека САД очекуваат органите за спроведување на законот и судските власти во БиХ да преземат брзи и решителни мерки за да го истражат секое прекршување на законот во врска со прославата на неуставниот Ден на РС.