Вработени во службата за регистрација - осомничени за шверц на луксузни автомобили

Илустрација, луксузни автомобили

Двајва вработени во управни служби за регистрација на возилата се меѓу десетмината осомничени за шверц на луксузни автомобили, соопшто Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека по спроведена претходна постапка и врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе поведе постапка против вкупно 10 лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.

„ Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Обвинителството и МВР во потрага на шверцери на скапи автомобили

Во него е посочено дека шверцуваните возила биле регистрирани во земјава и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

„Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција.“, е посочено во обвинителското соопштение.

Полицијата денеска вршеше претреси во Скопје, Битола, Неготино, Дојран, Гевгелија, во потрага по криминална група која шверцувала скапи возила од ЕУ.