Европската Унија најави дека е целосно подготвена да се справи со намалувањето на дистрибуцијата на руски гас за Европа, предизвикано од одлуката на Украина да го прекине транзитот на енергенсот преку нејзина територија од 1 јануари годинава.
Европската комисија истакна дека овој прекин на дистрибуцијата на гасот нема да предизвика позначајни проблеми, имајќи предвид дека по мерките за намалување на зависноста на ЕУ од руски енергенси, преземени по инвазијата на Москва врз Украина, преку украинска територија се транспортираат само околу пет проценти од вкупниот увоз на природен гас во Унијата.
„Повеќе од една година конкретно работиме на адаптирање на сценарио без транзит на руски гас преку Украина“, информира Европската Kомисија.
Како резултат на овие подготовки зајакната е гасната инфраструктура на Унијата и се преземени напори за обезбедување на алтернативни извори за снабдување со енергенсот на земјите погодени од украинската одлука.
Операторот за дистрибуција на енергенсот „Украински систем за пренос на гас“ (ОГТСУ) соопшти дека од вчера (1 јануари) „испораките преку единствената влезна точка за руски гас во Украина се сведени на нула“.
Петгодишниот договор со рускиот државен оператор „Газпром“ за транспорт на руски гас преку територијата на Украина беше склучен во 2019 година. Неговата важност истече на 1 јануари и Киев одби да го продолжи како реакција на инвазијата на Русија врз земјата.
Видете и ова: Русија ја прекина испораката на гас за Европа преку УкраинаУште од почетокот на руската инвазија врз во Украина во февруари 2022 година, ЕУ започна со преземање мерки за намалување на зависноста од руски енергенси, но неколку источноевропски држави голем дел од нивните енергетски потреби се уште ги обезбедуваат од Русија.
Австрија уште во декември реши да го раскине договорот за „Газпром“ за снабдување со руски гас обезбедувајќи алтернативни извори, додека Бугарија и Унгарија, заедно со Србија, најголем дел од енергенсот го обезбедуваат преку гасоводот „Турски поток“. На овој начин, украинската одлука најмногу ги погоди Молдавија и Словачка.
Како одговор на украинската одлука, Молдавија воведе 60-дневна вонредна состојба за справување со недостигот на енергенсот, согласно која се ограничува потрошувачката на енергија, осветлувањето во јавните згради и употребата на лифтови. Дополнително, „Газпром“ уште во саботата соопшти дека ќе ја запре испораката на гас за Молдавија поради „спор околу долгот“ на земјата.
Кишињев ваквата најава на рускиот оператор ја оквалификува како „угнетувачка тактика“ на Москва.
Од друга страна, Словачка жестоко ја осуди на постапката на Украина, при што словачкиот премиер дури упати и писмо до Брисел реагирајќи на украинската одлука
Фицо дури лично отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, за да изнајде начини за продолжување на снабдување на Словачка со гас од Русија.
Тој се закани и со прекин на снабдувањето на Украина со електрична енергија преку енергетската мрежа што минува низ Словачка, во услови кога на земјата и е потребен увоз на струја од странство, затоа што украинската инфраструктура оштетена од руско систематско бомбардирање со своето производство не може да ги задоволи домашните потреби.