Вреди: ДУИ го изгласала Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста

Коалиција ВРЕДИ

Коалиција ВРЕДИ

Не поминуваат триковите на ДУИ кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа, Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача денеска Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди, по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот.

„Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик“, рече Имери – Стафаи.

На средбата, додаде, опширно било разговарано за последните случувања поврзани со опозициската ДУИ, која вчера започна иницијатива за одбрана на јазикот со деноноќно присуство пред Уставниот суд, се до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

„Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон. Корупцијата од 20 години има своја сметка, тоа ви го одзема секое чувство за одговорност и ве прави неподобен за одбрана на националните вредности“, порача Имери – Стафаи.

Видете и ова: Седницата на Уставен суд за Законот за употреба на јазиците на 11 декември

Вчера, пред Уставниот суд се собраа активисти на опозициската ДУИ.

Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ) денеска ќе одржи и состанок на којшто ќе одлучува за следните чекори. Интегративците најавија дека почнуваат со иницијатива „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.