Министрите на ЕУ одобрија нови санкции против руската „флота во сенка“

Илустративна фотографија.

Министрите за надворешни работи на Европската унија го усвоија 15-тиот пакет санкции против Русија, коишто се насочени кон танкери кои превезуваат руска нафта. Мерките доаѓаат во рамки на обидите на ЕУ да спречи заобиколување на претходните мерки воведени за да се намали способноста на Москва да води војна против Украина.

„Овој пакет санкции е дел од нашиот одговор да ја ослабнеме руската воена машина и оние кои ја овозможуваат оваа војна, вклучително и кинеските компании“, изјави на 16 декември високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.

Таа додаде дека овие мерки „го покажуваат единството“ на членките на ЕУ во „континуираната поддршка за Украина“, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Наш непосреден приоритет е да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција. Ќе застанеме покрај украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарниот, економскиот, политичкиот, дипломатскиот и воениот. Нема сомнеж дека Украина ќе победи“, додаде Калас.

Европскиот совет објави дека се согласил за значителен пакет мерки против 54 поединци и 30 ентитети „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.

Видете и ова: ЕУ засега нема да санкционира Грузијци поради насилно задушување на протестите

Меѓу санкционираните е и воената единица одговорна за нападот на детската болница Окмадит во Киев, како и високи менаџери на водечки компании во рускиот енергетски сектор и лица одговорни за депортацијата на украинските деца и двајца „високи“ севернокорејски функционери.

Таканаречената руска „флота на танкери во сенка“ е група стари, неосигурени нафтени бродови што се користат за да се заобиколат западните санкции и да продолжат да заработуваат од продажба на нафта. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи.

„Мора да продолжат напорите за дополнително ограничување на способноста на Русија да води војна“, се вели во нацрт-изјавата за заклучоците што се подготвува за самитот на ЕУ што ќе се одржи оваа недела.

Во нацрт-изјавата, до која РСЕ имаше пристап и која може да се промени, се додава дека Европскиот совет „остро ги осудува“ Иран и Северна Кореја за помагање во одржувањето на „руската агресивна војна против Украина“.

ЕУ соопшти дека зголемувањето на воената соработка меѓу Москва и Техеран и испраќањето на севернокорејски војници на фронтот има „сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност“ и ги повика двете земји да престанат да ѝ помагаат на Русија.

ЕУ ќе продолжи финансиски да ѝ помага на Украина за да се спротивстави на руската инвазија, со планови да исплати на Киев вкупно 18,1 милијарди евра во 2025 година, почнувајќи од јануари.

Видете и ова: Како би можел да изгледа украинскиот мировен план

Во врска со случувањата во Сирија, ЕУ го поздрави падот на „криминалниот режим“ на Башар ал Асад и повика на „инклузивен политички процес кој би ја водел Сирија“ кон формирање влада што ќе ги штити правата на малцинствата.

Се додава дека од шефот на европската дипломатија ќе биде побарано „да подготви опции за мерки за поддршка на Сирија“.

По повод војната во Појасот Газа, ЕУ повикува на „итен прекин на огнот“ и безусловно ослободување на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас, која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка.

ЕУ, исто така, го повтори својот став за решението со две држави за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и воспоставување „праведен и траен мир“.

Самитот на ЕУ ќе се одржи во Брисел на 19 декември.