Руските власти на 18 декември објавија дека уапсиле државјанин на Узбекистан кој признал дека поставил експлозивна направа во која загина висок руски офицер.
Генерал-полковник Игор Кирилов и неговиот помошник беа убиени од бомба скриена во скутер пред влезот на зграда во Москва рано на 17 декември.
Иако ниту еден поединец или група официјално не ја презеде одговорноста за убиството, извор од украинската безбедносна служба СБУ за РСЕ изјави дека експлозијата била резултат на специјална операција на СБУ.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во соопштение од 18 декември наведе дека неименуваниот осомничен бил регрутиран и обучен од украинските специјални служби.
ФСБ објави дека осомничениот, по инструкции од Украина, „пристигнал во Москва, добил рачно изработена експлозивна направа со голема моќност и ја ставил на електричен скутер, кој го паркирал во близина на влезот во куќата на генерал Игор Кирилов“.
Во соопштението се наведува дека осомничениот ја активирал бомбата кога Кирилов и неговиот помошник излегувале од зградата.
„Неименуваниот осомничен, кој е роден во 1995 година, добил 100 000 долари за убиството, како и престој во европска земја“, се вели во соопштението и се додава дека на осомничениот му се заканува доживотен затвор за наводното кривично дело.
„Украинските специјалци вклучени во организацијата на терористичкиот напад ќе бидат пронајдени и ќе ја добијат заслужената казна“, соопшти ФСБ.
Видете и ова: Во експлозија во Москва загинал руски генерал и неговиот заменик, Киев ја презеде одговорностаКирилов е највисокиот руски воен офицер кој е убиен во очигледен атентат од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Убиството на Кирилов доаѓа ден откако СБУ објави дека украинските обвинители го обвинија дека е одговорен за употреба на хемиско оружје против украинските војници за време на војната што започна со руската инвазија на Украина.
СБУ соопшти дека руските сили користеле хемиско оружје речиси 5000 пати за време на војната во Украина под водство на Кирилов. Тврдењето не можеше да се потврди независно.
Руските трупи за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита (РКхБЗ) се специјални сили кои дејствуваат во услови на радиоактивна, хемиска и биолошка контаминација.
Кирилов е еден од бројните руски офицери и провоени фигури кои се убиени во Русија и делови од Украина под руска окупација. Неговата смрт дојде една недела откако висок функционер на руска компанија која развива крстосувачки ракети користени од Москва во војната, наводно, бил застрелан надвор од главниот град.