Два дена откако беше прекината испораката на рускиот природен гас поради истекот на договорот за снабдување со Украина, молдавската државна компанијза за трговија со енергија АД „Енергоком“ соопшти дека ќе покрие 100 отсто од потрошувачката на електрична енергија.
На 2 јануари „Енергоком“ соопшти дека потрошувачката на 3 јануари се очекува да биде поголема за околу 10 проценти, но дека сепак ќе ја покрие побарувачката.
„Потрошувачката на електрична енергија на десниот брег на реката Днестар е целосно покриена во првите два дена од годината“, објави на 2 јануари владината кризна група.
Компанијата наведува дека, покрај локалното производство од топланите во Кишињев и Балта и локални обновливи извори на енергија, струја ќе се купува и надвор од земјата.
Кризната група, основана на 26 декември, соопшти дека на 1 јануари речиси половина од потрошувачката на електрична енергија во земјата била покриена со увоз од Романија и дека нема потреба да се активираат договори за вонредни ситуации.
Властите во Кишињев, пак, потврдија дека отцепениот регион Придњестровје, кој е без природен гас од 1 јануари, добива електрична енергија откако електраната што го опслужува регионот се префрли на работа на јаглен.
Според јавните податоци, Тираспол има резерви од околу 70 000 тони јаглен, што би можело да ја покрие потрошувачката на регионот за 30 до 50 дена. Општинската администрација во Тираспол, соопшти дека има резерви на природен гас од околу 13 милиони кубни метри, што е доволно за околу 20 дена.
Видете и ова: ЕК:Нема проблеми со гасот по истекот на договорот меѓу Русија и УкраинаСепак, жителите на најмалку 11 заедници во близина на Тираспол немаа природен гас, греење и топла вода на 1 јануари. Градот има поставено 30 пунктови каде што луѓето можат да се соберат да се загреат и да јадат топли оброци. Според снабдувачот Тирасполтрансгаз, во меѓувреме, околу 115 000 домаќинства добиваат природен гас само за готвење.
„Засега ситуацијата не е критична“, изјави еден човек од градот Тигина за молдавскиот сервис на РСЕ на 2 јануари, истакнувајќи дека досега успеал да се извлече користејќи електричен шпорет.
Одлуката на Украина да не го обнови договорот со кој се дозволува проток на руски гас низ нејзината територија го продлабочи јазот меѓу Киев и Братислава.
Видете и ова: Русија ја прекина испораката на гас за Европа преку УкраинаСловачкиот премиер Роберт Фицо на 2 јануари изјави дека словачката влада ќе разговара за одмазднички мерки, вклучително и прекин на снабдувањето со електрична енергија за Украина, намалување на помошта за украинските бегалци и барање да се врати транзитот на гас или компензација за загубите.
Словачка има алтернативни испораки на гас, но Фицо вели дека Словачка ќе ги загуби сопствените транзитни приходи и ќе плати дополнителни транзитни такси за увоз на неруски гас. Тој додаде дека словачката делегација ќе разговара за ситуацијата во Брисел следната недела, а потоа неговата владејачка коалиција ќе размисли за одмазда за, како што рече, „саботажата“ од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На 1 јануари Зеленски изјави дека крајот на испораката на природен гас во Европа преку гасоводот што минува низ Украина е голем пораз за рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи ја Москва дека „ја користи енергијата како оружје“.